На почетокот на овој месец, во Хрватска започнаа повторно да се играат фудбалските натпревари и на самиот почеток се случи инцидент кој покажа дека грдата страна на оваа „убава игра“ ја преживеала пандемијата на корона вирусот.
Имено, на социјалните мрежи се прошири фотографија, на која се гледа како група навивачи на Динамо од Загреб, држат факели и транспарент со натписот „Ќе е …. српски жени и деца“.
На транспарентот беше исцртан и симбол на фашистичкото усташко движење, кое, за време на Втората светска војна, ги целеше Србите, Евреите и Ромите во Хрватска. Полицијата на Загреб за медиумите соопшти дека спроведува кривична истрага против шест лица, осомничени за „јавно поттикнување на насилство и омраза“.
Во Хрватска, фудбалските навивачки групи често евоцираат сеќавања на војната во 90-тите години, користејќи говор на омраза кон Србите или покажувајќи симпатии кон усташкото движење.
Српскиот народен совет, кој го претставува српското малцинство во Хрватска, во билтенот „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство врз Србите во 2019 година“, вели дека имало 16 случаи на говор на омраза и етничка нетрпеливост на спортските настани во 2019, 12 во 2018 и 14 во 2017 година.
Извикот, „Убиј го Србинот“, стана константа на фудбалските стадиони, се вели во извештајот.
Фото: Фејсбук страна на Бед блу бојс
Скандирањата на навивачите се ехо на реториката на политичарите
Говорот на омраза на трибините, има длабоки политички корени на Балканот. Подемот на национализмот во последните години на Југославија, се огледаше на фудбалските стадиони низ целата поранешна држава, бидејќи стадионите станаа арена за промоција на идеите на политичарите и на националистичките групи.
Некои дури тврдат дека судирите меѓу навивачите и играчите на Динамо од Загреб и Црвена звезда од Белград, по улиците на хрватскиот главен град во 1990 година, претставуваат почеток на насилното распаѓање на Југославија.
Јурај Врдољак, колумнист на порталот Телеграм од Хрватска, за БИРН вели дека говорот на омраза е „за жал честа појава на фудбалските натпревари“ и најчесто е „насочен кон разни видови малцинства“ – претежно кон Србите, но понекогаш и против бегалците или новинарите.
Врдољак потенцира дека навивачите кои изразуваат навредливи мислења на натпреварите, „всушност имаат навика да пресликуваат некаков доминантен екстремистички образец од полето на домашната политичка сфера“.
Со оглед на историскиот ревизионизам кој е раширен меѓу хрватската политичка десница, па дури, последниве години, и меѓу владините политичари, не изненадува што сличните чувства изразуваат и фудбалските навивачи, кои „продолжуваат да ги шират оние политички пораки кои доаѓаат одозгора“, нагласува тој.
Поздрав на хрватските навивачи до „месарот“ од Втората светска војна
Графит кој го комбинира амблемот со орелот на Нацистичката партија и логото на Динамо од Загреб, во близина на стадионот на Динамо. Фото: БИРН.
Врдољак вели дека најдобриот пример за ова е случајот со навивачите на Хајдук од Сплит, кои ги величале усташките убијци. Имено, во февруари минатата година, на натпреварот против хрватскиот фудбалски клуб Горица, на стадионот Пољуд во Сплит, некои членови на навивачката група на Хајдук, Торцида, кренаа транспарент со натписот „Месарите на Макс“.
Се работи за усташки војници кои извршиле злосторства над Срби, под команда на Вјекослав Макс Лубуриќ, познат по прекарот Месар. За време на Втората светска војна, Лубуриќ беше главен командант на усташкиот логор Јасеновац.
Изразот е популаризиран во песна на хрватската националистичка рок sвезда, Марко Перковиќ Томпсон, во која се вели дека концентрационите логори Јасеновац и Градишка Стара, се „куќа на месарите на Макс“.
Фудбалскиот клуб Хајдук, остро го осуди инцидентот, а дисциплинската комисија на Хрватскиот фудбалски сојуз, одлучи да ја затвори северната трибина на стадионот Пољуд, додека клубот беше казнет со парична казна од 60.000 куни (7.900 евра).
