Судски против Беса Адеми: Иста шема, нов непослушник

Коментар на Васко Маглешов

Само тројцата членови на дисциплинската комисија при нелегитимниот Судски совет (како што без ракавици го оцени холандскиот амбасадор) знаат што е толку итно, па во последниот работен ден од годината, мораа да ја повикаат претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на „сослушување“ за иницијативата за разрешување од функцијата.

Манирот во кој се изведува овој „правен блицкриг“ укажува само на едно: постапката мора да заврши што побргу. Веројатно и пред да се распушти парламентот.

Кабаетот на Адеми ѝ го најде членот на Советот, Миљазим Мустафа, кого парламентот го избра за член на Судски, на предлог на претседателот Стево Пендаровски, откако претходно со години беше на функции во извршната власт.

А „бељата“ е што Адеми не доаѓала на седниците на Советот од мај до октомври. За некои седници не приложила доказ зошто не доаѓала. Освен тоа, ѝ се забележува дека не отишла на средба во Судскиот совет за да разговара за притисоците за оживување на аболициите на Ѓорге Иванов, за кои, таа, како ретко кој судија, говореше во интервју за порталот СДК.

На трети – интервју, на седми дисциплинска

Судски совет

Судски не најде време да разговара за пропагандата која се водеше против Беса Адеми | Фото: БИРН

И ништо од ова немаше да биде невообичаено, да беше Судскиот совет постојано вака експедитивен во грижата за извршување на неговите функции.

Можеше да биде вака брз и ефикасен и за одговорност на судијата Енвер Беџети, кој 9 месеци го чуваше во фиока предметот за прислушувањето. Ажурните членови на Судски речиси една година точката за неговата одговорност не ја ставија на седница на Советот, за на крајот, едвај некако да помине, и тоа со парична казна.

Слично беше и со извештајот за постапувањето на судиите во случајот „Труст“.

На седницата на Судски годинава се најде сенешто. Па, и точка за разгледување на снимки од надзорните камери за да се види дали некој или можеби духови ѝ упаѓале во канцеларијата на членка на Советот. Што се случи со тоа, не знаеме. Но, секако на ниедна седница не се најде точка за пропагандната канонада против претседателката на Врховен, која ѝ ја стокмија портали што ги раководат луѓе блиски до ДУИ.

Впрочем, каков е Советот, би било илузија да расправа за ваква медиумска војна, иако тоа му е основната цел поради која е основан.

Тие што читаат „меѓу редови“, насетија дека нешто заднински се случува уште на 25 октомври. Тогаш претседателката Адеми и уште десетина врховни судии се сретнаа со американската амбасадорка Анџела Агелер во Врховниот суд.

Не треба посебна мудрост во пораката на Агелер по средбата, „да се почитува уставното начело на поделба на власта“, да се препознае дека некој од другата власт се обидува да го направи токму спротивното – да замеша прсти таму каде што не би смеел.

Како тоа да не беше доволно, една недела откако амбасадорката се фотографираше со судиите, на 3 ноември излезе интервју, во кое Адеми говореше за притисоци.

На шести ноември, Адеми требаше да дојде на средба во Судски за да одговори за притисоците.

Веќе на седми ноември, односно следниот ден ѝ е поднесено барањето за отворање на дисциплинската постапка.

На осми, пак, или ден по поведувањето на постапката за Адеми, стигна извештајот на оценската мисија на Европската комисија. А таму, меѓу другото, изречно се констатира нешто што е во колизија со иницијативата за разрешување – дека претседателката на Врховниот суд и министерот за правда не треба да бидат членови на Судскиот совет.

Во Извештајот пишува дека е и разбирливо што Адеми не присуствувала на седниците по скандалозното разрешување на Весна Дамева. Недостига уште со маркер да подвлекле дека доаѓањето на седници пред ваков Судски совет ќе значи само факторизирање на правната интрузија што „пучистички“ ја направија осуммина членови.

И кај Адеми истиот „ракопис“

Истите луѓе што ја разрешија Дамева ѝ плетат политичка јамка и на Адеми| Фото: БИРН

Има ли право воопшто Судски да се занимава со изостаноците на Адеми? Претседателот на Врховниот суд, како и министерот за правда се единствените двајца во 15-члениот Судски совет со безмалку „протоколарна“ функција и без право на глас при одлучувањето.

Членовите на Советот, кои очигледно се одлучни да се занимаваат со формата наместо со суштината, треба да одговорат каде во Уставот пропишува дека Советот може да ги „превоспитува“ членовите на Советот по функција? Зошто Судски не испрати иницијатива за интерпелација за министерот за правда до парламентот, кој, исто така, не доаѓа на ниедна седница? Со колку неоправдани изостаноци следува опомена, а со колку исклучување? Се претвора ли Судскиот совет во истражен орган, кој ќе го испитува (не)оправданото отсуство од седниците?

Членовите што бараат одговорност од Адеми како свесно да ја промашиле причината, поради која, само 1 процент од граѓаните целосно имаат доверба во правосудството – да се грижат за самостојноста и независноста на судската власт.

Дека оваа иницијатива е наменски „дотерана“, говори и тоа што во Извештајот што самите членови на Судскиот совет го усвоиле за 2022 година, пишува дека Врховниот суд е ажурен суд во совладувањето на приливот на предмети, па, според тоа, претседателката, на која ѝ подготвија „правосудна калварија“ дека е неодговорна, добро го менаџира судот.

Медиумите и граѓанските организации ретко кога во минатото ги гледале претседателите на Врховен и уште поретко министрите за правда во Судски, па овие брзи потези за дисциплинирање на Адеми оставаат впечаток дека се показна вежба за тоа како може да заврши секој судија ако му се намерачи мнозинството во ова тело.

Исто онака како што кабадахиски беше разрешена Дамева. Со три седници во еден ден, и, како што пишува во извештајот на Европската Унија, со „произволно толкување на законските одредби“.

Осум месеци по детронизирањето на Дамева, третата власт нема абер да ѝ ја разгледа тужбата. Управниот суд, не само што не пресудил, туку не закажал ниту рочиште. И тоа го пишува во Извештајот на оценската мисија.

И Скопското обвинителство до кое Дамева испрати кривична пријава уште нема одлука.

Каква одлука може да се очекува за Адеми кога во комисијата за нејзиното разрешување има правосудна „кохорта“, која, спротивно на Законот, ја разреши Дамева?

Само уште ако гласовите потребни за разрешувањето на Дамева се истите оние што ѝ плетат „свилен гајтан“ на Адеми, тогаш недвосмислено ќе се потврди дека станува збор за ист центар на моќ, кој, не само што очигледно има агенда, туку има и доволна политичка сила за да го спроведе тоа.