Анализи

ФК Вардар: Од национално милениче до сираче

Крај на ерата на Сергеј Самсоненко

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Најтрофејниот и најпознат фудбалски клуб во Македонија, ФК Вардар се сели во втората лига со долг од два и пол милиони евра. Во македонскиот фудбал тоа е навистина голема сума.

Сопственикот Сергеј Самсоненко должи плати во вредност од повеќе од два милиона евра на фудбалерите што играа за првиот тим, стручниот штаб, вработените во младинските категории и на клупската администрација.

Остатокот се долгови кон домашни фирми, 120.000 евра, и кон државата за неплатени придонеси.

Ланската година е првата во која Самсоненко не вложил ниту евро во клубот, а претходната 2019, неговиот придонес бил симболичен, само 1.000 евра

Финансиската кондиција на ФК Вардар со БИРН ја сподели поранешниот директор на клубот, Самоил Симев, кого на таа позиција го донесе рускиот бизнисмен. Симев, во јануари се повлече, со што на некој начин го официјализира повеќепати најавуваното повлекување на Сергеј Самсоненко од македонскиот фудбал.

Ланската година е првата во која Самсоненко не вложил ниту евро во клубот, а претходната 2019, неговиот придонес бил симболичен, само 1.000 евра. Ова го покажуваат податоците од годишните извештаи што клубот ги доставува до Град Скопје, како обврска од купопродажниот договор.

Поради лошата финансиска ситуација, сите фудбалери од тимот што доминираше и ја освои Првата македонска лига во претходната, 2019/2020 сезона, се заминати. 

Според официјалните податоци од Централниот регистар, сериозно, од 81 на триесет и тројца е редуциран и бројот на вработени во клубот, во последните четири години.

Модерната академија не е во сопственост на ФК Вардар | Фото: БИРН/В.А.

Анализата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој го „скенирал“ ФК Вардар поради очекувањата тој да го спаси клубот враќајќи го под ингеренции на Градот, покажала лоша слика.

„Кога ќе го анализираш Акционерското друштво ФК Вардар, тоа нема никаков имот“, вели Шилегов во разговор за БИРН.

Градскиот стадион отсекогаш бил државна сопственост и клубот му плаќа на акционерското друштво, порано познато како ПУИГ, за да игра првенствени и натпревари во европските купови.

„ФК Вардар, од национално милениче, сега стана сираче“, коментира за БИРН, Никола Ѓуровски, спортски новинар и уредник на порталот „Мак-фудбал“

Луксузната фудбалска академија веднаш до стадионот ја изгради Самсоненко, меѓутоа објектот и терените, што се дел од академијата, не се на ФК Вардар, туку на рускиот бизнисмен

Клубот не е сопственик ниту на поновиот тренинг-центар во скопски Хиподром.

Првиот човек на спортскиот портал „Екипа“, Владимир Булатовиќ, кој со години ги следи случувањата во клубот, нагласува дека сè што се градело во име на клубот во изминатиот период, ништо од тоа не е на име на ФК Вардар.

„Тоа е потврда колку е незаштитен клубот. Ајде што е без финансии и без тим, туку и буквално без никаква сопствена инфраструктура“, вели Булатовиќ.

„ФК Вардар, од национално милениче, сега стана сираче“, коментира за БИРН, Никола Ѓуровски, спортски новинар и уредник на порталот „Мак-фудбал“.

(Не)случаен играч

Сергеј Самсоненко / Фото: Youtube

Сергеј Самсоненко / Фото: Youtube

Сергеј Самсоненко беше единствениот заинтересиран да го купи ФК Вардар во 2014 година, меѓутоа од денешна перспектива не може да се каже дека Русинот беше случаен „играч“ во времето кога ВМРО-ДПМНЕ неприкосновено командуваше со државава.

Истата 2014 година, Самсоненко најотворено ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ во предизборен спот:

„Добриот тим прави разлика во резултатот, а добриот политичар прави разлика во квалитетот на животот на сите граѓани. Таквите луѓе лесно се препознаваат“, вака зборуваше Русинот додека во спотот се вртеше снимка од Никола Груевски како прима на подарок ракометарски дрес.

Самсоненко беше дел од бизнис-кругот што се поврзуваше со власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Преку јавно-приватно партнерство ја обнови спортската сала „Јане Сандански“ во Аеродром, потфат при кој се појави фирма од дискутабилното Белизе. Со денес осомничените во „Империја“, Орце Камчев и Цветан Панделески, кусо „влезе“ во една од најголемите македонски млекарници, „Здравје Радово“. Ги презеде недоизградените објекти на скопскиот плоштад, Градската куќа со хотелот и Офицерскиот дом, кои беа дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Затоа подемот и падот на фудбалскиот клуб Вардар, под водство на рускиот бизнисмен, не може да се опсервира одделно од политичките турбуленции во декадата зад нас.

Подемот и падот на фудбалскиот клуб Вардар, под водство на рускиот бизнисмен, не може да се опсервира одделно од политичките турбуленции во декадата зад нас

Самсоненко го купи ФК Вардар за 81.000 евра од Град Скопје и од државното АД за станбен простор, поранешен ПУИГ, во јануари 2014 година и неговата епизода во клубот стартуваше моќно, еуфорично и со најавените инвестиции.

