Извештај

ДУП Капиштец: Кој изградил – изградил, отсега дозволи нема

Голем број куќи се заменија со висококатници по 2014 година | Фото: БИРН

Уставниот суд го укина деталниот урбанистички план за делови од населбите Капиштец и Водно на Општина Центар, затоа што кога бил усвоен во 2014 година, за него не гласале доволен број членови на општинскиот совет.

На 18 јули 2014 година, планот бил донесен со 11 гласа „за“ и еден воздржан, од вкупно 23 советници. Тоа било спротивно на Законот за локална самоуправа, бидејќи, според него, одлуките се носат со мнозинство гласови од сите советници, а не само од присутните, што значи дека за ДУП-от да биде важечки, требало да гласаат барем 12.

„Со тоа е нарушено уставното начело на владеењето на правото“, образложи портпаролката на Судот, Христина Беловска.

Укинувањето значи дека отсега општината нема да може да издава нови одобренија за градба според овој детален план, додека не усвои нов. Но, сè што таму било изградено досега, ќе остане. Исто така, ќе останат да важат и сите градежни дозволи што се издадени до донесувањето на оваа одлука, дури и ако инвеститорите не почнале да градат.

Иницијативата за преиспитување на законитоста на ДУП-от била поднесена во 2021 година, а Уставниот суд одлучи да ја разгледа во ноември 2022. БИРН тогаш пишуваше дека просторот опфатен со овој урбанистички план целосно се трансформира во изминативе осум години. Десетици мали семејни куќи беа урнати и на нивното место се изградија згради и до седум ката. Станува збор за едно од постарите маала во центарот на Скопје, каде што улиците се тесни, па целиот простор заличи на бетонски кањон.

Според податоците за издадени дозволи што ги објави Општина Центар на својата веб-страница, од ноември 2021 до ноември 2022 година, за ова подрачје биле издадени 14 градежни дозволи, што е 20 отсто од вкупниот број дозволи што ги дала општината во тој период. Десет одобренија биле издадени на компании, а четири на физички лица.

Иако сите овие дозволи се за семејни куќи, досегашното искуство од градењето во многу делови од Скопје покажува дека искористувањето на максималните предвидени димензии за куќи им овозможува на градежните инвеститори да направат мини-згради со повеќе станови.

Планот, кој го носи официјалното име ДУП за градската четврт Ј07 и ги опфаќа локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, стана познат во јавноста по случајот на Специјалното јавно обвинителство „Плацови на Водно“. Во него, поранешниот премиер Никола Груевски беше првостепено осуден во отсуство на седум години затвор поради перење пари и противправно стекнување имот, во соработка со неговиот поранешен кум Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Со скандали беше проследено и самото носење на ДУП-от, бидејќи му претходеше апсење, па ослободување на претседателот на Советот Мирослав Шиповиќ. Во тоа време, партијата на Шиповиќ, СДСМ, имаше мнозинство во општинскиот совет од 12 членови наспроти 11 од ВМРО-ДПМНЕ. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше таа што бараше планот да се усвои, а СДСМ беше против. Сепак, по пуштањето од притвор на Шиповиќ и неговото враќање во претседателското столче во Советот, тој го смени своето однесување и овозможи со неговото воздржано гласање и 11-те гласови „за“ на ВМРО-ДПМНЕ да се усвои ДУП-от.

Тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се преиспита уставноста и законитоста на оваа одлука, но судот, тогаш во различен состав од денешниот, ја отфрли и се прогласи за ненадлежен.

Новата иницијатива била поднесена во 2021 година, од граѓанин што живее во населбата Капиштец и иако судијата-известител Осман Кадриу првично предложил таа да се отфрли, преостанатите членови не се согласиле со тоа и одлучиле да се оформи предмет. Резултатот на тоа е одлуката за укинување на планот.

Со ова се отвори дилема дали судот двапати пресудил различно за истиот предмет. Според едно образложение, не станува збор за ист предмет бидејќи иницијативата е нова. Освен тоа, во првичниот случај, уставните судии не донеле одлука дека ДУП-от е во ред, туку решиле воопшто да не ја разгледаат тогашната иницијатива од Жерновски, а сега, кога ја разгледале, пронашле неусогласеност со законите, па затоа новата одлука не е спротивна на старата.

Сепак, најавено е дека Кадриу ќе објави издвоено мислење за предметот.