Извештај

Државните реклами во медиумите на прва „лицитација“

Јавна расправа за предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Среде лето и пеколни температури, уште пожешка дискусија во Клубот на пратеници.

Таму министерот за информатичко општество, Азир Алиу, во улога на модератор, цели два часа, член по член на присутните им ги читаше предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

А присутни беа директори на телевизиите, уредници, претставници на граѓанскиот сектор, експерти и новинари. На јавната расправа не беше присутен директорот на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски. Средбата ја бојкотираа претставници на седум новинарски организации со ставот дека се против владините кампањи во медиумите.

Министерот Алиу на јавната расправа | Фото: БИРН

Ден претходно во сандачињата на заинтересираните стигнаа предложените измени со најава за јавната расправа.

Клучно во измените е што со предложениот закон се воведуваат кампањи од јавен интерес во форма на реклами кои ќе се емитуваат на телевизиите.

Со таа промена, државата и општините, не само што ќе имаат можност, туку ќе имаат обврска да пуштаат јавни кампањи на комерцијалните телевизии и радија со пари на граѓаните, како што беше пракса пред 2019 година.

Нацрт-текстот предлага законски измени, со кои, секоја година ќе се делат околу четири милиони евра за кампањи од јавен интерес.

На почетокот Алиу рече дека ова е прва ваква јавна расправа, по многу состаноци на работните групи. Најави уште една ваква расправа.

Кажа и дека до почетокот на јавната расправа стигнале 17-тина коментари од заинтересирани.

„Би сакал да коментираме“, најави министерот.

Како на лицитација

Директорот на Канал 5 и претседателката на МАН | Фото: БИРН

На моменти дискусијата наликуваше на лицитација на процентите од буџетот кои ќе добиваат петте национални телевизии, и процентите кои ќе ги добиваат сите останати.

Во законските измени се предлага тој однос да биде 75% за националните, а 25% за сите останати. Претставниците на националните телевизии побараа тој износ да биде повисок, односно, како што рече директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, тој износ да биде 85% наспрема 15%

Претставникот од телевизија Коха, пак, рече дека тој износ да биде 50% со 50%.

Во дебатата учествуваше и Дарко Перушевски, директор на стриминг платформа, кој побара 5% да бидат предвидени и за овие онлајн платформи.

Присутните на расправата | Фото: БИРН

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите праша дали ако кампањата од јавен интерес е за млади не е пологично да оди на онлајн медиуми, бидејќи младите ги користат социјалните мрежи.

На тоа се спротиставија претставниците од телевизиите.

Разидувања имаше и околу комисијата во Собранието која ќе треба да го распише огласот за кампања од јавен интерес и да одлучува што од предлозите ќе помине.

Како е можно, прашаа претставниците на граѓанските организации, политичари да одлучуваат што е кампања од јавен интерес. Тоа, предложија да го направи стручно или мешано тело, во кое ќе има претставници на Здружението на новинарите, новинарскиот синдикат и други сродни организации.

На тоа се надоврза комуникологот Климе Бабунски, кој рече дека јавниот интерес 30 години во Македонија е „безобразно политизиран“.

Присутните го отворија и прашањето дали треба телевизиите за парите што ќе ги добиваат од државата да поднесуваат извештај.

„Тоа е лудило државата да пропишува како приватно правно лице ќе ги троши парите“, рече Мирчевски.

Кабелските оператори да им плаќаат на телевизиите

Владата да определува минимален и максимиален износ на надоместокот што операторите би им го плаќале на телевизиите | Фото: БИРН

На критика од граѓанските организации, кои учествуваа во дебатата, наиде предложената одредба дека ќе треба кабелските оператори на националните телевизии да им плаќаат надоместок за емитувањето. Предлогот е Владата да го утврдува максималниот и минималниот износ на надоместокот според бројот на претплатници на услугите.

Тие сметаат дека не е работа на Владата да уредува дали некој некому ќе плаќа, бидејќи тоа е комерцијално прашање и треба да се решава во Законот за електронски комуникации.

Немаше дискусија за предлогот за задолжителното продолжување на дозволите за работа на телевизиите за период од девет години.

Имено, предложените измени на законот предвидуваат Агенцијата за медиуми задолжително да ги продолжи националните концесии на девет години, доколку телевизијата нема правосилна пресуда за кршење на одредбите од Законот за АВМУ.

Тоа значи дека на Агенцијата де факто и се одзема контролната функција да прави проверки за исполнување на условите што телевизиите треба да ги исполнат за добивање концесија.

Според министерот законските измени дополнително ќе се дискутираат и тој очекува дека до крајот на годинава ќе бидат усвоени. Првиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е донесен во 2013 година. Оттогаш до денес е променет 12 пати или во просек по еднаш годишно.