Вести

Запрена дисциплинската за Беса Адеми – останува претседателка на Врховен

Мнозинството пресече во полза на Адеми

Судскиот совет ја запре двомесечната дисциплинска постапка за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

По неколкучасовна дискусија за извештајот на комисијата известители, со 7 гласа „за“ и 4 гласа „против“, Судски ја оконча постапката за утврдување одговорност што ѝ беше поведена лани во ноември.

За да продолжи постапката беа потребни 7, а за да биде разрешена 8 гласа.

Во последниот работен ден, Адеми дојде во Судски да даде своја одбрана. Откако тричлената комисија состави извештај, тој денеска се најде на седница на Судскиот совет.

Долга и напната седница

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет

Старо-новата претседателка Весна Дамева во одбрана на Адеми | Фото: БИРН

Кога утрово новинарите, снимателите и претставниците на граѓанските организации влегоа во салата на Судскиот совет, најголемиот дел од членовите веќе беа во салата.

На дневниот ред имаше 9 точки, но сите беа дојдени само за шестата – барањето за дисциплинска постапка на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Таму денеска беше само нејзината адвокатка Павлина Зефиќ-Јакимовска.

На масите пред сите членови беше оставен лист со приемни печати и потписи од писмата што ги праќа Судскиот совет. Таму беа и поканите што ѝ биле праќани на Адеми за присуство на седниците на Судски.

А едниот аргумент за нејзиното разрешување е токму тоа – неприсуство на седниците.

Брзопотезната двомесечна дисциплинска постапка за „правна и професионална некултура“ ѝ ја поведе членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, кој ја напушти седницата додека траеше дискусијата за Адеми, за да се избегне да влијае врз колегите.

Мустафа бараше да се разреши претседателката Адеми поради тоа што не дошла на 21 седница на Судскиот совет, во период од шест месеци, за отсуството не доставила докази, како и поради тоа што не дошла на работен состанок по интервјуто за порталот СДК.

Во него судијката говореше за притисоци врз Врховниот суд за оживување на аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Иако дел од актерите демантираа, впечатокот во јавноста беше дека ова е дел од пошироко сценарио на власта, за враќање на Никола Груевски преку запирање на судските постапки против него и со тоа ослабнување на позицијата на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Едно се говорело на колегиум, друго пред јавност?

Судски совет

Најгласна меѓу четворицата за утврдување одговорност беше Тања Чачарова-Илиевска | Фото: БИРН

Дискусијата во Советот беше долга и на моменти со високи тонови.

Најгласна меѓу четворицата за утврдување одговорност беа Тања Чачарова-Илиевска, поранешната советничка на Зоран Заев. Таа бараше да ѝ се укаже јавен укор или опомена на Адеми поради игнорирање на нејзините обврски како член на Судскиот совет.

Според изјавите, се стекна вепчаток дека за одговорност на Адеми беше и струмичката судијка Лорета Георгиева.

Таа говореше дека е запрепастена од, како што кажа, „ретерирање“ во дискусиите на нејзините колеги, бидејќи, како што рече „едно се говорело на работни колегиуми, а друго пред јавноста“.

На иста линија беше и членот на Судски, Селим Адеми.

На спротивната страна беа судиите Антоанета Димовска, Ивица Николовски и поранешната претседателка Павлина Црвенковска.

Тие говореа дека барањето за одговорност е неосновано и дека Адеми не го повредила законот. Во одбрана на Адеми застана и претседателката на Судски, Дамева.

Случајно или не, пред денешната седница, старо-новата претседателка, која Управниот суд ја врати на позицијата, имаше средби со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп и со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

Тие беа најгласни во критиките и загриженоста за тоа што се случува во Судскиот совет по разрешувањето на Дамева.

Адеми, за претседателка на Судски, беше избрана во 2021 година. Мандатот ѝ е до февруари 2025 година.