Основниот суд во Приштина ги осуди поранешниот министер за инфраструктура Пал Лекај и уште тројца функционери во Министерството поради 53 милиони евра, кои косовската влада му ги исплатила на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ заради доцнење во плаќањето за изградбата на автопатот „Арбен Џафери“, кој ги поврзува Косово и Македонија.
„Судскиот совет ги прогласува за виновни обвинетите: Пал Лекај, Небих Шатри, Есет Бериша и Бесим Тахири“, објави во средата, судијата претседавач Виолета Намани.
„Тие сториле кривично дело злоупотреба на положбата или службено овластување или биле соучесници“, продолжи Намани, наведувајќи дека судот „го осудува обвинетиот Пал Лекај на затворска казна во траење од три години и осум месеци“.
Судот му забрани на Лекај да врши јавни функции во јавната администрација три години и шест месеци по завршувањето на затворската казна.
Лекај, како шеф на Меѓуминистерскиот совет за изградба на автопатот, го ангажирал својот советник Есет Бериша да преговара за дополнителните трошоци со компанијата. Со помош на Бериша, Лекај „целосно го игнорирал“ мислењето на компанијата за надзор „Хил интернационал“. Надзорот заклучил дека владата ѝ должи околу 14,8 милиони евра на „Бехтел и Енка“, чии „дополнителни финансиски барања“ ги нарекува „целосно неразумни и неприфатливи“.
„Со криење и непретставување на реалната состојба на другите членови на министерскиот совет, Лекај заедно со Бериша, им претставија лажни факти… да препорачаат владата да го одобри барањето на „Бехтел и Енка“ за 53,1 милиони евра , за продолжување градежни работи“, се вели во обвинението за случајот.
Мислењето на Хил можеше да ѝ заштеди на владата околу 38 милиони евра.
Есет Бериша беше осуден на три години и три месеци затвор и три години забрана за вршење јавни функции по завршувањето на затворската казна.
Небих Шатри и Бесим Тахири беа осудени на по една година и осум месеци затвор и две години забрана за вршење јавни функции по завршувањето на затворските казни.
Во јуни 2018 година, БИРН објави дека првичниот договор за изградба на автопатот, потпишан во јули 2014 година, бил со цена од 599.944.263 евра. Но, 15 месеци подоцна, трошоците скокнаа за повеќе од 8 милиони, како резултат на зголемувањето на ДДВ наметнато од владата, од 16 на 18 отсто.
Изградбата на автопатот почна во 2014 година, а требаше да заврши во 2018 година. За да му даде патриотска тежина на проектот, тогашниот премиер Хашим Тачи го именуваше новиот автопат по покојниот лидер на Албанците во Македонија „Арбен Џафери“.
Ова беше втор голем инфраструктурен проект на „Бехтел и Енка“ во Косово. Претходно, конзорциумот изгради друг автопат кон Албанија, кој беше пуштен во употреба во 2012 година.
Одлуката на судот може да се обжали.
Преку прес-службата на партијата Алијанса за иднината на Косово, Лекај негираше дека сторил нешто лошо и рече дека ќе поднесе жалба.
„Никогаш не сум ги пречекорил своите надлежности и никогаш не сум ја злоупотребил функцијата министер, ниту во случајот со автопатот „Арбен Џафери“! Нормално дека ќе се жалам на пресудата пред Апелациониот суд и сигурен сум дека денешната одлука ќе биде прогласена за ништовна“, се вели во соопштението.