Репортажи

Двете лица на Македонија во пеколната бегалска драма

За разлика од македонските институции кои не се прославија со третманот на бегалците, семејството Здравкин и нивните Фејсбук-пријатели од цела држава ја покажуваат хуманата страна на ова општество. Секоја вечер им даваат храна и вода на мигрантите кои минуваат по пругата во Велес.

Секоја вечер Ленче Здравкин ги пречекува имигрантите со храна и со пијалок / Фото: БИРН

Секоја вечер Ленче Здравкин ги пречекува имигрантите со храна и со пијалок / Фото: БИРН

Велешаните Ленче и Анче Здравкин трпеливо чекаат на балконот, пред полноќ, кога обично пристигаат бегалци по пругата. Доаѓаат, извикува дете од соседството. Се приближуваат дваесетина. Од балконот, се стрчуваат во дворот пролетувајќи низ ходникот кој мириса на фурна од тазе лебот што Ленче го спакувала во ќесиња заедно со паштети и со сокчиња за мигрантите.

„Хаај, хаај“, им довикуваат на изнемоштените патници кои го следат водачот на групата со стап во раката. Со мимики им покажуваа дека ги чека подготвена храна и вода.

Неколкумина се престрашуваат, се доближуваат до ѕидот што го одвојува сокакот од пругата и ги грабаат ќесите.

„Од Пакистан сме, одиме за Германија. Доаѓаат уште“, на лош англиски објаснува едно црномуресто момче и се затрчува по групата.

Следеа уште две групи. Околу 60 мигранти сношти минаа низ пругата крај куќата на Ленче, која секоја вечер им дели храна што ја донираат луѓето од цела Македонија со кои контактира преку Фејсбук.

Лебот сама им го меси.

„Секоја вечер е вака, повеќе од една година. Ги слушам од дневната кога ќе затропаат по камењата на пругата. Месецов зачестија, пред една недела во 8 часот наутро помина група од 300. Најчесто се од Сирија.“

Повеќе од 200.000 Сиријци загинаа во четиригодишната граѓанска војна и од нападите на терористите на Исламската држава. Единаесет милиони ги напуштија домовите и заминаа во мирните краеви на татковината или, пак, спасот го побараа на север, во Турција и во Европа.

„Велат дека мораат да бегаат. Кога ќе наполнат 16 години и двете завојувани страни ги тераат да се борат. Повеќето се деца, бегаат за да преживеат“, прераскажува велешанката.

Македонија е на една од рутите преку која имигрантите одат кон земјите на ЕУ. Од Гевгелија преку пругата одат до кумановско Лојане од каде што преминуваат во Србија. Ако не ги фати унгарската полиција, Германија и не е толку недостижна.

„Македонија и Унгарија им се најтешки за минување, имаат проблеми со властите“, вели американската новинарка која исто така гостуваше во куќата на велешките домаќини. Следела група од Грција, преку Скопје сѐ до Белград и вели дека сега се среќни на пат од Будимпешта кон германската граница.

Дел од бегалците се пријавуваат на македонската граница како азиланти, ама повеќето низ илегални патишта се обидуваат да минат незабележано.

„Сретнав момче кое патува со години. Најтешко им е во зима, нозете им смрзнуваат во неколку броја помали чевли“, вели Ленче.

Околу 30-тина лани и годинава беа прегазени од возови во Македонија. Покрај куќата во Велес минала и баба од Сирија со две многу мали внучиња, синот и снаата ги оставила прегазени на некоја пруга.

Голем дел од оние кои ќе ја преживеат пругата, не можат да ѝ избегаат на полицијата.

Македонија е на една од рутите преку која имигрантите одат кон земјите на ЕУ / Фото: БИРН

Македонија е на една од рутите преку која имигрантите одат кон земјите на ЕУ / Фото: БИРН

И по половина година во македонскиот лавиринт на азилот

Речиси 600 мигранти лани не успеале да се прошверцуваат и најголем дел од нив македонската полиција ги фатила во комбињата на криумчарите.

Полицајците кога ќе ги фатат нелегалните мигранти веднаш ги носат во Прифатниот центар за странци кој се наоѓа на врвот од ридот во скопска Гази Баба и таму ги држат најчесто со образложение дека се сведоци во судска постапка против криумчарите на бегалци.

Некои остануваат и по пет-шест месеци.

Советничката за превенција од тортура при Народниот правобранител, Аница Томшиќ-Стојковска, вели дека полицијата ги затвора илегално влезените мигранти во центарот, иако нема законска основа да задржува сведок на кривично дело, бидејќи само осомничени може да се притвораат.

„Овие луѓе треба да се префрлаат веднаш во Центарот за азиланти во Визбегово и судот таму да ги бара. Недозволиво е да се задржуваат како сведоци“, вели Томшиќ-Стојковска.

Плаќаат до 5.000 евра на криумчарите
Најголем дел од приведените за криумчарење на азиланти се таксисти кои
влегле во криминалот поради дополнителна заработка, а дека постои широко
организирана мрежа покажува и фактот дека меѓу криумчарите имало Пакистанец и
Палестинец.

