Регион

Фестивал на зимски спортови, ги зближува заедниците во Косово

Винтер трајб (Winter Tribe), новиот фестивал за зимски спортови и музика, има за цел да ги поврзе младите луѓе од поделените заедници во Косово

Вук Николиќ е Србин роден и израснат во Приштина. Неговото семејство, како и многу други, го напуштило Косово по повлекувањето на српските сили на крајот на војната во 1999 година.

За разлика од повеќето Срби кои избегале од Косово, семејството Николиќ, по неколку години, се вратило и се преселило во нивната викендичка во Брезовица, мало планинско место во јужно Косово, кое е познато како ски-центар.

Брезовица е местото на кое Николиќ и неговите пријатели, и Срби и Албанци, го организираат првиот Винтер трајб фестивал, кој ќе се одржи кон крајот на овој месец. „Мисијата на Винтер трајб е да создаде свесност дека единството е единственото средство за постигнување мир“, се вели на веб-страницата на фестивалот.

Дваесет години по војната, во Косово сè уште има поделби меѓу Албанците и Србите, кои обично не работат заедно на вакви проекти. Сепак, поединци како Николиќ, преземаат иницијатива да организираат настани што ќе ги соберат луѓето од различни заедници на едно место.

Откако неговото семејство се вратило во Косово, Николиќ започнал да работи како преведувач во КФОР, со седиште во воената база Бондстил во Приштина, истовремено студирајќи биологија на Универзитетот во Приштина со седиште во Митровица.

Работејќи за КФОР, тој соработувал тесно со албанските преведувачи на НАТО. „Јас бев првиот Србин што работеше во Бондстил и меѓународниот персонал се однесуваше претерано заштитнички кон мене, тие се плашеа за мене, но јас имав прекрасно искуство. Наскоро станавме одлични пријатели со Албанците кои работеа таму“, ни вели тој.

Согледувајќи ги обете страни, можеме да ја видиме целата слика“

Вук Николиќ вози сноуборд во Брезовица. Фотографија на Вук Николиќ

Додека ги придружувал трупите на КФОР, Николиќ можел самиот да види колку е голема штетата што им ја нанела војната на заедниците во Косово.

Тој, исто така, забележал дека „Албанците и Србите повеќе не се дружат и оти владее голема омраза“.

„Албанците претрпеа ужасна штета во војната и им беше многу тешко да прифатат соживот со луѓе кои се поврзани или се со иста националност како оние што им нанеле зло. Една од активностите беше да се обидеме да ги доведеме албанските и српските лидери на една маса, за да се обидат да работат заедно. Ова беше тешко, особено затоа што дури и најмалиот инцидент ќе уништеше сè и ќе нè натераше да започнеме одново“, додава тој.

„Тие години беа емотивно предизвикувачки, но јас не бев тој што минуваше низ тешки времиња. Оваа работа беше можност за мене, бидејќи ми помогна да ги надминам сопствените комплексности и стравот, и да ги видам двете страни. Ако ја гледаме само едната страна, тоа ни ги пере мозоците, но согледувајќи ги обете страни, можеме да ја видиме целата слика“, потенцира Николиќ.

Дел од инспирацијата за фестивалот, Николиќ ја пронашол додека работел во ски-центар во Брезовица во раните 2000-ти.

„Во 2003 година, политичкиот советник (на КФОР), заедно со шефот на Бондстил, ја посетија Брезовица и открија дека скијачкиот центар нема електрична енергија. Генерално, во текот на 2000 до 2003 година, барем таму каде што живеев јас во Брезовица, електричната енергија беше достапна два до три часа дневно“, вели тој.

„КФОР се интересираше зошто центарот не работи, бидејќи тој можеше да биде место каде што луѓето ќе се собираат, па донесоа генератор и скијачкиот центар проработе. Бев ангажиран да помогнам да се донесе генераторот и како преведувач во одморалиштето помогнав тој повторно да почне со работа“, додава тој.

Во овој ски-центар, за разлика од другите места во Косово, луѓето од различни националности меѓусебе соработуваа без пречки, истакнува Николиќ.

„Луѓето, и покрај нивната етничка припадност и минато, работеа заедно, и тоа не беше насила. Тоа беше заедница на Албанци и Срби кои не само што живееја заедно, туку ја делеа истата страст и цел. Тие немаа инциденти, се забавуваа и беше инспиративно да се види како тоа функционира“, објаснува тој.

Тогаш сфатил дека тоа е „повик за будење“.

„Целото ова искуство за мене беше инспирација, соживотот да ми биде цел за иднината“, вели тој.

„Не можете да го закопате минатото“

Вук Николиќ како дете, на скијање во Брезовица. Фотографија на Вук Николиќ

Николиќ објаснува дека тимот на Винтер трајб аплицирал за разни грантови, за да може овој настан да се одржи, но дека секогаш ги одбивале. „Беше многу тешко да се продолжи со работата, откако многу организации нè одбија. Сепак, бевме решени да го реализираме ова“, ни кажува тој.

Покрај бесплатните зимски спортски активности, фестивалот ќе има и музичка сцена на која ќе настапат диџеи од целиот регион, а ќе бидат одржани и работилници и проекциите на документарни филмови.

„Главната цел на Винтер трајб фестивалот е, преку музика, уметност, зимски спортови, размена на вештини и дијалог за промена на перспективите, да се поддржат и зачуваат општествените промени“, потенцира Николиќ.

Тој посочува дека во Косово „не можете да го закопате минатото и оти треба да бидете свесни за тоа“.

„Моите најдобри пријатели на Косово се Албанци. Потојано имам чувство дека им должам поради сè што претрпеле за време на војната“, вели тој.

Николиќ верува дека неговата улога е да помогне во „создавање на терен за повторна соработка меѓу луѓето“.

„Граѓаните не треба да се обвинуваат (за конфликтот во Косово); политичарите беа тие што направија сè погрешно“, истакнува Николиќ.

„Фестивалот има за цел да создаде начини, луѓето од различни етнички групи, во слободното време да се соберат и разменат искуства, и да функционираат како една заедница“.

Фестивалот Винтер трајб трае од 24 февруари до 1 март. Повеќе за тоа како можете да учествувате и да бидете вклучени, прочитајте тука.