Извештаите од 2014 до 2017 година покажуваат дека тој главно се придружувал до обврската годишно да инвестира најмалку 1,5 милион евра во ФК Вардар.

Во ерата на рускиот бизнисмен, клубот освои четири титули во домашното првенство, а најголемиот успех го постигна во сезоната 2017/2018, кога учествуваше во групната фаза од Лигата на Европа, која е второто најквалитетно континентално натпреварување по Лигата на шампионите.

Навивачката група „Комити“ беше шармирана. Самсоненко се доживуваше како спортскиот месија што сме го чекале со децении, меѓу другото и поради тоа што под негово раководство машкиот ракометен клуб Вардар двапати стана европски шампион.

На социјалните мрежи, на „нож“ се дочекуваа новинарските стории што фрлаа сомнеж врз спасувачката мисија на Самсоненко во Македонија.

По Шарената револуција и по Пржинските преговори дојде политички пресвртната 2017 година, а детронизацијата на ВМРО-ДПМНЕ се совпадна со зенитот на ФК Вардар „под капата“ на Самсоненко.

Извештаите што клубот ги доставува до Град Скопје, како обврска од купопродажниот договор, покажуваат дека Самсоненко токму во 2017 почнал да ги намалува вложувањата во клубот.

Рускиот бизнисмен, во 2016 година вложил рекорди 2,8 милиони евра, следната 2017 – 1,36 милиони, за во 2018 неговата инвестиција да падне на околу половина милион евра. 

Навивачите го сметаа Самсонеко за спортски месија | Фото: БИРН/ В.А.

Во 2019 година, за ФК Вардар одвоил симболични илјада евра, а веќе следната година, финансиски дигнал раце од клубот – во извештајот под ставката „пари од Сергеј Самсоненко“ графата е празна. Не вложил ни евро.

Во годината кога почнува „сушата“ во ФК Вардар се смени и градската власт. Градоначалник на Скопје стана Петре Шилегов, долгогодишен портпарол на СДСМ и гласен критичар на дотогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски.

Шилегов денес вели дека кризата во ФК Вардар се совпаѓа со неговиот мандат.

„Моето интимно чувство е дека во изминативе три години, секогаш кога ќе се доведеше во определена политичка ситуација, дали тоа беше референдум, дали беа парламентарни или претседателски избори , секогаш латентно се појавуваше темата Вардар.“

„И бев свесен дека очигледно некој ја управува темата со цел да ми експлодира мене во раце пред избори.“

Поранешниот директор на клубот, Самоил Симев, исто така, ја издвојува 2017 како клучна година. Меѓутоа, тој одговорноста не ја лоцира кај рускиот бизнисмен Самсоненко.

„На два дена пред првиот домашен натпревар во Лигата на Европа, дотогаш предвидениот износ од 13.000 евра за закуп на Националната арена (н.з. Градскиот стадион), беше неколкукратно зголемен на 46.000 евра, што претставуваше директен удар кон функционирањето на клубот.“

„До денес, за нас останаа непознати мотивите за ваквиот непопуларен потег од страна на акционерското друштво (н.з. во сопственост на државата), кое управува со Националната арена.“

Самсоненко се доживуваше како спортскиот месија што сме го чекале со децении, меѓу другото и поради тоа што под негово раководство машкиот ракометен клуб Вардар двапати стана европски шампион

Поради неколку неплатени фактури за користење на Градскиот стадион, следната година државното акционерско друштво ја блокирало сметката на клубот.

„Од таму почнаа сите проблеми околу тековното функционирање на фудбалскиот клуб“, вели Симев за БИРН.

Проблемите кулминирале кога минатата година, ФК Вардар не доби дозвола од УЕФА за учество во доходовната Лига на шампионите, бидејќи клубот должел многу плати на фудбалерите.

Во мај 2020 година, Самоил Симев, во име на рускиот бизнисмен преку допис побара Град Скопје да го врати ФК Вардар во своја сопственост. 

Таму како причина ги навел и финансиските проблеми на Самсоненко произлезени од судскиот спор за објектите од Скопје 2014 на скопскиот плоштад, кои рускиот бизнисмен презеде обврска да ги доврши.

Од дописот се дознава дека тој планирал тие згради, во кои треба да има хотел и деловни објекти, да му носат приходи за спортските клубови под брендот Вардар.

Во меѓувреме, Самсоненко се повлече и од ракометниот клуб Вардар.

Зошто пропадна ФК Вардар?

Славата остана на ѕидовите | Фото: БИРН/ В.А.

И по последната епизода на ФК Вардар со Сергеј Самсоненко, спортскиот новинар и уредник Никола Ѓуровски заклучува дека во триве децении зад нас се сменија многу раководства, а клубот живееше и живее во стегите на политиката, која сака популистички да ги искористи за свои цели неговите припадници, симпатизери и навивачи.