Имало и Сиријци кои веќе научиле албански и ги спроведуваат бегалците до кумановско
Лојане, а се шпекулира дека криумчарите земаат и до 5.000 евра само за да ги
пренесат луѓето од едниот до другиот крај на Македонија.

Мигрантите таму имаат право два часа да излегуваат, меѓутоа Томшиќ-Стојковска вели дека полицајците не ги пуштаат.

Центарот е сместен во објект на поранешната градинка „Кокиче“ во Гази Баба. Дворот е многу мал, а оградата е ниска и не ги пуштаат имигрантите, бидејќи лесно можат да избегаат. Во објект, кој реално може да прифати 50 до 60 души, сместени се околу 250 луѓе.

„До центарот тешко се стигнува, би имало проблем да дојде противпожарно возило или брза помош. Секогаш се губиме по уличките кога одиме“, вели Томшиќ-Стојковска од Народниот правобранител која има мандат ненајавено да влегува во центарот.

Друг никој не може да влезе во објектот во Гази Баба.

Томшиќ-Стојковска раскажува дека условите за престој во центарот се многу лоши. Околу 40 луѓе се сместени во една соба со десет кревети, повеќето спијат на душеци, а има и такви кои имаат само ќебиња. Немаат кујна, јадат конзервирана храна од касарна, а тоалетите се запуштени.

„Хигиената е на многу ниско ниво и затоа инсистиравме да се прегледуваат луѓето пред да се внесуваат во центарот. Доволно е еден заразен да влезе и сите ќе се разболат“, објаснува советничката при Народниот правобранител.

Таа вели дека при ненадејните посети во Гази Баба затекнала и жени и деца во затворениот објект, а имало и момче со куршум во ногата.

Полицијата тврди дека многу од овие луѓе не можат да го потврдат својот идентитет и затоа е потребно време.

„Немаме интерес да ги држиме ниту ден повеќе, тоа е огромен трошок за државата. Дали некој ќе биде сведок на суд одлучува исклучиво надлежниот јавен обвинител, а доколку има забелешки за одредени случаи, МВР ќе ги разгледа“, вели полицискиот гласноговорник Иво Котевски.

Околу 30-тина мигранти лани и годинава беа прегазени од возови во Македонија / Фото: БИРН

Околу 30-тина мигранти лани и годинава беа прегазени од возови во Македонија / Фото: БИРН

Речиси никој не останува во Македонија

Откако ќе сведочат на суд, овие луѓе почнуваат процедура за азил и се префрлаат во Центарот за азиланти во Визбегово, институција во која ги чекаат другите мигранти кои на легален граничен премин се пријавиле како бегалци.

Лани имало околу 700 легални мигранти.

Центарот за азиланти во Визбегово е отворен и таму условите се далеку подобри од оние во Гази Баба.

„Во Визбегово се задржуваат само пет до седум дена и заминуваат од Македонија. Кога ќе ги фати нашата полиција, намерно бараат азил, иако не сакаат да останат. Тоа го прават само за да излезат од Гази Баба и да продолжат кон Европа“, вели Митко Кипровски од Здружението на млади правници.

Исклучок се маж и жена од Сирија кои добиле азил и сега живеат во Штип. Неодамна второто дете им се родило во Македонија.

Во центарот во Визбегово има луѓе од најразлични социјални структури. Има навистина сиромашни, меѓутоа не се малку ниту интелектуалците кои се добро ситуирани, а кои едноставно избегале од војната во Сирија.

„Не се сите сиромашни, ама сите имаат мака. Сношти син ми им купуваше СИМ-картички на неколку студенти од Сирија, им треба интернет на мобилните за да се снајдат. Се гледаше дека се образовани, убаво зборуваа англиски“, вели велешанката Ленче Здравкин.

Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХРЦ) има акција за поставување знаци на пругите на арапски, француски и на англиски со која колку толку би се намалиле жртвите по пругите.

Социјална помош и сини картони за
азилантите
Кога ќе добијат азил, бегалците имаат право
на социјална помош, сини картони, а децата
ќе можат да одат на училиште. Поседуваат
лична карта и можат да извадат и пасош,
дури ништо не ги попречува да почнат и
бизнис во Македонија.

Од Народниот правобранител велат дека најчесто азилантите сакаат да одат кон Англија и токму од Велика Британија се јавувале Сиријци да прашат за состојбата на нивните роднини во македонските прифатни центри.

Други дестинации се Шведска, Германија и Франција.

За да се олесни транзитот на азилантите низ Македонија, во процедура е промена на законот кој ќе им даде на бегалците 72 часа откако ќе влезат во државата да одлучат дали ќе бараат азил или ќе заминат.

„На тој начин ќе добијат документ легално да поминат низ државата, ќе нема потреба да се кријат од полицијата и да одат по пругите. Ќе можат полесно само да поминат низ Македонија “, вели Томшиќ-Стојковска од Народниот правобранител.

Македонските институции не се прославуваат со третманот на бегалците, меѓутоа семејството Здравкин и нивните Фејсбук-пријатели од цела држава ја покажуваат убавата страна на Македонија во пеколната бегалска драма што го тресе целиот свет.

„Секој на мое место, да ги гледа секоја вечер, би им помагал на бегалците. Немам дилема“, вели Ленче.