По првото успешно ин витро оплодување направено во 1978 година во Англија, популарното „ин витро на државен трошок“ во Македонија е одобрено од 2008 година. Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) во оваа услуга партиципира со 80.000 денари и сѐ е навидум во ред, освен „детали“, поради кои многу парови се откажуваат од овој бенефит што им го нуди јавното здравство.
Во 2015 година за прво дете биле разгледани вкупно 1.432 барања за ин витро постапка, а од нив биле издадени вкупно 1.194 позитивни и 7 негативни решенија, за прво дете. Останатите 231 се вратени за докомплетирање на потребните документи во согласност со Правилникот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО). За ова биле реализирани околу 85,6 милиони денари за БПО постапки за прво и второ дете, за вкупно 1.261 случај во шесте здравствени установи со кои ФЗОМ има склучено договори за вршење на БПО услуги, покажуваат извештаите од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Сепак, брачните парови, кои по природен пат не можат да имаат деца, од 1 август 2010 година за да дојдат до „бебе од епрувета“ мора да минат низ трнливи патишта. Фондот воведе новини со кои се заоструваат условите за вештачко оплодување. Формирана е стручна комисија што проверува дали апликантите ги исполнуваат условите за вештачко оплодување и дали ги имаат сите потребни документи.
Постапката е таква што се тргнува од кај матичниот гинеколог, кој ќе треба да ги преупати паровите на хормонски и други испитувања кај разни специјалисти што се потребни, за да се потврди дека освен со вештачко оплодување, на друг начин брачниот пар не може да има дете. По ова, брачните парови ќе мора да поднесат барање до комисијата во Фондот, која ја формира директорот на ФЗОМ и која брои четворица лекари, еден што работи на вештачко оплодување, еден матичен гинеколог и двајца лекари контролори.
Брачните парови потоа чекаат одговор со недели, зaшто засега нема дефиниран рок за колку време комисијата ќе треба да даде мислење за вештачко оплодување.
Животот го оставив низ болници
Низ ваква голгота три пати поминала Анета Кузевска од Скопје, која го искористила правото на државната партиципација за ин витро оплодување. На средбата со БИРН таа дојде со купишта документи, тешки неколку килограми, а секој извештај и постапка низ која поминала ни го објаснуваше со солзи.
– Животот го оставив низ болниците во државава – ја почнува својата приказна Кузевска.
За првото ин витро во собирањето на потребните документи (вкупно 12) ѝ требале две години.
– Потребни се два спермограми од две референтни институции, но тие да не се со разлика во датум поголем од еден месец. Тоа ја отежнува постапката. Треба да се оди на матичен лекар, па тој да те препрати кај уролог, кој што е со „мој термин“. Понекогаш, се чека дури до два месеца, за кога ќе стигнеш кај урологот само да те препрати на спермограм на државната клиника. А, не можеш да направиш спермограм, ако претходно немаш направено тест за ХИВ/СИДА и тест за хепатит. И тука се губи драгоцено време. Додека ја направиш анализата од едната референтна институција најчесто поминува повеќе од еден месец, со што документите автоматски стануваат невалидни. Тоа значи дека повторно треба да се вратиш на почетокот и пак, сѐ одново да направиш. Затоа, за да не ги трпат овие малтретирања, паровите се одлучуваат да направат спермограм во некоја од приватните клиники кој чини околу 1.500 денари – вели Кузевска.
Целиот овој дел од животот таа го посветила на тоа да добие дете. Се откажала од многу нешта, па дури и од својата работа.
– Се откажав од работа и тоа од приватна фирма, каде што не зависев од никого за да ме ослободува за испитувања. Почна да ми трпи бизнисот, едноставно премногу отсуствував и не можев да се посветам на работата. После ембриотрансферот ми препорачаа боледување и мирување. Ниту еден приватник, но исто е и во државна институција, нема да ми даде 20 дена да одмарам или да ме пушти од работа постојано да правам испитувања. Еден од двајцата брачни парови е постојана жртва. За на сопругот да не му трпи работата, одам и по неговите упати – ни раскажува Кузевска.
Таа вели дека најболно од сѐ е кога ќе се добие упат, а во институцијата каде што треба да се направи анализата нема реагенси.
– А сето ова може за два дена да се заврши во приватните клиники – објаснува таа.
Од ФЗОМ велат дека правото на ин витро е една од програмите на Фондот кој е со исклучително висок приоритет, за да им излезе во пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа.
