Вести

Ексдиректор на Телекабел ја купува ТВ 24

Македонец преку српска фирма станува нов сопственик на медиумот

Сателитската Телевизија 24 го менува сопственикот по 13 години од основањето.

На денешната седница, Советот на агенцијата за медиуми даде зелено светло од сопственоста да излезе Австриецот Јирген Мајкснер, кој беше газда на телевизијата преку двете негови компании „ЈМ-Дата“, која е основач на инвестициската компанија (Cable 24) „Кејбл 24“, регистрирана во австрискиот град Линц.

Советот попладнево донесе одлука со која дозволува промена на сопственичката структура на медиумот.

На место на Мајкснер влегува скопјанецот Зоран Киш, поранешен директор на кабелскиот оператор „Телекабел“. Тој, лани во септември ја основал фирмата „Комнет 328“ во Белград, со дејност „производство и емитување телевизиска програма“.

„Истапува првиот сопственик од Австрија, сега имаме домашен граѓанин, од Македонија, со регистрирана компанија од Србија“, рече претседателот на Советот на Агенцијата, Лазо Петрушевски.

Од стручната служба на АВМУ изнесоа податоци дека во Централниот регистар, ниту фирмата, ниту Киш не се јавуваат како основачи на други трговски друштва. Новиот сопственик не се јавува како основач на ниедна друга фирма во Македонија.

Согласноста што ја дава Агенцијата за медиуми е поради тоа што Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забранува медиумска концентрација, односно сопственици на телевизии, радија и весници да може во исто време да поседуваат други медиуми, телекомуникациски оператори, маркетинг-фирми и сл.

Телевизијата со години се обидува да добие национална концесија, меѓутоа сите нејзини обиди досега биле неуспешни.