Истражувањa

„Скопје 2014“ со верски и комерцијални објекти

Дел од објектите на „Скопје 2014“ , за кои парите ги даваат приватниците, првично биле замислени како објекти што ќе ги платат државните институции

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Скопје 2014“ е сложен проект во чие финансирање учествувале претежно државните институции под контрола на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Градот Скопје и општина Центар. Во некои случаи финансиери се и институции што по дефиниција се независни, како Агенцијата за електронски комуникации и Народната банка, меѓутоа има и проекти што влегуваат во пошироката слика за „Скопје 2014“, а се комерцијални или верски и нив ги градат приватни компании и МПЦ.

Дел од овие проекти, за кои парите ги даваат приватниците, првично биле замислени како објекти што ќе ги платат државните институции, меѓутоа од различни причини тоа не се случи. Такви се црквата Св. Константин и Елена на улица „Македонија“ и Шпанските скали на скопскиот плоштад.

Црквата Св. Константин и Елена од владин стана мистичен проект

Црквата Св. Константин и Елена во завршна фаза на градење / Фото: Владо Апостолов

Црквата Св. Константин и Елена во завршна фаза на градење / Фото: Владо Апостолов

За возобновувањето на црквата Св. Константин и Елена на скопскиот плоштад медиумите пишуваа уште пред да се знае за „Скопје 2014“, иако подоцна православниот храм беше дел од видеото со кое Владата го промовираше проектот. Тогаш власта сакаше црквата да никне на самиот плоштад, онаму каде што е поставена спомен плочата за Мајка Тереза, пред објектот познат како „Лумикс“.

За таа цел веќе во 2008 Министерството за култура набави идеен проект и негова ревизија, а ангажираше и фирма за стручен надзор врз изградба на црквата. За овие услуги предвиде околу 150.000 евра.

Најголем дел од сумата, 88.000 евра, Министерството за култура одвои за изработка на идеен, основен и изведбен проект кој го понудиле архитектите Искра Анастасова и Владимир Лековски.

Само Господ знае колку чини црквата / Фото: Владо Апостолов

Само Господ знае колку чини црквата / Фото: Владо Апостолов

Подготовките за изградба на црквата излегоа во јавност, а шпекулациите одеа дотаму дека таа е идеја лично на премиерот Никола Груевски, па дури и дека ќе го носи името Св. Никола.

На 28 март 2009 година, студентите од Архитектонскиот факултет организирани во неформалната група „Архи бригада“ протестираа на плоштадот против изградбата на црква со мотото „Не силувајте го Скопје“, меѓутоа протестот прерасна во инцидент, во кој студентите беа нападнати од контрапротестанти, а полицијата не реагираше.

Идејата за црква на плоштад ја разбранува јавноста и ја предизвика Исламската верска заедница (ИВЗ) да побара возобновување на Бурмали џамијата која некогаш постоела на плоштадот, веднаш до Камениот мост и која била урната во 1925 година.

По реакциите кои добија и верска димензија, изградбата на православниот храм ја презеде МПЦ преку фондацијата „Св. Цар Константин“ и оттогаш секнуваат официјалните информации за овој проект, сѐ до крајот на 2011 кога општина Центар го смени Деталниот урбанистички план и црквата ја премести пред платото на Домот на АРМ.

Нема прецизни податоци за тоа кој сè ја финансира изградбата на црквата и колку таа ќе чини. Новинарите се обидуваа да дознаат нешто повеќе за целата изградба, меѓутоа Фондацијата, МПЦ и градежната компанија „Бетон“, која е изведувач на проектот, не се огласија околу цената на објектот.

Досега МПЦ организираше три донаторски конференции на кои присутен беше и премиерот Никола Груевски, стопанственици и други јавни личности. На последната, тој изјави дека градењето на црквата е одбрана на моралните вредности.

„Ќе помогнеме со уште едно велелепно светилиште да се даде придонес во одбраната на семејството од некои искривоколчени вредности, кои некои ни ги промовираат и од нападот кон традиционалните и моралните вредности кои ги одржале нашите семејства и нашиот народ. Сега е времето на нашата мисија“, изјави Груевски на донаторскиот ручек во хотелот „Александар палас“.

Изградбата на црквата е во завршна фаза.

