Вести

Две третини од судовите без претседател

Од 34 судови во земјава, дваесетина, вклучително и самата судска инстанца која ги именува и разрешува – Судскиот совет, во моментов функционираат без претседатели. Без директор е и Академијата за судии и јавни обвинители која ги едуцира кадрите за идни судии.

Празната сала на Судскиот совет, коj објави огласи пред повеќе од една година биле пријавени кандидати, но без објаснување изборот бил стопиран / Фото: Судски совет

Празната сала на Судскиот совет, коj објави огласи пред повеќе од една година биле пријавени кандидати, но без објаснување изборот бил стопиран / Фото: Судски совет

Судскиот совет, Апелацискиот суд во Скопје, Основниот суд Скопје 2 и речиси дваесет судови во земјава функционираат без претседатели. Некои од нив околу една година се со поставени вршители на должност, а рекордер во управувањето на суд без претседател е Основниот суд Скопје 2, кој 18 месеци функционира со поставен в.д. претседател.

За сите места Судскиот совет објави огласи пред повеќе од една година, биле пријавени кандидати, интервјуата завршени, дури имаше и два обида да се изберат претседатели, но без објаснување седниците биле прекинати и изборот бил стопиран.

Изборот на претседател е „табу тема“

Прашањето за избор на претседатели во судовите стана „табу-тема“, за која воопшто не се зборува / Фото: С. Димовски

Прашањето за избор на претседатели во судовите стана „табу-тема“, за која воопшто не се зборува / Фото: С. Димовски

Прашањето за избор на претседатели во судовите стана „табу-тема“, за која воопшто не се зборува. Неофицијално, сите говорат дека застојот во избор на претседатели е поради неусогласеноста помеѓу политичките партии за тоа кои кандидати и од која националност треба да бидат избрани, но јавно не сакаат да говорат на оваа тема.

Виолета Дума, поранешен судија, која и самата во минатото била в.д. претседател на Апелација, вели дека одолговлекувањето да се назначат претседатели на судовите укажува на комбинаторики кои се прават надвор од судовите, затоа што самиот избор е лесен, „се гледа квалитетот на пријавените кандидати и се прави ранг листа“.

„Не може да ги оставите судовите без претседатели, само поради некакви калкулации кој да дојде на позицијата и од која националност. Тоа зборува дека се пеглаат работите во сите ресори, па и во судството“ вели Дума.

Меѓутоа, од судските инстанци на оваа тема владее апсолутен молк. По назначување на портпароли во судските институции, претседателите одбиваат да разговараат со новинари, префрлајќи ги сите прашања кај портпаролите.

„Ве молам поставете ми ги овие прашања за кои се интересирате на меил и ќе се обидам до крајот на денот да ви ги одговарам, зашто од утре заминувам на одмор“, ни рече во телефонскиот разговор Вера Андрејчин, портпарол на Судскиот совет.

Прашањата беа поставени, но одговор не добиеме ниту на ова, ниту пак, на прашањето: „зошто Судскиот совет не закажува седница на која прво би избрал свој претседател, откако на 20 декември минатат година ѝ заврши и вториот мандат на Александра Зафировска и нема право на повторен избор“.

Зафировска и натаму е на чело на Советот, иако за изборот на првиот човек на Судскиот совет постапката воопшто не предвидува оглас и кандидирање туку претседател се бира од редот на членовите по систем на ротација. Процедурата се завршува на една седница.

„Со неработењето на Судскиот совет се прикриваат и претставките на граѓаните за работата на судството. Судскиот совет мора да ги реши нив и да ги избере претседателите“ вели за БИРН Дума.

Дури 18 месеци без претседател

Предметите се трупаат во судските ходници / Фото: С. Димовски

Предметите се трупаат во судските ходници / Фото: С. Димовски

Најголем интерес меѓу судиите има за испразнетото место за претседател на Апелацискиот суд во Скопје кое е празно од мај 2014 година. За претседател конкурираат: сегашната в.д. претседателка Љиљана Ивановска Шопова, Сафет Кадрии , судијата што претседаваше со советот што ја донесе одлуката за „Ликвидација“, судијката од граѓанскиот оддел Јованка Никодиновска, Роза Ѓорѓиева, судија на истиот суд и Владимир Туфегџиќ, поранешниот истражен судија од Основниот суд Скопје 1, кој ја водеше истрагата за случајот „Пајажина“.

„Сите кои конкурираа за претседател на Апелацискиот суд беа повикани на интервју, ние го завршивме нашиот дел, уште во текот на минатото лето, но зошто нема избор, не можам да ви кажам“, потврди за БИРН член на Судскиот совет кој бил во комисијата што ги правела интервјуата.

Комисијата ја доставува листата до Советот кој избира претседател. За претседател треба да гласаат најмалку 10 од 14 членови со право на глас.

