Вести

Фалш ТОЕФЛ сертификатите испливале во истрага за местење испити

Полицијата ги открила лажните документи на директорките во истрага за Агенцијата за администрација

Фалсификуваните сертификати по англиски јазик што ги добиле двете осудени директорки преку бугарското студио „Јулија“, биле откриени случајно при друга истрага на полицијата во Агенцијата за администрација, дознава БИРН.

Од август 2022 година под мерки за следење биле вработени во Агенцијата, кои, за пари им помагале на кандидати да го положат испитот за административен службеник.

Според извори на БИРН од истрагата, инспектори од одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР истражувајќи го овој случај за злоупотреби дошле до пишана комуникација на обвинет во која се споменуваат некакви „потврди“.

Од таа комуникација, дознале дека станува збор за посредување при добивање сертификати по англиски јазик, ТОЕФЛ, од Бугарија.

Осудените директорки чии имиња испливаа на површина во јавноста по скандалот со сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, се всушност само две од повеќемина кои побарале и добиле такви сертификати за да добијат одредена функција.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, дека полицијата проверува 500 вакви сертификати.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека постапките за сертификатите за англиски јазик произлегле токму од предметот што се водел против вработените во Агенцијата за администрација.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е надлежно за кривичното дело фалсификување исправа, а за кое произлегоа индиции од претходно посочената постапка, што не беа поврзани со осомничените лица, МВР доказниот материјал и кривичните пријави што се однесуваат на ова кривично дело ги доставува до основните јавни обвинителства кои се стварно и месно надлежни“.

Четворица обвинети за местење испити во Агенцијата за администрација се спогодиле со обвинителството и биле правосилно осудени, за двајца било поднесено обвинение, а за еден била запрена постапката.

Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница во рака држеше сертификати за кои тврдеше дека се добиени на ист начин.

БИРН имаше пристап во една од четирите пресуди. Во неа првообвинетиот, прилепчанецот В. Н. (49), бил условно осуден за три кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и примање награда за противзаконско влијание. Судијата му изрекол и забрана да врши професија.

Од листата докази во самата пресуда до која дојде БИРН се гледа дека тогашните осомничени биле под мерки за следење од единицата за следење комуникации и секторот за прикриени операции при МВР. Токму на тој начин полицијата им влегла во трагот на „трговците“ со лажни дипломи.

БИРН во два наврати се обиде, но не доби одговори на прашањата колку кривични пријави МВР поднеле за лажни сертификати по англиски јазик, што биле откриени при истрагата во Агенцијата за администрација и во кои обвинителства се поднесени пријавите.

Ни настава, ни престој во Бугарија

Од разговори со луѓе кои биле во допир со предметот за осудените директорки, БИРН дознава дека заинтересираните за добивање на сертификатите по англиски јазик воопшто не патувале во Бугарија и не следеле настава за подготовка за полагање на тестот за ТОЕФЛ.

Сѐ се сведувало на комуникација на Вибер со човекот-врска. Праќање лични податоци, фотокопија од пасошот, фотографија, меил и телефонски број.

Според изворот со кој разговаравме, тоа се случувало на две локации: Во Скопје и во Струга. „Kандидатите“ за лажни сертификати добивале меил за регистрација за полагање на испитот за ТОЕФЛ.

Според информациите на БИРН, МВР во текот на постапката, контактирале со еден од неколкуте сертифицирани центри за спроведување испити за ТОФЕЛ во Скопје, како и директно со ЕТS (Educational testing service) oд САД.

Од таму добиле информации дека јазичното студио „Јулија“ не е акредитирано за спроведување на испитот за англиски јазик по ТОЕФЛ. Според истражувањата на 360 степени, јазичното студио нема никакво деловно работење од 2017 година.

Скопското обвинителство води истрага по анонимна кривична пријава и испитува дали документот што го приложил Христовски за да стане директор е фалсификат.