Истражувањa

Контоминас го почна, Самсоненко ќе го финишира Офицерскиот дом

Сергеј Самсоненко ја презема скопската компанија на контрoверзниот грчки бизнисмен Контоминас која се обврза да го возобнови Офицерскиот дом и да изгради барокен хотел на плоштадот

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко минатата недела стана газда на фирмата што интензивно ги гради Офицерскиот дом и хотелот веднаш до него, лоцирани на скопскиот плоштад близу до споменикот „Воин на коњ“.

Самсоненко, всушност, ја презема фирмата „ДЦ прајм пропертис“ од познатиот грчки бизнисмен Димитрис Контоминас, кој во 2011 на аукција го купи атрактивното државно земјиште (6.300 квадрати) и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“.

За целата парцела тој плати нешто повеќе од 620.000 евра или по 100 евра за квадрат.

Во медиумите се најавуваше дека инвестицијата ќе изнесува меѓу 30 и 50 милиони евра, а Контоминас се обврза без надомест да му отстапи на Градот Скопје дел од Офицерскиот дом за потребите на матичната служба и работни простории за скопскиот градоначалник.

Изградбата на објектите високи до 29 метри треба да финишира најдоцна до 2019, а хотелот мора да има најмалку четири ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на хотелски синџир со минимум 250 хотели во светот.

Карабината на Офицерскиот дом / Фото: Владо Апостолов

Карабината на Офицерскиот дом / Фото: Владо Апостолов

Застапник на Контоминас во Скопје е адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ и таму БИРН побара објаснување зошто Контоминас се откажал од инвестицијата, меѓутоа не добивме одговор. Тој минатата година беше приведен од грчката полиција заедно со уште 24 лица во скандалот тежок 500 милиони евра околу грчката државна „Хеленик Постбанк“ и пуштен да се брани од слобода со кауција од пет милиони евра.

Соработникот на Сергеј Самсоненко, Ратко Капушевски за БИРН потврди дека рускиот бизнисмен ја купил фирмата која, како што вели тој, веќе долго време не го градела објектот на плоштад.

„Изградбата на Офицерскиот дом, матичната служба, градската куќа, салата за дипломатски настани на претседателот е само уште еден социјален проект кој господинот Самсоненко ќе го реализира во интерес на Република Македонија, вели Капушевски, кој е новиот директор на „ДЦ прајм пропертиес“.

Тој објаснува дека фирмата ја купиле со долгови од 120 милиони денари и блокирана од Управата за јавни приходи, како и со судски постапки иницирани од доверители за градежниот дел. Инвестицијата ќе изнесува 2,5 милијарди денари или околу 40 милиони евра, а изградбата ќе трае до јуни идната година.

Министерството за транспорт и врски, кое му го продаде на Контоминас државното земјиште, не е информирано дека инвеститорот е променет, додека на градилиштето на скопскиот плоштад веќе е сменета информативната табла и на неа, како инвеститор и како изведувач стојат фирмите на Самсоненко.

Законот дозволува смена на инвеститорот во текот на градењето само доколку новиот инвеститор се обврзе дека покрај правата ќе ги преземе и обврските на претходникот.

Од патики до млечни бизнис патеки

Сергеј Самсоненко / Фото: Youtube

Сергеј Самсоненко / Фото: Youtube

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој потекнува од рускиот Ростов на реката Дон, последниве години постојано ја шири својата бизнис-империја во Македонија.

Тој заедно со првиот човек на „Орка холдингот“ – Орце Камчев, со Цветан Панделески од „Пелистерка“ и со земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, годинава станаа нови сопственици и на една од најголемите домашни фабрики за млеко и за млечни производи, „Здравје Радово“.

Промената на сопственичката структура се случи во март, кога поранешните тројца газди и основачи истапија од фабриката. Сергеј Самсоненко во моментов поседува речиси половина од основачкиот влог на „Здравје Радово“.

Тој живее во Македонија изминативе осум години, а домашната јавност го запозна како газда на обложувалниците „Бетсити Балкан“, откако есента 2006 се пресели во Скопје заедно со семејството.

Во Македонија последниве години ги презеде женскиот и машкиот ракометен клуб „Вардар“, а стана доминантен сопственик и на истоимениот фудбалски клуб.

Тој управува и со новиот спортски центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, кој чинеше 15 милиони евра и во кој покрај двете спортски арени се наоѓа и Хотел „Русија“, угостителски објект со четири ѕвездички и со 61 апартман.

Во реализацијата на спортскиот центар и на хотелот учествуваше и компанија од Белизе, меѓутоа ниту Самсоненко, ниту пак, јавните партнери на рускиот бизнисмен, општина Аеродром и градоначалникот Ивица Коневски не открија чија е фирмата со седиште во оваа офшор-држава.

Веднаш до спортскиот центар „Јане Сандански“, Самсоненко ја гради и црквата „Св. Троица“.

Тој и неговата сопруга Ирина, преку заедничка компанија, во февруари годинава за околу половина милион евра купија атрактивната парцела меѓу арената „Филип Втори“ и Паркот на франкофонијата во Градскиот парк во Скопје. Таму ќе се гради спортски комплекс.

Првиот бизнис во татковината му биле спортските обувки, односно во почетокот на деведесеттите години на минатиот век имал фабрика што дневно произведувала и до 2.000 пара патики. Подоцна се занимавал и со трговија на компјутери и со градежништво.

Во Скопје дошол сосема случајно, на покана на бизнис-соработник.

Самсоненко лани се појави во две предизборни реклами на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во рамките на кампањата „Има разлика“ (линк 1 и линк 2).

„Додека добриот тим прави разлика во резултатот, добриот политичар прави разлика во квалитетот на животот на сите граѓани“, вели Самсоненко во видеото потпишано од партијата што ја води премиерот Никола Груевски.

Луксузен објект од почетокот на 20. век

Една од двете згради што ќе ги довршува Самосоненко треба да изгледа како стариот Офицерски дом.

Според првичните најави на Градот Скопје ќе му припадне делот од Офицерскиот кој се наоѓа на вториот кат и официјално сопственик на тој простор ќе биде државата. Таму треба да има влезен хол, матичар со архива и со служба, просторија за подготовка на младенците, голема сала за состаноци, три работни кабинети од кои едниот за градоначалникот на Скопје и сала за свечени приеми.

Офицерскиот дом и хотелот во промотивното видео за „Скопје 2014“

Офицерскиот дом и хотелот во промотивното видео за „Скопје 2014“

Идеен автор на оригиналниот Офицерски е рускиот архитект и емигрант Вилијам Баумгартен. Тогашните власти го стартувале објектот во 1925 на местото каде претходно се наоѓала Бурмали-џамија, а го завршиле четири години подоцна.

Офицерскиот дом пред војната важел за луксузен објект што го посетувале претставниците на елитата. Таму се чекала Нова година, се одржувале балови и маскенбали, имало пивница и читална со странски списанија, а во една од салите можело да се чуе и џез музика.

Ентериерот бил облагороден со скап мебел и со кристални лустери, меѓутоа земјотресот во 1963 година многу ја оштетил зградата и затоа ја урнале наредната година.

Новото идејно решение на Офицерскиот дом е дел од промотивното видео за проектот „Скопје 2014“ .