Репортажи

ФОТОГАЛЕРИЈА: Два воза заминаа, илјадници бегалци остануваат

На меѓуграничната зона, меѓу Македонија и Грција, сè уште остануваат неколку илјади мигранти. Полицијата не дозволува новинарските екипи да разговараат со мигрантите кои се одвоени со бодликава жица. Тие оттаму успеаваат само да довикнуваат на англиски.

Два воза, во секој по 500 бегалци, претпладнево се упатија кон Србија, откако неколку дена полицијата пушташе само помали групи мигранти и бегалци.

Стотици мигранти, кои утринава беа пуштени од меѓуграничната зона чекаа да пристигне возот. Токму на железничката станица разговаравме со семејството Усаин од Сирија, татко кој патува со своите три деца.

„Шест дена бевме заглавени на меѓуграничната зона меѓу Македнија и Грција. Денеска конечно нè пуштија. Се надеваме дека ќе стигнеме до Германија. Таму се нашите роднини“, вели таткото.

Голем дел од семејствата на мигрантите се разделени. Еден татко, носејќи го на раменици неговиот малолетен син, се обидуваше да им каже на полицајците дека не сака да влезе во возот додека не ја пуштат и неговата сопруга од меѓуграничната зона.

„Тргнете вие, ќе дојде и таа со наредниот воз“, се обидуваа да му објаснат полицајците на англиски јазик.

Откако пристигна возот, за десетина минути веќе се наполнија петте вагони. Стотина бегалци останаа да го чекаат наредниот воз, кој најверојатно ќе пристигне подоцна и ќе биде последен за денеска.

Железничката станица во Гевгелија наликува на мал град. Таму на импровизирани тезги се продаваат кроасани, вода, банани и цигари за мигрантите.

На меѓуграничната зона, меѓу Македонија и Грција, сè уште остануваат неколку илјади мигранти. Седат распослани во шатори и се кријат од дождот.

Во Гевгелија врне целo утро и земјата е сосема натопена. Некои од бегалците одат боси по калта, а од шаторите се слуша и бебешки плач. Во првите редови, зад бодликавата жица, можеа да се видат десетина бебиња кои плачеа на цел глас.

Полицијата не дозволува новинарските екипи да разговараат со мигрантите кои се во меѓуграничната зона и се одвоени со бодликава жица. Тие оттаму успеаваат само да довикнуваат на англиски.

„Во Сирија во нас пукаат директно, а тука индиректно. Ќе нè чекаат да умреме ли тука?“

„Не сме животни, луѓе сме! Кажете им да не пуштат!“

„Ве молиме, една жена е трудна, помогнете, во деветти месец е, со денови е тука“, довикуваат нетрпеливо мигрантите зад бодликавата жица.

Во меѓуграничната зона и на железничката станица во Гевгелија има голем број полицајци и припадници на УНХЦР.

Околу 14 часот, од меѓуграничната зона беше пуштена уште една група мигранти, кои тргнаа по пругите спрема железничката станица станица во Гевгелија.

„Слобода, слобода“, извикуваа тие додека се движеа по пругата,

Во средата, македонските власти прогласија кризна состојба на јужната и на северната граница поради зголемениот прилив на мигранти, по што во четвртокот беа распоредени полициски и воени сили на границата со Грција.