– Осигурените лица имаат право на сопствен избор во која здравствена установа сакаат да прават ин витро, од листата на установи со кои имаме склучено договор. Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2015 година се: „Плодност“ од Битола, „Д-р Органџиски“ од Штип, „Ре-медика“ од Скопје, „Ултрамедика“ од Скопје, „Моја болница“ од Скопје, „Аџибадем Систина“ од Скопје, „Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство“, „Гинеко медика“ од Скопје и „Инанна систем“ (Њуборн клиник) од Скопје – објаснуваат од ФЗОМ на прашањето што може да се направи за да се надмине оваа ситуација во која се наоѓаат пациентите. Но, во одговорот не се спомнува проблемот со испитувањата и немањето реагенси, како и другите спорни прашања.
Пари за лекови
Според Кузевска, покрај потрошеното време, ин витро постапката значи и потрошени пари. Според неа оваа постапка не може да си ја дозволат парови со ниски примања.
– За да го проверам пролактинот, гинекологот дава еден упат месечно. Само за толку има право, а јас можеби три пати ќе морам да го проверувам. Затоа што не можам тоа да го направам со „мој термин“, плаќам приватно и секоја проверка ме чини по 700 денари. За четирите инсеминации, кои се задолжителни, за да се добие ваучер за ин витро, плаќав по 900 денари. Три инсеминации направив на „државно“, но поради лошите услови четвртата ја направи приватно и ме чинеше 200 евра – објаснува Кузевска.
Таа вели дека за лековите како што е „Клексан“, кој ги прима два пати дневно три месеци, троши 300 евра.
– Освен „Клексан“ примам и „криноне“, гел маст за поддршка на матката, а тие се плаќаат „приватно“. Се примаат околу 15 дена. Мора да земате и витамини, како и лекови „фемибион“ и „естрофем“, можеби ќе треба и „аспирин“. Гинекологот може да ви даде две рецепти, а вас ви требаат четири и другите ќе си ги купите „приватно“. Тоа ме чини 900 денари дневно. А целата постапка на примање на овие лекови трае 15 дена. Значи за само половина месец јас трошам над 200 евра. Потоа мене докторот ми препиша инјекции „цетротид“, што за едно боцкање ме чинат 2.700 денари. Тие, пак, морам да ги примам 16 дена. Овој лек не го покрива Фондот и го има само во аптеката на „Систина“. За едно ин витро сигурно давам повеќе од 36.000 денари (600 евра) – тврди Кузевска.
Таа додава дека, сепак, „цетротидот“, кој е скап лек, не го примаат сите пациентки, туку одредени и затоа не го пресметува во трошоците, но доколку се вметне и тој, само за него ќе мора да даде над 43.000 денари (околу 700 евра). Или Кузевска за едно ин витро троши на 1.300 евра, што за неа е преголем издаток.
Вели дека воопшто и не ги пресметува потрошениот бензин, паркинг, телефон и слични трошоци.
Четири слабости на државното ин витро
Според доктор гинеколог Татјана Гуржанова, која работи на ин витро проблематиката во „Њуборн клиник“, пристапот за секој пациент е индивудуален и различна е терапијата која е потребна за секој пар. Таа тврди дека многу време се губи на испитувања. Според неа, не може да се прегледаат 40 до 50 пациенти дневно како што тоа се прави на Државната клиника.
– Од закажување до реализација поминува многу време. На пример, за една хистероскопија можат да поминат 3-4 месеци. Инсеминации се препорачуваат, затоа што со нив може да се постигне ефект. Сепак, постојат индикации кога има логика да се прават инсеминации. Јас не се согласувам со ставот дека по секоја цена треба да се прави инсеминација, односно тоа да е задолжително кај парови каде што се гледа дека, едноставно, инсеминацијата нема да даде резулатат – објаснува Гуржанова.
Таа вели дека за да се реши овој проблем треба и приватни лаборатории каде што се вршат анализи да склучат договор со Фондот за да може пациентите да се дисперзираат.
Според неа, најголемиот застој можеби се прави поради тоа што од приватните клиники не можат да им дадат упат на пациентите да направат испитувања на државните клиники.
Д-р Гуржанова вели дека оваа постапка поддржана од ФЗО има неколку слабости, но најбитни се овие четири:
- Упатите од приватните гинеколози не важат во државните институции;
- Преоптовареност на Клиниката за гинекологија;
- Потреба од дисперзирани и функционални примарни центри;
- Не може на секој пар да се применат критериумите кои Фондот ги бара, секој е различен, не се сите исти.
