Репортажи

Контра-камперите остануваат пред Собрание

Активистите на ВМРО-ДПМНЕ кои кампуваат пред Собранието слават со македонски народни песни и партиски знамиња. Не сакаат да се сретнат со претставниците на опозицијата кои кампуваат неколку улици подалеку, пред Владата. Со нив не се разговара, тие работат против нас, велат камперите.

Контра-камперите пред Собранието одмораат во шаторите | Фото: БИРН

Контра-камперите пред Собранието одмораат во шаторите | Фото: БИРН

Македонски патриотски песни, по некое оро, скара, знамиња на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и луѓе кои одмораат во дваесетината поставени шатори, е атмосферата пред Собранието, кога партиски активисти решија да кампуваат по вчерашниот голем митинг на владејачката партија.

Тие немаат посебни барања. Велат дека се таму за да ѝ изразат поддршка на Владата.

„Немаме никакви барања. Само ја поддржуваме Владата. Впрочем, вчера се кажа сè што треба. Дојдоа 500.000 луѓе наспрема тие 20.000 претходниот ден. Тоа доволно кажува колку овој народ го сака Груевски! Еве и странски служби да го донесат Заев на власт, кое е неговото ветување, што ќе направи тој за Македонија?“, ни рече младиот Мартин, кој носеше маица со логото на владејачката партија.

Кога го прашавме што работи, кратко ни одговори: „Ништо не работам, ама тоа не значи дека не треба да го поддржувам Груевски и неговите политики“.

Присутните велат дека контра - кампот го организирала Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Присутните велат дека контра – кампот го организирала Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Случајно пред шаторите помина еден постар човек кој се враќаше со полни ќеси овошје и зеленчук од пазар, па праша: „Што се случува овде?“ Му одговоривме дека се кампува за поддршка на Владата, а тој кратко одговори: „Аааа, значи Македонците протестираат, убаво, браво!“

Македонското и знамето на ВМРО-ДПМНЕ се веат во кампот | Фото: БИРН

Македонското и знамето на ВМРО-ДПМНЕ се веат во кампот | Фото: БИРН

Присутните пред Собранието имаат различни мислења за тоа зошто се таму. Најголемиот дел од нив, кои се претставуваат како организатори, велат дека немаат никакви барања. Но, можеа да се слушнат и други мислења.

„Спиев тука, ќе спијам и вечер! Ќе седам сè додека градоначалникот на Центар Андреј Жерновски не даде оставка“, ни рече еден од присутните.

Друг, пак, употребувајќи погрдни зборови за геј-заедницата додаде дека ќе спие пред Собранието додека сите „тие“ не си заминат од државата.

Пред Собранието се поставени дваесетина шатори, а присутните најавуваат дека ќе има и повеќе | Фото: БИРН

Пред Собранието се поставени дваесетина шатори, а присутните најавуваат дека ќе има и повеќе | Фото: БИРН

Жените кои ја поминале ноќта пред Собранието денеска седеа на клупите. Мажите беа тие што беа собрани пред шаторите дебатирајќи за политика. Сепак, дел од жените вршеа и координација, па можеше да се слушне како ги договораат Униите на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

„Унијата на жени од Гази Баба се дојдени, јавете им и на оние од Центар да дојдат!“, извикуваше постарата жена која ги координираше останатите.

Униите на жени од ВМРО-ДПМНЕ се приклучуваат кон контра - кампот | Фото: БИРН

Униите на жени од ВМРО-ДПМНЕ се приклучуваат кон контра – кампот | Фото: БИРН

Пред Собранието сретнавме и младо момче кое го местеше крстот пред споменикот на Македонската револуционерна организација. Го прашавме што претставува крстот, а тој децидно одговори:

„Православие, се знае!“.

Жолтиот крст значи православие, ни одговори младиот дечко од Унијата на млади сили | Фото: БИРН

Жолтиот крст значи православие, ни одговори младиот дечко од Унијата на млади сили | Фото: БИРН

Камперот пред Собранието кој не сакаше да ни се претстави вели дека ќе остане пред Собранието и месец – два, доколку е потребно.

„Јас сум од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Немаше наредба да бидеме тука, сами се организиравме за да дадеме поддршка. Како што тие ја напаѓаат Владата, така ние ја браниме.“

Нашите дела - наша борба за Македонија, гласи логото на контра - камперите | Фото: БИРН

Нашите дела – наша борба за Македонија, гласи логото на контра – камперите | Фото: БИРН

Само неколку улици подалеку од кампот пред Собранието, претставниците од опозицијата кампуваат пред Владата, барајќи оставка од премиерот Никола Груевски.

Камперите од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не сакаат инциденти со нив, ниту пак, сакаат средба.

„Со нив не се разговара. Тие работат против нас, против државата. Не сакаме ниту контакти со нив, ниту пак, инциденти“, ни рече младиот претставник од Унијата на млади сили.

Знамињата на владејачката партија се главен белег на контра - протестот пред Собранието | Фото: БИРН

Знамињата на владејачката партија се главен белег на контра – протестот пред Собранието | Фото: БИРН

Дебелата сенка пред Собранието им овозможува на камперите да избегаат од горештините. Дел од нив, пак, велеа дека не спиеле цела вечер, па на пладне легнаа во шаторите да одморат, додека во позадината продолжи да ечи македонска народна музика.