Да се реализираа сите странски инвестиции што последните десет години ги најавија македонските власти, до денес ќе се изградеа најмалку 138 фабрики и други производствени или услужни капацитети, во вредност од 3,8 милијарди евра, во коишто ќе беа вработени вкупно 62.701 човек.
Но, наодите од неколкумесечното истражување на БИРН „Странски инвестиции под лупа“ покажуваат дека перцепцијата што ја создаваа властите изминатите десет години, оти Македонија привлекува многу странски инвеститори коишто речиси секој месец градат по некоја фабрика и отвораат нови работни места, всушност, не е целосно точна.
Од вкупно 138 најавени странски инвестиции опфатени во базата на податоци, фабрики, погони, хотели или други објекти изградија 51 странски компании. Уште 44 инвестиции се во тек, најголемиот дел од нив најавени последните две години чијшто исход засега не може да се предвиди, но и такви коишто почнале да инвестираат и фабриките сѐ уште се градат.
Меѓутоа, истражувањето покажува дека дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализираа или пак. пропаднаа, што е речиси третина од вкупниот број на инвестиции опфатени во базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“.
Истражувањето на БИРН покажува дека дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализираа или пак, пропаднаа, што е речиси третина од вкупниот број на инвестиции опфатени во базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“
Податоците на БИРН од Централниот регистар, пак, кои покажуваат колку изнесуваат нетековните средства на странските компании, во коишто се вклучени вредноста на земјиштата, објектите, опремата, и кои, всушност, најблиску откриваат колку пари навистина вложиле инвеститорите, се во најмала мера поразителни.
Истражувањето покажа дека сите анализирани странски инвеститори, последните десет години во Македонија вложиле вкупно 579,6 милиони евра, што е речиси седум пати помалку од сумата што ја најавиле самите тие или претставниците на власта. А во оваа сума е вклучена и државната помош што им ја одобриле властите на странските инвеститори за градење на фабриките.
Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош, меѓутоа сумите со коишто граѓаните со парите што ги плаќаат за даноци и други јавни давачки го финансирале влезот на некој од инвеститорите, не е позната и во одлуките објавени од Комисијата за заштита на конкуренцијата, се означени со XXX.
Истражувањето на БИРН ја разоткрива и енигмата околу отворените нови работни места во фабриките што ги изградија странските инвеститори. Податоците до кои дојде БИРН, а се однесуваат на бројот на вработени во странските компании опфатени во оваа база до крајот на 2016 година, покажуваат дека се отворени вкупно 20.246 работни места, што е три пати помалку од најавениот број.
Слабиот удел на реализација на странските инвестиции – седум пати помалку пари инвестирани од најавеното и три пати помалку отворени работни места отколку што било ветено, покажува дека далеку помалку се граделе фабрики и се вработувало одошто што владиниот пи–ар фабрикувал најави за тоа.
Всушност, неколкумесечното истражување на БИРН покажа дека владиниот пи–ар работел толку интензивно на промоција на странски инвестиции, креирајќи очекувања во јавноста дека постојано ќе се отвораат нови фабрики и работни места, што една инвестиција се промовирала и по неколку пати, неретко со различни цифри за сумата на инвестицијата и бројот на работни места што ќе се отворат.
Инвестиции темпирани за избори
Доколку се анализира временската одредница на промоција на инвестициите, било да станувало збор за потпишување на меморандум за соработка, поставување на камен темелници или пак сечење црвени ленти на изградените фабрики, активностите се интензивирале особено во пресрет на изборни циклуси.
Па така, најавите за нови инвестиции најмногу доаѓаа последните две години, во период кога ескалираше политичката криза, а датумот за одржување на предвремени парламентарни избори постојано се пролонгираше.
Само во 2016 година, промовирани се вкупно 26 инвестиции. Оваа практика особено зачестува непосредно пред датумот на одржувањето на изборите, кога речиси секој ден претставници на владејачката партија ВМРО–ДПМНЕ, особено лидерот на партијата,Никола Груевски, било да е на митинг или на социјалните мрежи, им најавуваат на граѓаните по некоја нова странска инвестиција и им ветува дека ќе се вработат во некоја од тие фабрики.
Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош, меѓутоа сумите со коишто граѓаните со парите што ги плаќаат за даноци и други јавни давачки го финансирале влезот на некој од инвеститорите, не е позната
Во 2015 година властите најавиле вкупно 21 инвестиции, рекордни 30 инвестиции во 2014 година кога се одржаа парламентарни и претседателски избори. Претходно, во 2013 година кога имаше локални избори, се промовирале 16 инвестиции, при што најголемиот дел од нив се во региони надвор од Скопје.
Ако се рангираат според сумите што инвеститорите најавиле дека ќе ги вложат, најголема инвестиција во земјава којашто, всушност, сѐ уште е во тек, е на компанијата Еуромак рисорсес, којашто најави дека ќе инвестира 500 милиони долари (406 милиони евра) во рудник за ископување благородни метали кај струмичкото село Иловица. Најавата за оваа инвестиција датира уште од 2007 година, а договорот за концесија е потпишан пет години подоцна.