Наместо „старата црква“, нови Шпански скали

На местото каде што првично требаше да биде возобновена црквата Св. Елена и Константин, кое се смета за едно од најатрактивните на скопскиот плоштад, албанската компанија „Амадеус груп“ есента 2013 , од државата, купи плац за изградба на деловен објект.

Уште пред продажбата на локацијата, Министерството за транспорт и врски го обврза најповолниот понудувач да изработи основен проект според однапред подготвеното идејно решение за фасадно обликување во стилот на „Скопје 2014“.

Местото каде треба да никнат „Шпанските скали“ / Фото: Владо Апостолов

Местото каде треба да никнат „Шпанските скали“ / Фото: Владо Апостолов

Објектот што ќе се гради ќе биде висок 16 метри со приземје и со три ката, придружен со скали кои треба да наликуваат на познатите Шпански скали во Рим.

Откако првата аукција не успеа, на втората „Амадеус“ ги победи конкурентите, нудејќи по 93.100 денари за квадратен метар или вкупно 1,6 милиони евра за целата парцела од илјада квадрати.

Оваа албанска компанија, стационирана во Тирана, е водечка на Балканот во дистрибуција, инсталација, одржување и во сервисирање генератори, мотори, алтернатори и на уште куп други продукти, а градежништвото им претставува помал бизнис кој повеќе бил пасија на сопственикот Бесим Елшани, отколку носечка гранка на групацијата.

Елшани бил љубител на барокот што се гледа и од најрепрезентативниот пример на нивното градежништво, хотелот со пет ѕвездички „Амадеус палас“ во Тирана во којшто кого само декоративните столбови од оникс чинеле осум милиони евра.

Објектот сè уште не се гради, но во февруари 2015 советниците од Градот Скопје го ослободија инвеститорот од половина од комуналиите, односно му простија нешто над 150.000 евра.

Шпанските скали во „бомбите“
За Шпанските скали се зборува и во една од бомбите на СДСМ во разговор за кој се вели дека е меѓу премиерот и тогашниот министер Јанакиевски во кој размислуваат дали државата да инвестира во објектот и потоа да го продаде деловниот простор. Јанакиески пресметува оти една од варијантите на зградата, помалата, би чинела околу 4,5 милиони евра.

Покрај Шпанските скали, „Амадеус груп“ требаше да гради и луксузен барокен хотел на ливадата меѓу зградата на Народната банка и Железничката станица во Скопје, меѓутоа инвестицијата се изјалови откако јавноста бурно реагираше бидејќи државата ѝ го продаде земјиштето на компанијата за околу 3.000 евра или за 71 денар по квадратен метар.

Почетната цена за квадратен метар на оваа аукција беше 61 денар и секој од учесниците можеше да наддава по најмалку десет денари. „Амадеус груп“ беше единствена што се квалификуваше за аукцијата.

Министерството за транспорт и врски ја поништи продажбата на парцелата поради пропусти во Катастарот, односно дел од земјиштето било во процедура за денационализација.

Истава албанска компанија во 2011 година купи плац под скопското Кале, веднаш спроти Градскиот стадион и на тоа место планира да гради барокен хотел. Таму квадратот го плати по 5.000 денари и за плацот од околу 4.000 квадрати одвои 330.000 евра.

Сопственикот на „Амадеус груп“, Бесим Елшани, за прв пат се појави во македонската јавност во 2011 кога преку А1 телевизија реагираше на судската одлука по неговото барање да се поништи продажбата на имотот на фабриката за автобуси „Санос“, која отиде во стечај.

Судот не ја поништи продажбата.

Интересно е дека земјиштето тогаш го купи фирмата „Искра ММ“ во која како сопственици, покрај познатиот бизнисмен Цветан Панделески, подоцна се јавија две офшор-фирми. Фамозната „Ексико“, со непознати сопственици од Швајцарија, и уште една компанија од Белизе.

„Амадеус груп“ најавуваше дека за продажбата на земјиштето ќе ги информира амбасадата на САД во Скопје и Антикорупциската комисија, меѓутоа до ден-денес нема информации што се случи со спорот.

Бесим Елшани во Македонија работи преку три компании под брендот „Амадеус“. „Амадеус девелопмент“ ќе ги гради Шпанските скали, „Амадеус груп“ хотелот под Кале, додека „Амадеус стоун“ требаше да инвестира во барокен хотел на ливадата покрај Народната банка.