Регион

Филм за борбата за подобар живот на вдовица од Косово

Филмот на режисерката Башоли раскажува приказна која „дава надеж и сила“.

Блерта Башоли се сеќава на својата професорка од Уметничката академија во Приштина, која на своите студенти им прикажувала филмови под светло на свеќи, во првите неколку хаотични години по војната 1998-1999, кога во оваа некогашна српска покраина немало ниту електрична енергија, ниту модерни технологии.

На улиците на нејзиниот роден град, кој подоцна ќе стане главен град на најмладата европска земја, тоа бил период на „добра енергија и позитивност“, вели за БИРН Башоли, која наскоро ќе наполни 38 години.

Фрустрирана од ваквото подучување и враќањето во станот во кој немало светлина, Башоли се прашувала: „Која е целта да студирам филмска уметност?“

Денес, две децении подоцна, нејзиниот филм „Кошница“ („Zgjoi“) се прикажува на престижниот американски филмски фестивал „Санденс“, каде доби три награди, за најдобар филм,  за режија и награда од публиката за најдобар независен филм. Овој филм зборува за Албанка која живее на Косово и се бори повторно да го изгради својот живот, откако нејзиниот сопруг исчезнал, кога во март 1999 година, српските сили влегле во селото во кое живееле во западно Косово, оставајќи зад себе 241 мртов цивил и десетици исчезнати.

Студирањето сепак вредело.

„Важно е да се слушне нејзината приказна“, вели Башоли. „Тоа е реална животна приказна и многу жени, не само во Косово, туку и низ целиот свет, можат да се идентификуваат со неа.

„Позитивност и енергија“

Јилка Гаши во филмот „Кошница“. Фотографија на продуцентот Јил Ука

Филмот „Кошница“ се базира на вистинската приказна за животот на Фахрија Хоти, Албанка чиј сопруг исчезнал по масакрот во селото Велика Круша, кој се случи на 25 март 1999 година, откако НАТО започна со воздушните напади на Југославија.

Башоли била во Њујорк на мастер студии по уметност кога нејзиното момче, по професија фотограф, ѝ раскажал приказна за една жена од ова село, која добила возачка дозвола „и која била дискриминирана од средината во која живее, затоа што работи и вози автомобил“.

Башоли се сеќава дека никој во релативно либералната Приштина не обрнал внимание кога таа, во 2004 година, добила возачката дозвола, а сепак жена која живеела на нешто помалку од 100 километри од неа, се соочувала со предрасуди во косовското, претежно конзервативно и патријархално општество, бидејќи почнала „да работи за да ги прехрани децата“.

„Мислев дека тоа е интересно“, истакнува Башоли за БИРН. „Ние (Албанците) како нација се фалиме со нашето гостопримство, учтивост и солидарност“. А сепак, мајка на две деца, чиј сопруг исчезнал во војната, не наишла на голема поддршка.

Башоли се враќа на Косово во 2011 година и заедно со актерката, Јилка Гаши, ја пронашла Фахрија Хоти, која им ја раскажала својата животна приказна „за четири или пет часа“.

„Бев фасцинирана од нејзината позитивност и енергија“, нагласува Башоли, додавајќи: „Таа успеала и покрај сите препреки со кои се соочила“.

И самите режисери во Косово се соочуваат со препреки.

По студирањето под свеќи во повоена Приштина, Башоли го продолжила своето образование на Универзитетот во Њујорк и денес работи како директор за култура во Приштина.

Но, и покрај нејзините успеси во културната сфера на Косово, таа се соочила со предизвици врзано за финансирањето на нејзиниот последен филм „Кошница“.

„Скоро секој игран филм снимен во Косово оди на важни меѓународни фестивали и често добива награди“, истакнува Башоли. „Целото тоа внимание е добро за нашата земја, затоа што ние, уметниците, но и спортистите, го ставивме Косово на картата, а сепак државниот буџет не е доволно голем“.

Раѓање на надеж од трагедијата

Актерите за време на снимањето на филмот „Кошница“.Фотографија на продуцентот Јил Ука.

Домот на Фахрија Хоти бил запален во војната и таа била оставена да се грижи за своите две мали деца и за старите родители на нејзиниот сопруг. Неговите посмртни останки сè уште не се пронајдени.

Соочена со дискриминација, Хоти започнала да ги убедува своите сосетки, скоро сите вдовици од војната, дека можат да заработат со продажба на домашни кисели краставички и традиционален ајвар.

Таа отворила фирма, „Кооперативата Круша на Хоти“, која во моментов вработува околу 60 жени од селото и продава 43 производи во Косово, но и во некои европски земји, вклучувајќи ги Швајцарија и Германија.

Во филмот, во кој дејствието е сместено во периодот кога Хоти го започнала својот бизнис во 2005-2006 година, главниот лик, кој го глуми Гаши, започнува земјоделски бизнис, но се соочува со негативна реакција во средината, која не е импресионирана од нејзината амбиција.

„На почетокот, Фахрије Хоти мислеше дека сакаме да снимиме документарен филм за нејзиниот живот, но со текот на времето ѝ објаснивме дека тоа ќе биде уметнички филм, во кој многу елементи ќе бидат сменети“, објаснува Башоли.

Таа вели дека Хоти, откако го видела филмот, им рекла: „Страдав многу повеќе, но мислам дека многу добро сте ги сумирале работите“.

„По нашите средби со Фахрија Хоти, пиевме кафе или чај со другите жени што работат таму, за да ја видиме динамиката на нивната работа“, вели Башоли, зборувајќи за времето кога го снимале филмот. „Ние, исто така, прочитавме и чувме бројни интервјуа што тие во претходните години ги дале“.

Сепак, Башоли избегнувала често да се среќава со Фахрија, за да не ѝ ги врати лошите сеќавања, но и за да не сними премногу „меланхоличен“ филм, бидејќи нејзината идеја била да раскаже приказна „која дава надеж и сила“.