Хрватскиот фудбал има историја на инциденти поврзани со нацизмот.
Хрватските фудбалски навивачи го скандираа усташкиот поздрав „За дом спремни“, на фудбалскиот натпревар меѓу Хрватска и Израел во март 2016 година, што испровоцира реакцијата на Ефраим Зуроф од центарот „Симон Визентал“. Тој ја критикуваше хрватската влада, бидејќи несоодветно ги осудила фашистичките скандирања на фудбалските натпревари, што е, како што рече Зуроф, „показател за толеранцијата кон ваквото ужасно, навредливо и јасно антисемитско однесување“.
Истиот усташки поздрав навивачите го извикуваа и на стадионот Максимир во Загреб, на натпреварот на репрезентацијата против Норвешка, во март 2015 година. Како резултат на ова, УЕФА ѝ нареди на Хрватска да го одигра својот следен натпревар дома пред празни трибини, а репрезентацијата беше казнета со парична казна од 50.000 евра.
Но, навивачите беа охрабрени од сличното однесување на хрватскиот фудбалер, Јосип Шимуниќ, кој го извикуваше овој поздрав на крајот од мечот со Исланд, во ноември 2013 година. Шимуниќ во Загреб беше казнет со парична казна од 3.200 евра за ширење расна омраза, додека ФИФА поведе дисциплинска постапка против него.
Хрватска има Закон за спречување на нередите на спортските натпревари, во кој се вели дека секој што прикажува транспарент, знаме или друг предмет, со кој се искажува или поттикнува омраза или насилство врз основа на расна, национална, регионална или верска припадност, ќе се казни со парична казна од 2.000 до 15.000 куни (од 260 до 1.900 евра) или со затвор до 30 дена. Луѓето што ќе се обидат да внесат или ќе внесат такви предмети, се санкционираат на ист начин.
Според законот, ќе му се изрече парична казна од 5.000 до 25.000 куни (од 660 до 3.300 евра) или казна затвор од 30 до 60 дена на лице „кое пее песни или дофрла пораки на натпреварувачите или гледачите, чија содржина изразува или поттикнува омраза врз основа на расна, национална, регионална или верска припадност“.
БИРН упати прашање до хрватското Министерство за правда, колку прекршувања се регистрирани според овој законот, но не добивме одговор.
Во Србија на мета се Албанците и муслиманите
Ред од тврдокорни навивачи на Партизан, вклучувајќи го Милован Тадиќ (четврти од лево), ја прославуваат победата на нивниот тим на јужните трибини на стадионот на „Партизан“ во мај 2017. Фотографија: БИРН
Во последните децении, навивачките групи во Србија честопати се користaт за промовирање на национализмот и ширење на политичка пропаганда.
„Имате насекаде навивачи, но не сум видел никаде, освен во Хрватска, дека навивачите имаат исто политичко значење како во Србија“, вели српскиот антрополог, Иван Ѓорѓевиќ, автор на книгата „Антрополог меѓу навивачите“.
Тој ги опишува српските навивачи како „група за притисок, паравоена формација која врши одредени задачи кога е тоа потребно (на политичарите)“.
Некои дури беа регрутирани да се борат за време на конфликтот во 90-тите, од страна на паравоениот шеф, Жељко Ражнатовиќ Аркан, кој во еден момент ја водеше навивачката група на Црвена звезда, Делије, и беше присутен за време на насилниот судир меѓу Црвена звезда и Динамо во Загреб во 1990 година.
Навивачите одиграа важна улога во револуцијата во октомври 2000 година, со која беше соборен Слободан Милошевиќ, кога се свртеа против автократскиот лидер и ја поддржаа демократската опозиција. На натпреварите пред револуцијата, честопати се скандираше, „Зачувај ја Србија и убиј се, Слободане“.
Српските навивачи, исто така, ја покажаа својата сила на улиците, судирајќи се со полицијата, активистите за човекови права и со припадниците на ЛГБТ заедницата, кои се обидоа да организираат Парада на гордоста, и учествуваа во немирите во знак на протест против прогласувањето на независноста на Косово.
