Регион

Емисија на Морган Фриман ги налути Србите

Младен Лакиќ, Сараево

Морган Фриман во меморијалниот центар Сребреница. Фото: Национална географија

Емитувањето на серијалот, „Приказна за нас”, на Национална географија, кој го води Морган Фриман, предизвика реакции и поттикна обвинувања дека оваа ТВ станици е антисрпски настроена, но и наводи за негирање на воените злосторства.
 
Емисијата беше прикажана во неделата. Во неа Фриман, шетајќи во близина на меморијалниот центар во Сребреница, разговара со добро познатиот новинар, Сенад Хаџифејзовиќ, и со неговиот син.
 
Холивудската ѕвезда го посети и Сараево, зборуваше за опсадата на градот која траеше три и пол години, како и за вината на Слободан Милошевиќ за војната во Босна и Херцеговина, која што се водеше од 1992 до 1995 година.
 
Новинската агенција од босанскиот ентитет, Република Српска, СРНА, во вторникот објави остри реакции на познати српски аналитичари, кои тврдат дека Национална географија ги прикажува Србите, за време на конфликтите во БиХ, како воени злосторници.
 
„Видовме за 25 години многу слични обиди Србите да се прикажат како виновници за војните во поранешна Југославија и како злосторничка страна. Така што, во таа смисла, ова не е ништо изненадувачки“, изјави за СРНА, Владимир Кецмановиќ, писател од Бања Лука.
 
Белградскиот аналитичар, Драгомир Анѓелковиќ, емисијата на Фриман ја окарактеризира како „пропаганда” против која е потребна систематска борба.
 
Други, пак, замеруваат бидејќи Фриман не ги спомнал српските воени жртви, истакнувајќи дека дал еднострана слика за злоделата во војната во БиХ.
 
Но, за Златиборка Попов-Момчиновиќ, мировна активистка од Сараево, се работи за реакции со кои се прави обид да се негира она што се случило.
 
„Секогаш кога ќе се спомене одговорноста на српските водачи, ќе наидете на вакви или слични реакции, што ни кажува дека напорите за справување со минатото мора да бидат посилни”, вели Попов-Момчиновиќ за БИРН.
 
„Без разбирање на минатото, немаме ништо, а случаите како овој ни покажуваат колку е чувствителна и важна оваа тема”, додаде таа.
 
Околу 8.000 Бошњаци, во јули 1995 година, беа масакрирани откако силите на босанските Срби ја зазедоа Сребреница – што е најлошо злосторство во Европа по Втората светска војна.
 
За овие злосторства, пред Судот на Босна и Херцеговина и пред Хашкиот трибунал, на вкупно 637 години затвор беа осудени 38 лица, додека три лица добија казна доживотен затвор.
 
Пресудата која што имаше историско значење, беше првостепената пресуда на Радован Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска. Тој е досега единствениот политички лидер кој бил прогласен за виновен за геноцид. Хашкиот трибунал во 2016 година го осуди на 40 години затвор.
 
Во ноември минатата година, поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, беше осуден на доживотен затвор за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.