Граѓанскиот суд во Скопје ја ситни втората година без избран претседател. Како в.д. претседател беше поставен судијата Ѓоко Радојков, но наместо до законскиот лимит од најмногу 6 месеци како вршител на должност, тој на ова место е веќе 18 месеци.

Скопска двојка, со 82 судии, според систематизацијата е најголем во земјава / Фото: С. Димовски

Скопска двојка, со 82 судии, според систематизацијата е најголем во земјава / Фото: С. Димовски

Во скопска двојка, копјата се кршат, велат судски извори за БИРН, околу прашањето дали претседателот да биде Албанец или Македонец. Тоа го покажува и интересот на пријавените кандидати. Пријавени се петмина кандидати, четворица Албанци и сегашниот в.д претседател. На оваа позиција претходно беше Бекир Шаини кој сега е избран за член на Судскиот совет. Овој суд со 82 судии според систематизацијата е најголем во земјава.

„Јас немам никакви информации околу изборот на претседател, ниту некој ми кажува. Бев поставен и раководам со судот. Знам само дека имаше обид на 1 декември да се избере претседател, била направена ранг листа и тоа е сѐ. Јас добивам пофалби дека судот одлично функционира и со в.д. претседател “ изјави за БИРН сегашниот в.д. претседател Ѓоко Радојков.

Без претседатели се и дваесетина основни судови во земјава, меѓу кои: судовите во Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Битола, Берово, Делчево, Штип, Кичево.

На огласите за овие судови се пријавиле најмалку по двајца кандидати, а на некои места, како скопските, на пример, конкурираат и по 5 кандидати.

„Ние уште пролетта 2014 година бевме на интервју, ја презентиравме програмата, Судскиот совет нѐ прашуваше за тоа што мислиме да промениме во судовите, за тоа дали е доволен сегашниот број на судии, финансиските средства и како ќе го намалиме заостатокот на стари нерешени предмети. Интервјуата, во зависност од бројот на прашањата траеја од половина до еден час“, објаснува за БИРН судија од еден од судовите кој е кандидат за претседател.

Но, откако завршија овие интервјуа, целата постапка е запрена и никој не го поставува прашањето зошто Судскиот совет не ги избира претседателите.

Во овој момент најтешко им е на в.д. претседателите на судовите, вели за БИРН еден судија под услови на анонимност.

„ Најголем дел од в.д. претседателите кои сега ги раководат судовите не конкурираат за претседатели и затоа најдобро е што побрзо да се изберат претседатели за да функционираат нормално судовите “ вели тој.

Покрај неизбор на претседатели, Судскиот совет речиси една година нема избрано судии ниту во судовите за кои се огласени празни места. Најмногу слободни места, седум, има во Апелацискиот суд во Скопје , по 3-4 празни места има во Врховниот суд, во судот во Велес.

Во скопската единица недостасуваат десетина судии, откако беа суспендирани 11 судии од одделот за прекршоци во акцијата „Јустиција“ во октомври. На местото на суспендираните сега се прераспоредени 6 судии од судовите во Тетово, Куманово и Неготино, но за толку, пак, се намали бројот на судиите во тие судови.

Управниот одбор на Академијата за судии не знае дека е без директор

Академијата за судии е место каде што на обука мора да поминат идните судии и јавни обвинители / Фото: Официјална веб-страница на Академијата

Академијата за судии е место каде што на обука мора да поминат идните судии и јавни обвинители / Фото: Официјална веб-страница на Академијата

Без директор е и Академијата за судии и јавни обвинители. По два мандата, Анета Арнаудовска нема право да се кандидира за трет. Но, Управниот одбор на Академијата речиси и по шест месеци од завршување на нејзиниот мандат не распишува оглас, иако законот, во член 19 ги обврзува да распишат јавен оглас за избор на директор и заменик директор најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на директорот, односно заменик директорот.

Претседателката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, јавната обвинителка Лилјана Спасовска, на нашето прашање зошто не се распишува избор за директор на Академијата одговори: „Како претседател на Управниот одбор не сум информирана дека е истечен мандатот на директорката. Кога ќе ме известат, ќе распишеме”.

На нашето укажување дека законот ги обврзува тоа да го сторат 60 дена пред истекот на мандатот, или уште во јули 2014 година, Спасовска го даде следниов одговор и го прекина разговорот:

„Кога ќе го распишеме огласот, вас први ќе ве информираме. Толку е дискусија на оваа тема. Овде го прекинувам разговорот” рече Спасовска во телефонскиот разговор.

Сегашната директорка на Академијата, Анета Арнаудовска, е судија на Кривичниот суд во Скопје и треба да се врати таму да суди, откако Судскиот совет не ја избра за позиција во Врховниот суд на која конкурираше.

Законот за Академија предвидува да има и заменик директор кој ќе биде од редот на судиите или обвинителите, но тоа место 4 години не е пополнето. Академијата за судии е место каде што на обука мора да поминат идните судии и јавни обвинители.