Регион

Европа ја препознава важноста на антивоениот активизам на Балканот

Иван Ѓуриќ, програмски директор на МИЧП во Србија, во интервју за БИРН вели дека номинацијата за наградата за човекови права, Вацлав Хавел, е потврда за неопходноста на антивоената кампања на Балканот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Иван Ѓуриќ, програмски директор на МИЧП во Србија, во интервју за БИРН вели дека номинацијата на оваа организацијата за наградата за човекови права, Вацлав Хавел, е потврда за неопходноста на антивоената кампања на Балканот.

„Кога зборуваме за човековите права, зборуваме за Советот на Европа, за Европската конвенција за човекови права или за Европскиот суд за човекови права; ние нив ги гледаме како последен бастион во одбраната на нашите права, и да се биде препознаен од нив, нам многу ни значи. Ова значи дека Европа разбира зошто е важно тоа што ние денес се занимаваме со превенција од војната“, потенцира Ѓуриќ.

„Сметаме дека тоа е признавање на нашата работа како организација, но и на нашите идеи и вредности за кои се залагаме“, додава тој.

Наречена по славниот чешки дисидент и државник, наградата Вацлав Хавел, ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа, во партнерство со библиотеката Вацлав Хавел и фондацијата, Повелба 77, за извонреден придонес во граѓанскиот сектор, во одбраната на човековите права.

Овогодишни кандидати, во потесен избор, се затворениот ујгурски писател во Кина, Илхам Тохти, адвокатот за човекови права во Таџикистан, Бузургмер Јоров и МИЧП, мрежа на невладини организации кои работат во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора и во Србија.

Основана во 2003 година, МИЧП води кампања за правда, еднаквост, слобода, демократија и мир и за воспоставување на соработка помеѓу младите активисти од државите во регионот, во услови на постојани поделби предизвикани од војните во 90-тите.

Едно од главните прашања со кои се занимава МИЧП на Србија, е промовирањето на ЛГБТ правата. Оваа организација е една од организаторите на Парадата на гордоста во Белград – Белград прајд. Првично, Парадите на гордоста се одржуваа со насилни обиди за прекинување на овој настан од страна на десничарските екстремисти, а потоа, нивното одржување беше три години по ред забранувано, од безбедносни причини. Сепак, од 2014 година, овој настан се одржува без поголеми инциденти во центарот на градот, со големо присуство на полицијата.

Во пресрет на Парадата на гордоста, закажана за в недела, на 15 септември, организаторите организираа серија настани за да ја пренесат пораката за толеранција од главниот град на Србија, во помалите градови.

„Посетивме десет градови и во повеќето од нив атмосферата беше одлична, беше добро примено“, вели Ѓуриќ.

Тој додава дека Парадата на гордоста во Белград сега е „нормализиран“ настан и дека одговорноста на организаторот е да го „поделат“, со проширување на случувањата кои се одржуваат во рамките на Неделата на гордоста, во другите места низ цела Србија.

ЛГБТ активистите прошетаа со транспаренти низ центарот на осум локални градови, без никакви проблеми. Сепак, овој настан во Ваљeво и во Нови Пазар беше откажан, поради закани од десничарски групи.

„Величање“ на воените злосторници

Иван Ѓуриќ, програмски директор на МИЧП на Србија, на фестивалот „Мердита, добар ден“. Фото: МИЧП

Освен по Парадата на гордоста, МИЧП во Србија е познат и по својот активизам врзано за воените злосторства, по своите активности со кои укажува на потребата да се почитуваат утврдените факти за војните во 90-тите и со кои се осудуваат сторителите.

Ова е сè уште контроверзно прашање во Србија. Властите честопати ги негираат или минимизираат воените злосторства извршени од Србите, а осуден воен злосторник се наоѓа дури и како пратеник во Собранието – лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ.

„Не мислам дека моралното осудување (на воените злосторства) навистина постоело некогаш овде во нашето општество“, истакнува Ѓуриќ.

„Кога станува збор за правните аспекти, за судските процеси на воените злосторства и за нивните резултати, тие секогаш тука биле слабо прифатени“, нагласува тој. „Но, мислам дека сега сме на најниската точка, затоа што не постои морална осуда (на осудените воени злосторници). Напротив, сегашната политичка елита буквално ги глорифицира, слави државни празници со нив, ги објавува нивните книги“, објаснува Ѓуриќ.

Минатата година, српскиот суд потврди пресуди и парично казни осум активисти на МИЧП, поради попречување на говорот на осудениот воен злосторник, Веселин Шљиванчанин, на настан чиј домаќин беше владејачката Српска напредна партија (СНП), во градот Бешка.

Шљиванчанин издржуваше затворска казна за воени злосторства. Тој беше осуден за помагање и поддржување на измачувањето на затвореници од несрпска националност во Вуковар, Хрватска, во 1991 година. По напуштањето на затворот, Шљиванчанин е чест гостин на настаните на СНП.

Ѓуриќ истакнува оти овој очигледен недостиг на напредок во српското општество, понекогаш може да биде фрустрирачко.

„Но, поголемиот дел од времето, чувството е поинакво. Може да се види мал успех, дека има нешто што ги нервира (оние што ги негираат воените злосторства), таа нога која не дава вратата да се затвори. Сакам да мислам дека сите ние, антивоени активисти, сме ја ставиле ногата покрај вратата и дека без нас, без целото антивоено движење, таа врата на, како што го нарекуваме, Западот, каде се почитува мирот, демократијата и слободата, ќе беше одамна затворена“, потенцира тој.

„Чувари на сеќавањето

Aктивистите на МИЧП, на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница во Белград, носеа транспарент со натписот: „Премлади да се сеќаваме, решени никогаш да не заборавиме“. Фото: БИРН

Во Србија, МИЧП, исто така, е вклучена во организирањето на настани како што е фестивалот „Меридита, добар ден“, кој ја претставува косовската уметност и култура пред белградската публика и има за цел да ги приближи Србите и косовските Албанци.

Таа учествува и на комемораиите што се одржуваат во Белград, во знак на сеќавање на жртвите на масакрот во Сребреница, извршен  во 1995 година од страна на силите на босанските Срби. Србија одбива да ги прифати масакрите како геноцид, и покрај меѓународните судски пресуди.

Активностите на МИЧП во Србија предизвикаа силни реакции од страна на националистите и десничарите, кои им се закануваат и се обидуваат насилно да ги прекинат настаните што промовираат помирување меѓу Србите и косовските Албанци.

Ѓуриќ потенцира дека одговорноста на активистите, за вистината и правдата, е поважна од стравот од напад.

„На пример, ако носите транспарент со имиња на жртвите (од војната во Косово), закопани во масовна гробница во Батајница (крај Белград), и некој ви се заканува дека ќе ве удри со шише или со нешто друго, тогаш е нечесно (кон жртвите) да се плашите. Исто така, имаме голема доверба во полицијата, затоа што многу пати сме виделе дека таа ја врши својата работа професионално“, додава тој.

„Но, морам да кажам дека има нешто во обидот да бидеме чувари на сеќавањето или заштитници на луѓето кои претрпеле многу повеќе отколку што можеме да замислиме, така што вашата совест не ви дозволува да покажете страв“, заклучува тој.