Истражувањa

Фирмата „Сирах“ , купувач на земјиштето на Водно, регистрирана во приватен стан

БИРН беше на локацијата на „Сирах“, компанија купувач на земјиштето на Водно. Ниту на вратата, ниту пак, на поштенското сандаче, не е обележано дека во станот има седиште на фирма која во Централниот регистер е заведена со почетен паричен влог од над милион евра

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Никакво обележје за постоење на фирмата „Сирах Инженеринг“, купувач на земјиштето од 11 илјади квадратни метри на Водно, нема во зградата на улицата „Димо Хаџи Димов“ 38 во Кисела Вода.

Според документите од Централниот регистар, фирмата е регистрирана во 2012 година, со почетен влог од 1,2 милиони евра.

Редакцијата на БИРН беше на локацијата на оваа фирма каде што како директор се јавува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на премиерот Никола Груевски.

Седиштето на „Сирах“ е во станбена зграда на улицата „Димо Хаџи Димов“ во Кисела Вода | Фото: БИРН

Седиштето на „Сирах“ е во станбена зграда на улицата „Димо Хаџи Димов“ во Кисела Вода | Фото: БИРН

Сопственик на фирмата „Сирах Инженеринг“, пак, е фирма лоцирана во даночниот рај Белизе.

Станува збор за „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана на улицата 1 ½ Miles Northern Highway.

Во даночниот рај Белизе се наоѓа сопственикот на македонската „Сирах“

Во даночниот рај Белизе се наоѓа сопственикот на македонската „Сирах“

Сопствеништвото регистрирано во земја позната како даночен рај, со практично невидливи претставништва во Македонија, во приватни станови на кои никој не отвора, за „Сирах“, како и во случајот со компанијата „Ексико“ ги јакне сомневањата дека станува збор за параван за вистинските купувачи на вредното земјиште на Водно.

СДСМ веќе обелодени наводни разговори помеѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт, Миле Јанакиески, во кои може да се чујат шифрирани разговори за тоа како се планира да се купи земјиште на Водно, а притоа да се стави и потпорен ѕид во кој би гледале жителите од населбата.

На парцелите 1926/4 и 1926/5 минатата година биле проектирани три огромни маркици за куќи

На парцелите 1926/4 и 1926/5 минатата година биле проектирани три огромни маркици за куќи

Според она што може да се види од мапата на катастарот, станува збор за две големи парцели со шуми, едната од 4,4 илјади квадратни метри, а другата од 6,7 илјади квадратни метри. Со промената на Деталниот урбанистички план минатата година, на ова место сега се поставени три големи маркици за куќи.

Премиерот Груевски ги демантираше информациите дека купувал и поседува земјиште на Водно.

Кој е Ристо Новачевски?

Директорот на фирмата, Ристо Новачевски, има пријавено живеалиште на улицата „Димо Хаџи Димов“, а таму е и седиштето на фирмата.

Се обидовме да стапиме во контакт со Новачевски и да го прашаме кога и од кого го купил земјиштето каде што сега се наоѓаат шуми, но никој не ни отвори кога заѕвонивме на вратата на станот наведен како адреса на компанијата.

Во зградата на улицата „Димо Хаџи Димов“ има повеќе фирми, но ниту една не е „Сирах Инженеринг“ | Фото: М. Јордановска

Во зградата на улицата „Димо Хаџи Димов“ има повеќе фирми, но ниту една не е „Сирах Инженеринг“ | Фото: БИРН

Во меѓувреме, БИРН поднесе и официјални барања до Државниот катастар за недвижности за историјата на ова земјиште, со цел да се види од кого и кога фирмата „Сирах“ ги купила двете парцели на Водно.

За сопственикот на македонската „Сирах“, Новачевски, има малку информации на интернет. БИРН дознава дека тој е вработен во „Гринфарм“ ДООЕЛ Бразда Чучер Сандево, фирма за трговија на големо со фармацевтски производи.

Новачевски претходно работел во „Кемофарм – Скопје“, фирма за која опозицијата уште во 2007 година обвини дека власта ја фаворизира оваа компанија при набавката на индиските цитостати и стентови за Кардиологија.


Адресата во Белизе е седиште на повеќе фирми кои водат кон Македонија
На истата адреса со „Сирах“ во Белизе , се наоѓаат и други фирми кои се поврзуваат со Македонија. Тука е регистрирана и фирмата „Иресине Лимитед“, сопственик на неделникот и порталот „Република“, како и фирмата „Базики ЛТД“ којашто заедно со мистериозната „Ексико“ беше сопственик на „Искра ММ“ (сегашна „Комплекс Александрија ДООЕЛ“).Оваа фирма, „Комплекс Александрија“ е лоцирана на улицата Скупи 3а во Скопје – адреса на која се лоцирани повеќе фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев. На оваа адреса се наоѓа и фирмата Кара АД, која е сопственик на други две парцели на Водно, а последните две парцели ги има купено „Ексико“, фирма регистрирана во Белизе, па потоа во САД, а сега во Лугано, Швајцарија.

Извадоци од пишувањата во медиумите за „Кемофарм“ во 2007 година

Извадоци од пишувањата во медиумите за „Кемофарм“ во 2007 година

Уште во 2007 година, Антикорупциската комисија најави дека ќе поднесе прекршочна пријава против Новачевски зошто како член на Одборот на директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост не ја пријавил својата имотна состојба. До денес, неговиот анкетен лист не фигурира во регистерот за имотната состојба на функционерите на веб-страницата на комисијата.

Обидот да се откријат вистинските купувачи на локациите на Водно водат кон оф-шор компании во Белизе и во Лугано, додека на Водно му се подготвува сечење на шумите и градење куќи на места за кои веќе беше предупредено дека е ризично да се гради, поради можно лизгање на земјиштето.