Невладината организација, Куќа на човекови права (КЧП) Загреб, во својот годишен извештај што денеска беше објавен, посочува дека во Хрватска во 2019 година, „како и претходните години, гонењето на воените злосторства е во застој“ и дека говорот на омраза и нетолеранцијата кон малцинствата продолжуваат да бидат присутни и во јавноста, и во дигиталната сфера.
„Наместо да се подобри регионалната соработка со судствата во земјите каде живеат обвинетите за воени злосторства, бројот на судења во отсуство сѐ повеќе се зголемува. Хрватска продолжува да процесира мал број случаи, во кои осомничени се припадници на хрватските воени и полициски единици“, се вели во извештајот.
Во 2019 година, немаме значителен напредок во идентификацијата на исчезнатите лица, посочува КЧП. Според податоците на Министерството на хрватски бранители, судбината на над 82% од лицата исчезнати во војната во 90-тите е решена, но сè уште има 1.871 нерешен случај.
„Процесот на идентификација сè уште не е ефикасен, особено заради исклучително лошата соработка помеѓу надлежните органи на Хрватска и на Србија“, се вели во извештајот.
Во него се нагласува дека трендот на „негирање и игнорирање на судски утврдените факти“ продолжил и во 2019 година, како и феноменот на „глоригикација на воените потфати на лицата осудени за воени злосторства“.
Во извештајот се критикува наставната програма по историја во хрватските училишта, за која се вели дека „не поттикнува критичко разбирање на историските настани и мултиперспективност, туку промовира националистички дискурс“.
Во извештајот се истакнува постоењето на серија вербални напади врз српското национално малцинство во Хрватска.
„Продолжуваат да загрижуваат изјавите во медиумите и на социјалните мрежи, особено насочени кон српското национално малцинство, кои се карактеризираат со етничка нетрпеливост, говор на омраза, дискриминаторски говор и историски ревизионизам“, се вели во извештајот, во кој се потенцира оти посебно загрижуваат физичките напади врз Србите.
Да потсетиме, во февруари 2019 година, група мажи во Сплит, нападнаа тројца ватерполисти на Црвена звезда од Белград. Потоа, во јуни истата година, група од пет мажи, членови на навивачкиот клуб на сплитски Хајдук, Торцида, нападнаа четворица сезонски работници во Супетар на островот Брач. Двајца од нив беа Срби кои живеат во Хрватска.
Потоа, во август 2019, се случија два одвоени напади врз хрватски Срби, кои на телевизија гледаа пренос на фудбалски натпревар на Црвена звезда во Белград, во кафулиња во селата Уздоље и Ѓеврске, во кои напаѓачите упаднале. Пет лица, меѓу кои и еден малолетник, тогаш беа полесно повредени. Во декември, Општинското обвинителство на Шибеник, обвини 15 мажи кои, наводно, учествувале во овој инцидент, за кривично дело извршено од омраза.