Се откажав од државно ин витро
Најмалку седум месеци изгубивме правејќи дополнителни испитувања и на крајот се откажавме од наводно бесплатното ин витро, се пожали Лејла, соговорничка која исто така разговараше на оваа тема со БИРН.
– Процедурата се усложнува, ни бараат и по неколку спермограми, а дополнително, може да бидете одбиени и ако еден хормон е под границата. За повеќето испитувања за да не губам време, решив да не чекам одобрение од фондовската комисија и почнав со методот, но не на товар на државата, туку приватно што ме чини повеќе од 2.000 евра – вели за БИРН, Лејла.
Таа тврди дека лековите што мора да ги прима на секоја ин витро постапка ја чинат различно, во зависност од испитувањата што ќе им ги побара гинекологот.
– Морам да купам „криноне“ гел за поддршка на бременоста кој е скап и ме чини 2.500 денари за 15 дена. Плус потребни се „дексаметазон“, „аспирин“, „доциклен“, „фолан“ и слично. Доколку нема реагенси или услови на дражавните клиники, тие мора да се направат на приватните, затоа што во овој случај времето е најважно. Тоа што е факт е дека за секое ин витро, покрај за постапката, која на пример ја покрива Фондот, трошам по 200 евра и повеќе – вели Лејла.
Од ФЗОМ велат дека постапката за ин витро за прв пат е овозможена на товар на Фондот во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година, осигурениците, по одобрување од Фондот, добиваат ваучери.
Средствата кои Фондот ги исплатил за остварување на правото на ин витро од 2010 до 2015 година се 387 милиони и 465 илјади денари или околу 6.300 000 евра. Тоа значи дека Фондот годишно за ин витро одвојува по 1,2 милиони евра. Вкупниот годишен буџет, пак, на ФЗОМ за 2014 година е нешто над 22,5 милијарди денари или над 357 милиони евра. Тоа значи дека Фондот за ин витро оплодување годишно издвојува по околу 0,4 проценти од својот буџет.
Од ФЗОМ велат дека дополнително, Фондот за здравствено осигурување од 13.11.2015 година, согласно законските измени кои стапија на сила, осигурените лица кои сакаат да остварат право на ин витро се ослободени од плаќање учество (партиципација) која изнесува 6.000 денари за користење на здравствените услуги во постапките на ин витро (БПО) за добивање на прво, второ, трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување.
„Партиципацијата се надоместува од страна на Фондот“, велат од ФЗОМ.
Квалитетната екипа е предуслов
Доктор Митко Ивановски, гинеколог и стручњак за ин витро од клиниката „Систина“ за БИРН информира дека е факт тоа што во повеќето од приватните клиники работат гинеколози и ембриолози со поголемо искуство во однос на Гинеколошко-акушерската клиника.
– За среќа, во нашата болница уште на самите почетоци на ин витро фертилизација (ИВФ), во 2001 година до денес во ниту еден момент, не сме се соочиле со проблеми од аспект на недостаток на реагенси или други потребни материјали за процесот на реализација на ИВФ програмата. Со оглед на големината на Македонија и според бројот на жителите, веќе има пристојна дисперзија на ИВФ центри. Суштината, според мене, е дека здравата конкуренција е добра работа и реално придонесува до прогрес. Но, исто така треба да се внимава да не се оди само на квантитет,туку примарно на квалитет на услугите – вели Ивановски.
Ивановски, исто така, се согласува дека нема потреба од четири инсеминации што ги бара Фондот за да може да се добие ваучер за ин витро.
– Секој случај, пар со стерилитет, е индивидуален и треба како таков да се анализира и третира. Во секој случај мој личен став е дека се избегнува една формулација во Правилникот за БПО преку ФЗО, каде што во индикациите се објаснува дека парот исполнува критериуми за ИВФ ако е лекуван 4 пати со или без инсеминација. Не секој пар има индикација за инсеминација, пред сѐ поради овулаторни проблеми кај жената – вели Ивановски.
Тој тврди дека слабостите на државното ин витро покрај квалитетна опрема е да се зачува на подолг период квалитетна екипа (гинеколози, ембриолози, биолози, медицински сестри …) која во исто време ќе има безусловна поддршка од страна на менаџментот во болницата, Министерството за здраство и Фондот за здравствено осигурување во поглед на навремена и непречена набавка на основните средства, материјали и лекови за работа.
По објавувањето на текстот реагираше Фондот за здравствено осигурување на Македонија, по што реагираше и авторот со обраќање до ФЗОМ.