Извештај

Законски загарантирани државни пари за приватни медиуми

Партиско тело ќе одредува што се кампањи од јавен интерес

Пред четири години, власта „си ги врза рацете“ за да одлева народни пари во приватните телевизии и радија.

Но, тоа така ќе биде уште кратко време.

Со потпис на петмина пратеници од владејачкото мнозинство и по скратена постапка, утре во парламентот, меѓу последните точки на дневен ред ќе се најде дополнувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со таа промена, државата и општините, не само што ќе имаат можност, туку ќе имаат обврска да пуштаат јавни кампањи на комерцијалните телевизии и радија со пари на граѓаните, како што беше пракса пред 2019 година.

На 30-тина страници, власта на Собранието му предлага законски измени, со кои секоја година ќе се делат меѓу три и пол и четири милиони евра за кампањи од јавен интерес.

Финансирањето на медиумите стана законско

„Членот 102 се брише“, пишува во предлог-законот за медиуми | Фото: БИРН

Насмевнете се, отворете го срцето, јадете здраво, имајте трето дете, возете внимателно… Ова беа рекламните слогани за јавни кампањи, со кои, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со години истураше милиони евра во комерцијалните телевизии и радија.

Со тоа фактички се поткупуваа медиумите, а нивното корумпирање лесно се гледаше преку купување на нивната наклонетост во уредувачката политика. Тоа беше причина власта предводена од СДСМ, на два дена пред крајот на 2018 година, да го измени Законот за медиуми и да воспостави мораториум за државни реклами на приватните медиуми.

„Виновен“ за тоа беше членот 102, кој ја бетонира праксата на државно рекламирање. Ама оваа забрана ќе трае уште малку, бидејќи парламентарното мнозинство, кое во 2018 година ја изгласа забраната, сега му предлага на Собранието да ја укине.

„Членот 102 се брише“, пишува во предлог-законот.

Тоа ќе значи целосно враќање на т.н. јавни кампањи на медиумите.

Власта ги предлага овие измени, и покрај силното противење на Здружението на новинарите и на Синдикатот на новинарите, кои постојано повторуваат дека отворањето на „каптажата“ за државни реклами, ќе значи директен поткуп на медиумите. На иста линија е и Агенцијата за медиуми.

Но, предлагачите, не само што не ги зеле предвид овие ставови, туку законските измени треба да бидат донесени по скратена постапка „бидејќи не се работи за сложен и обемен закон“.

Како што веќе пишуваше БИРН, петте национални телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М и Алфа, преку нивните членови во здружението Македонска медиумска асоцијација (ММА), неколку години ја притискаа власта околу тргањето на забраната.

Тоа особено стана и јавно видливо откако во 2018 година, власта почна годишно да ги субвенционира трошоците за печатење на весниците, со образложение дека тоа е дел од препораките на Рајнхард Прибе и светска пракса за преживување на весниците како медиумите.

Ова е дванаесетта промена на Законот за медиуми од 2013 година, кога за првпат е донесен во парламентот.

Транспарентно, независно, ефикасно, отчетно

Уште во првиот член што се менува стои дефиницијата за тоа што е кампања од јавен интерес.

„Содржи исклучиво информативно-едукативни пораки и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период за да се обидат да генерираат специфични резултати или да постигнат предодредени цели, при што на јавноста ќе ѝ се обезбедат потребните информации за причината на самата кампања од јавен интерес“.

Предлагачите воделе сметка да појаснат дека кампањи од јавен интерес не се теми од историјата, религијата, политички и дипломатски активности, теми за личности, настани и активности од минатото и партиски активности.

Во потребата за донесување на овие измени, неколкупати се провлекуваат неколку флоскули, како „транспарентно“, „независно“, „ефикасно“, „отчетно“.

Па така, во целите што сакаат да се постигнат пишува дека се обезбедува „транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“.

Но, додека се овозможува повторно одлевање пари за приватните медиуми, де факто се предлагаат и помалку пари за финансирање на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на Македонската радио-телевизија, Македонската радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 1 отсто на 0,9 отсто.

Партиско тело ќе предлага теми за јавни кампањи

Oдобрувањето на јавните кампањи ќе го прават пратеници или членови на Советот на општините | Фото: БИРН

Ако помине законот, од вгодина, во десниот агол на телевизиите и со џингл на радијата ќе бидат означени рекламите од јавен интерес.

Најмалку една, а најмногу четири јавни кампањи ќе има во текот на годината и на централно ниво и на локално ниво.

Постапката почнува во парламентот. Таму треба да се формира Комисија за одлучување за кампањи од јавен интерес.

Комисијата ќе има шест члена. Тројца пратеници од власта и тројца од опозицијата. На локално ниво по истиот модел, општините ќе формираат комисија од четворица општински советници, по двајца од власта и двајца од опозицијата.

Комисијата треба да се формира најдоцна до 15 јануари, а ќе заседава од 20 јануари до 5 февруари.

Пет дена штом заврши со седницата, Комисијата треба да донесе одлука за избор на кампањи од јавен интерес и таа одлука за избор да ја достави до Владата.

Владата, пак, треба да објави јавен повик за осмислување идејно решение и продукција на кампања од јавен интерес.

Радиодифузерите потоа треба да утврдат ценовници за емитување кампањи од јавен интерес.

За плаќањето ќе се земе предвид просечната цена по секунда за едно деноноќие. Колку ќе бидат „скапи“ секундите зависи во кој од трите различни временски периоди на емитување на програмата ќе бидат емитувани рекламите.

Слично како и за време на изборите, просечната цена за рекламирањето не смее да ја надминува вкупната просечна цена на комерцијално рекламирање на секој радиодифузер одделно пресметана во последните шест изминати месеци од почетокот на секоја календарска година, но зголемена за максимални 80 отсто, односно 50 отсто кај локалните медиуми.

Парите за финансирање на овие реклами ќе бидат од Буџетот, „во висина од задолжителни 0,1 отсто од реализираните вкупни приходи во годината што ѝ претходи на фискалната година за која се утврдува износот“.

Ако овој предложен модел се примени на Буџетот за 2021 година, излегува дека националните, кабелски и сателитски телевизии и радијата годинава би добиле помеѓу 3,5 и 4 милиони евра државни пари.

Кога тоа, пак, би се споредило со вкупниот пазарен колач што го делат медиумите, излегува дека граѓаните преку државните реклами би им обезбедиле една четвртина од парите што годишно ги вртат комерцијалните радиодифузери во земјава.

Притоа најмногу 7 отсто од парите ќе отидат за избор на продукциски куќи за изработка и продукција на идејни решенија на кампањи од јавен интерес, а најголемиот дел, односно 93 отсто за емитување на самите кампањи. Тој однос кај локалните медиумите е 10 отсто наспрема 90 отсто.

Од распределбата на пари, пак, најмногу ќе се офајдат националните телевизии, кои би добиле 80 отсто, а останатиот дел од 20 отсто ќе оди кај сателитските и кај кабелските телевизии.

Кај локалните медиуми, финансирањето на кампањите од јавен интерес е со поголем процент. Парите се од општинските буџети, и тоа „0,5 отсто од сопствените приходи во годината што ѝ претходи на фискалната година за која се утврдува износот“.

Новина е и тоа што претставниците на партиите од власта и од опозицијата ќе може да достават предлози за кампањи од јавен интерес на централно ниво до Комисијата за одлучување на централно ниво меѓу 1 до 20 јануари.