Втора по големина инвестиција е на турската компанија Лимак, којашто исто така е во фаза на реализација. Впрочем, оваа компанија уште во февруари 2012 година купи градежно земјиште кај Старата железничка станица наменето за изградба на хотели, деловни и трговски центри и угостителски објекти, а инвестицијата од 250 милиони евра, по четири години пауза, повторно се актуелизираше во октомври лани, во пресрет на парламентарните избори.
Меѓу најголемите најавени инвестиции има и неколку што воопшто не се реализираа, како што е Веибо Груп, турската компанија којашто планираше изградба на голем текстилен центар во индустриската зона Ранковце близу Крива Паланка во вредност од 315 милиони евра; инвестицијата на американската компанија Ду Понт и ирската Етанол Јуроп Рењуевлс кои до 2016 година требаше да инвестираат 250 милиони евра во фабрика за производство на целулозен биоетанол во пелагонискиот регион; и инвестицијата на индискиот милијардер Субрата Рој којшто неколку пати доаѓаше во Македонија, заедно со властите најави дека ќе вложи најмалку 200 милиони евра и на крајот сосе плановите исчезна од овде.
Најмногу пари од инвеститорите што изградија фабрики во земјава досега вложила британската компанија Џонсон Мети, која според билансот на состојбата за 2015 година, има нетековни средства од речиси 100 милиони евра. Меѓутоа, според најавите на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони, оваа компанија требаше да инвестира вкупно 145 милиони евра.
Анализата на податоците од оваа база покажува дека само четири странски компании коишто изградиле фабрики во земјава, вложиле онолку пари колку што ветиле, или дури и повеќе од тоа.
Најмногу натфрлила германската компанија Кромберг и Шуберт којашто најави дека ќе инвестира 20 милиони евра, но според нетековните средства од билансот на состојбата за 2015 година, сумата достигнува околу 29 милиони евра.
Германската компанија Таурус Фармс којашто најави дека ќе инвестира 5 милиони евра во дистрибутивен центар и плантажи за јаболка во Богданци, според нетековни средства има речиси двојно повеќе, или околу 9,6 милиони евра. Холандската компанија Антура во фабриката во Кочани инвестирала нешто повеќе од ветените 6 милиони евра, а компанијата Стил Кон која доаѓа исто така од Холандија, во Старо Нагоричане инвестирала 4,1 милион евра или околу 600 илјади евра повеќе од најавеното.
Кога станува збор за отворањето нови работни места, најголем работодавач меѓу странските инвеститори е Дрекслмајер каде што до 2016 година се вработени вкупно 5.507 луѓе. Потоа следуваат Кромберг и Шуберт со 3.116 вработени, Адиент Сеатинг (поранешен Џонсон Контролс) во Штип со 1.756 вработени, Амфенол со 1.135 вработени и Ван Хоол со 820 вработени.
Податоците до кои дојде БИРН за бројот на вработени, исто така откриваат големи варијации помеѓу 2016 и 2015 година. Поголем дел од инвеститорите што веќе отворија фабрики или пак, се во фаза на реализација на инвестициите, лани го зголемиле бројот на вработени, па така прва на листата е компанијата Кромберг и Шуберт со 851 ново работно место отворени за една година. Потоа следуваат компаниите коишто почнаа со производство во 2016 година – Ки Сејфти Системс со отворени 627 нови работни места, Амфенол со 620, Леар со 437, Гентерм со 346 нови работни места.
Меѓутоа, има повеќе странски компании чии фабрики или капацитети веќе работат, а во 2016 сепак го намалиле бројот на вработени. Најмногу работни места скратил ТАВ, и тоа 236, потоа Дрекслмајер каде што се евидентирани 223 помалку работници, Вистеон кој што отпуштил 194 луѓе, Агрофруктис од 152 на само 9 вработени, Продис од 72 се сведе на 5 луѓе.
ИТ компаниите ветуваат во милиони, инвестираат во илјади
Доколку се анализира според индустриите, најголем дел од странските инвестиции што биле најавени последните десет години се од автомобилската индустрија, и тоа 24 компании. Од нив, 10 се реализирани, уште 7 се во тек, а 7 не се реализирале.
Втори најзастапени се инвестициите во информации и комуникација каде што од вкупно 15 најавени, дури 10 се реализирале.
Истовремено во оваа индустрија се забележува најголемо потфрлување во реално вложената сума споредено со најавената. Така, компанијата Мусала Софт најавила инвестиција од 20 милиони евра, но нетековните средства на компанијата покажуваат вложување од само 14 илјади евра. Алокејт Софтвер најавила инвестиција од 7,5 милиони евра, а вложиле околу 93 илјади евра, 6 пи ем со најавени 5 милиони евра, а инвестирани 44 илјади евра.
Распределба на инвестициите според сектори:
Од останатите индустрии, 10 инвестиции се од текстилната, 9 од земјоделството и 8 инвестиции во производство на производи од гума и пластични маси.
Ако се анализираат земјите од каде што дојдоа странските инвеститори, произлегува дека Турција е најголемиот странски инвеститор во земјава. Потоа следуваат Германија, САД, Велика Британија и Италија.