Деветмина пратеници од владејачкото мнозинство предложија измени на Кривичниот законик, за да се надмине правната хаварија со измените направени во 2023 година. Со овие измени се скратија роковите на застареност за неколку кривични дела во делот на службената положба и овластување, се смени описот на дејствијата.
Тогашната власт тврдеше дека законските измени ќе доведат до пократки рокови, а судовите и обвинителствата ќе постапуваат поажурно. Но, наместо тоа, добивме побрзо застарување на истрагите и обвиненијата за стотици функционери.
Уставните судии, во февруари лани поведоа постапка за оценка на уставноста на измените и му дадоа рок на парламентот да интервенира законски. Тој рок беше продолжен поради изборите, а Собранието мораше да одлучи до декември.
Во парламентот, минатиот петок се одржа јавна расправа за измените. Едно од прашањата за кои се отвори дискусија беше ставот 5 од членот за злоупотреба на службената положба и овластување 353, кој се однесува на јавните набавки и за штета направена врз буџетот на државата и јавните фондови.
Овој став во 2023 година беше избришан целосно. Сега се воведува повторно, но текстот на членот е многу поразличен од претходно. Поканетите, на јавната расправа во Собранието, рекоа дека со новите измени не се премостува правната празнина, туку се прави уште поголема штета.
На јавната расправа, во име на Платформата граѓански организации за борба против корупцијата, излагање имаше Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, организација која со децении ги следи јавните набавки. Со неа разговараме за предложените законски измени во Кривичниот законик, во делот за јавните набавки.
БИРН: Бевте дел од јавната расправа што се одржа во Собранието за предложените измени на Кривичниот законик. Кој е вашиот став за измените што се предлагаат во делот со јавните набавки?
Факиќ: За разлика од септември 2023 година, кога измените на Кривичниот законик беа донесени експресно и без јавна расправа, овојпат е позитивно тоа што Собранието организираше јавна расправа и овозможи вклучување на стручната и пошироката јавност. Сепак, останува да се види дали бројните забелешки и предлози ќе бидат суштински земени предвид или расправата ќе остане само формален чекор во законодавната постапка.
Во однос на предложеното решение за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување во јавните набавки, предлагачите тврдат дека измените ќе доведат до заострување на казнената политика. Меѓутоа, анализата на предложениот член 353 став 5 укажува дека предложеното законско решение, наместо заострување на казнената политика, ќе доведе до спротивен ефект.
Со предложените измени, кривичната одговорност во јавните набавки се сведува само на две основи, набавка на стоки, услуги или работи без да се спроведе постапка за јавна набавка или измени на договорот за јавна набавка за време на неговата важност над законски утврдениот вредносен праг. Овие ситуации се исклучително ретки, па дури можеме да кажеме дека не се ни случуваат. Напротив, во пракса имаме фаворизирање фирми, прилагодување на тендерските документации и технички спецификации на однапред избран понудувач, селективно постапување, склучување договори без реална потреба од набавката, пропусти со умисла, толерирање на незаконитоста во реализацијата на договорите итн. Токму тоа се најчестите форми на злоупотреби во јавните набавки, кои се систематски утврдени преку нашиот долгогодишен мониторинг на јавните набавки, а не наведените основи во предложеното решение.
Со тоа што законодавецот експлицитно наведува само две ситуации, сите други облици на злоупотреба во јавните набавки што не се опфатени со кривичното дело, во пракса ќе бидат декриминализирани. Тоа, според нас, е најсериозниот проблем со предложеното законско решение.
БИРН: Предложеното решение го помина првото читање во Собранието, што доколку членот 353 се усвои таков, каков што е предложен од пратениците?
Факиќ: Предложените измени, со тоа што ја фокусираат кривичната одговорност на само две основи, кои не се ни случуваат во пракса, ќе создадат правна несигурност и потецијално можат да доведат до прекинување и на сите актуелни кривични предмети од областа на јавните набавки. Имено, од јавнодостапните информации, ниту еден актуелен кривичен предмет за јавните набавки не се води по овие две основи.
Доколку се усвојат предложените измени, може да се очекува натамошно зголемување на корупцијата и злоупотребата на јавни средства во јавните набавки. Обвинителството ќе нема правна основа да постапува во најголемиот број случаи, судовите ќе немаат основа да изрекуваат затворски казни, а службените лица ќе знаат дека ризикот од реална одговорност е минимален, што дополнително може да ја поттикне корупцијата. Притоа, треба да се истакне дека вредноста на јавните набавки на годишно ниво изнесува 100 милијарди денари, односно 1,5 милијарда евра и од начинот на нивното трошење, во најголем дел, зависи квалитетот на животот на граѓаните.
БИРН: Кој е вашиот предлог што ќе биде доставен до Собранието, заедно со другите забелешки и предлози што ги има Платформата на граѓански организации за борбата против корупцијата?
Факиќ: Врз основа на нашето долгогодишно искуство во истражувањето на корупцијата во јавните набавки, сметаме дека предложениот концепт на издвојување поединечни основи за кривична одговорност не е добар. Јавните набавки се сами по себе комплексна и динамична материја и при нивното спроведување се наметнува потребата и од примена на законите на поодделната област за која се однесува набавката, како што се градежништвото, здравството, енергетиката или некоја друга област. Оттука, злоупотребите во јавните набавки може да бидат бројни и разновидни, и со издвојувањето на основите не се зголемува прецизноста на Кривичниот законик, туку се исклучува одговорноста и се оди кон декриминализација на основите што претходно законодавецот не ги предвидел. Поради тоа, сметаме дека е непходно да се користи поширока формулација, како што е „кривично дело сторено при вршење јавни набавки.“
Имајќи го сево ова предвид, предлагаме, наместо предложениот текст на членот 353, да се усвои текстот на членот 353 што беше укинат со измените на Кривичниот законик во септември 2023 година. Ова решение, подолго време беше применувано во пракса и обезбедуваше соодветна правна рамка за санкционирање на кривичните дела во областа на јавните набавки. Враќањето на поранешните законски одредби од членот 353 ќе претставува јасен сигнал дека државата има сериозна намера ефикасно да се бори против корупцијата во јавните набавки.

