Вести

Фондација на екс-унгарски претседател доби тендер за отпад во Македонија

Фондацијата на поранешниот претседател на Унгарија Јанош Адер ќе и помага на Македонија во справувањето со отпадот

Еколошката фондација формирана од поранешниот унгарски претседател Јанош Адер, лојален сојузник на националистичко-популистичкиот премиер Виктор Орбан, соопшти дека добила проект од еден милион евра на ЕУ за да помогне во развојот на практиките за управување со отпад во Северна Македонија.

Владините критичари во Унгарија ја истакнуваат иронијата дека тендерот го добила организација со мало искуство во управувањето со отпадот и основач кој за време на неговиот десетгодишен претседателски мандат само зборувал за еколошките прашања во Унгарија.

Фондацијата на Адер наречена Фондација за заштита на климата на сината планета е основана во 2016 година со цел да ја подигне свеста за климатските промени и да најде и да промовира решенија за одржлива иднина. Таа беше великодушно финансирана од владата на Фидес, во текот на годините, во износ од неколку милиони евра.

Според Ласло Ситањи, директор на Фондацијата, тендерот од еден милион евра што го доби неговата организација ќе биде финансиран од ЕУ и нивната задача ќе биде да ги претстави „европските најдобри практики“ на владата во Скопје и да помогне да се создаде и имплементира систем што најмногу ќе одговара на земјата.

Програмата за управување со отпад ќе се спроведува во рамките на подготовката на земјата за пристапување во ЕУ, таканаречената Твининг соработка, инструмент кој ја обединува експертизата од јавниот сектор од земјите-членки на ЕУ и земјите-кориснички за да се постигнат конкретни резултати.

Фондацијата за заштита на климата на Сината планета ќе функционира како проект-менаџер, а самата работа ќе ја раководат Унгарци, иако ќе бидат вклучени експерти од различни европски земји, се вели во соопштението.

Фондацијата, исто така, ќе ѝ помогне на владата во Скопје, во подготовката на ИТ заднината за активностите за управување со отпад и почнувањето на јавните набавки. Вети дека ќе посвети посебно внимание на наоѓање решенија што се одржливи на долг рок. Проектот се очекува да трае две години.

Министерството за животна средина на Северна Македонија не одговори на барањето на БИРН за коментар на тендерот.

Адер беше претседател на Унгарија до мај оваа година. Тој e еден од основачите на владејачката партија Фидес, а, исто така, беше и европратеник од 2009 до 2012 година. Иако покажа интерес за прашањата за животната средина, особено за зачувувањето на водата, тој никогаш не ја критикуваше владата на Орбан  за нејзините еколошки неуспеси за време на неговиот мандат.

По основањето на фондацијата во 2016 година, таа беше великодушно поддржана со јавни пари. Во 2020 година доби 5 милијарди форинти (12,5 милиони евра) од владата во следните две години  и уште 5 милијарди форинти во месеците пред Јанош Адер да се повлече од функцијата претседател на земјата.

За споредба, најголемата граѓанска организација за заштита на животната средина, Националното здружение за заштитата, кое има околу сто членки, добива годишна државна поддршка од само 6 милиони форинти (15.000 евра).

Во одборот на фондацијата е еден министер од кабинетот и еден државен секретар, така што критичарите велат дека би било тешко да се тврди дека таа функционира независно од владата.

Досега оваа фондација нема никаква посебна експертиза за управување со отпад, освен лансирање апликација за откривање нелегален отпад (преземена од 6.600 луѓе) и собирање ПЕТ шишиња од реката Тиса. Повеќето активности се  редовен поткаст, објавување книги и организирање младински настани за подигање на свеста за климатските прашања.

Интересно е тоа што тендерот на унгарската влада, објавен оваа година, за пронаоѓање оператор за управување со отпад, го доби националната компанија за нафта и гас, Мол, која е активна и на Западен Балкан.

Наведената компанија, која се смета за блиска до владата на Орбан, ќе биде одговорна за собирање и управување со отпад, вклучително и рециклирање на годишно 5 милиони тони отпад во следниве 35 години од 2023 година. Претходно, управувањето со отпадот беше одговорност на државата и општината. Мол ќе има шанса да избере свои подизведувачи, а се шират шпекулациите дека некои од претходните подизведувачи ќе бидат заменети со компании фаворизирани од владата.