„Најголемата вистина за ФК Вардар се чини е дека сите го сакаат и навиваат за него, но никој суштински никогаш не се погрижи најголемиот спортски бренд во Македонија да се развие во голем клуб, кој ќе има јасна стратегија како да се развива и надградува, но и уште поважно, како да се самофинансира и да биде рентабилен“, вели тој.

Оние што одблиску го следат македонскиот фудбал, спортските новинари сметаат дека и во случајот со Самсоненко клубот не бил поставен на здрави нозе.

Затоа прашање на време било кога втората лига ќе чукне на портите од Градскиот стадион.

„ФК Вардар беше даден во рацете на бизнисмен, кој очигледно немаше преголема желба, ниту визија, ниту, пак, план за водење фудбалски клуб. Тоа беше кобно“, вели спортскиот уредник Владимир Булатовиќ и додава дека примарна спортска цел на Самсоненко, сепак, бил ракометот. 

Булатовиќ аргументира дека Самсоненко поставил анонимен менаџмент и затоа крајните резултати се:

„Најголемата вистина за ФК Вардар се чини е дека сите го сакаат и навиваат за него, но никој суштински никогаш не се погрижи најголемиот спортски бренд во Македонија да се развие во голем клуб, кој ќе има јасна стратегија како да се развива и надградува, но и уште поважно, како да се самофинансира и да биде рентабилен“

„Тотално потфрлување во двата клучни моменти што треба да обезбедат финансиска безбедност, маркетиншко-комерцијална активност – нула, и средства обезбедувани од продажба на фудбалери – нула.“ 

„За седум години не успеаја да создадат ниту минимум самоодржувачки проект, единствено без контрола трошејќи ги средствата преку нереални, за наши спортски и општествени прилики, огромни плати за фудбалерите, кои во тој период играа во клубот“, вели Булатовиќ. 

На иста линија е и Ѓуровски.

Тој воочува дека во последните шест-седум години, во ерата на рускиот спонзор Сергеј Самсоненко се трошело многу повеќе од тоа што клубот може да го оствари како профит.

„Умешноста на водење фудбалски клуб е да се направи баланс меѓу приходите и расходите, особено во Македонија, каде што многу тешко се остварува профит без развиен маркетинг, без сериозна продажба на претплатни билети и без навивачи на трибините, без заработка од ТВ-права и без реализација на трансфери на фудбалери.“

Која е иднината на клубот?

Градскиот стадион отсекогаш бил државен имот и ФК Вардар плаќа да настапува на него| Фото: БИРН/ В.А.

Пред десетина дена, во медиумите се појави вест дека скопската компанија „Блу скај инвестментс“ го презема ФК Вардар, а викендот што следеше, вардаровите фудбалери одржаа тренинг.

Меѓутоа, не беше соопштено кој ќе го покрие милионскиот долг на клубот, дали стариот сопственик Самсоненко или, пак, новиот Слободан Крстевски, кој е прв човек на „Блу скај инвестментс“.

БИРН, минатата недела, неколкупати се обиде да зборува со Крстевски, но тој не сакаше да коментира за долгот, ниту, пак, за нешто друго пред официјалната прес-конференција.

Пресот начелно го најави за в петок, меѓутоа минатата недела конференција за новинарите не се одржа.

„Блу скај инвестмент“ е релативно непозната компанија. Според официјалните документи, формирана е лани во октомври и нејзин единствен основач и сопственик е Слободан Крстевски.

Претходно, речиси цела година бевме сведоци на тивка војна на релација Самсоненко – Шилегов, во која Самсоненко инсистираше Град Скопје да го преземе ФК Вардар, а градоначалникот сакаше цврсти гаранции дека рускиот бизнисмен ќе постапи како што ветува – ќе ги исплати долговите.

„Блу скај инвестмент“ е релативно непозната компанија. Според официјалните документи, формирана е лани во октомври и нејзин единствен основач и сопственик е Слободан Крстевски

„Ако градот го преземе клубот, а сопственикот не ги покрие долговите, може да се случи сите доверители, парите да ги бараат од градската каса. А со оглед дека ФК Вардар нема имот, Градот потоа нема како да ги наплати тие трошоци. Јас тоа не можам да го дозволам“, вели Шилегов и додава дека досега не добил цврсти гаранции дека Сергеј Самсоненко ќе ги покрие долговите.

Поранешниот директор на клубот, Самоил Симев, пак, и денес уверува дека доколку Град Скопје го презел клубот уште првиот пат кога му бил понуден, во мај 2020 година, рускиот бизнисмен ќе ги покриел долговите, кои тогаш биле помали, и клубот немало да биде во сегашната состојба.

Летото 2020 година имало интерес за ФК Вардар од бугарски инвеститори. 

„Беше договорено сѐ до последниот детаљ, но обврските никогаш не почнаа да се исполнуваат, а инвеститорите никогаш повеќе не се појавија“, вели Симев за БИРН. 

Во следниот период, до неговото заминување од директорската позиција во ФК Вардар, имало интерес од потенцијални спонзори од Австралија, Германија и од Катар, но освен основната размена на информации, немало ништо конкретно.