Експертите сугерираат дека навивачките групи развиле работен однос со владата од моментот кога Српската напредна странка дојде на власт во 2012 година: во замена за послушност на улиците, за време на настани како што е Парадата на гордоста, тие можат да ги продолжат бизнис активности релативно непречено.
Во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата од 2017 година, се предупредува дека „постојат силни врски меѓу насилните групи на фудбалските навивачи и екстремно десничарските организации, кои, пак, имаат врски со националистичките политичари и организираниот криминал“.
Во 2013 година, Србија усвои Националната стратегија за борба против насилството и недоличното однесување на спортски настани, а во декември минатата година, Белградскиот центар за безбедносна политика го објави извештајот „Насилство и спорт: тогаш и сега“, во кој се зборува за влијанието на стратегијата.
Во извештајот се наведува дека во стратегијата не се спомнуваат расизмот и национализмот. Сепак, меѓународните спортски тела често ги казнуваат српските фудбалски тимови за расистичко однесување на натпреварите, се додава во извештајот.
Во него се нагласува дека „недостигот на институционален одговор на расистичките инциденти во спортот е разбирлив“, бидејќи високи српски претставници честопати покажуваат симпатии кон осудени воени злосторници.
Од октомври 2015 година до денес, УЕФА ја казни српската репрезентација и двата најдобри клуба во земјата, Црвена Звезда и Партизан, со повеќе од 715.000 евра, поради расистичко однесување, навредливо скандирање, упади на терен и употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите.
Инцидент што привлече најголемо меѓународно внимание беше тепачката на теренот на квалификацискиот натпревар за Европското првенство меѓу Србија и Албанија во Белград, во октомври 2014 година, кој мораше да биде прекинат откако дојде до судир меѓу играчите и навивачите, кога над стадионот се појави дрон со знамето на „Голема Албанија“.
Предходно, српските навивачи на трибините извикуваа „Убиј, убиј, убиј Албанци“. УЕФА ги казни двете репрезентации со 100.000 долари, а на Србија и беа одземени три бода.
Величење на Ратко Младиќ, скандирање за „нова Сребреница“
Српските навивачи често го величат воениот злосторник, Ратко Младиќ, поранешен воен командант на Војската на Република Српска, кој поднесе жалба на првостепената пресуда, со која беше осуден за геноцид и други тешки злосторства.
Во март 2017 година, навивачите на Црвена звезда и на Партизан, јавно му го честитаа на Младиќ неговиот роденден. Навивачите на Црвена везда пееја песна во која се спомнува името на Младиќ и дигнаа транспарент на кој пишуваше, „Среќен роденден“, додека на транспарентот на навивачите на Партизан пишуваше: „Твоите години дадоа сè за Србија, среќен роденден, генерале“.
Второлигашкиот фудбалскиот клуб Кабел, отиде уште подалеку. Имено, фудбалерите на овој клуб, истиот ден, излегоа на терен со маички со ликот на Младиќ.
За време на Светското првенство во јуни 2018 година, кога Србија играше со Швајцарија, група навивачи се појавија на стадионот облечени во маички со ликот на Младиќ и, како што беше соопштено, извикуваа „Убијте ги Албанците“, како реакција на гестикулацијата со прстите за двоглавиот орел на двајца фудбалери на швајцарската репрезентација, Албанците од Косово, кога постигнаа гол. Овие играчи беа казнети.
По натпреварот, српските националистички навивачите во Виена извикуваа „Нож, жица, Сребреница“, добро познат извик на фудбалските натпревари, со кој се величи масакрот над Бошњаците во 1995 година, од страна на силите на босанските Срби.
Некои српски навивачи дури отидоа да го посетат Младиќ во притвор. Минатиот ноември, неколку десетици навивачи на Партизан, чиј клуб играше во Холандија, се собраа пред притворското одделение на ООН во Шевенинген, каде се наоѓа Младиќ, за да му ја искажат својата поддршка.
Муслиманите во Србија се, исто така, мета на националистичките навивачи. Во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата се вели дека кога стотици навивачи на Црвена звезда отпатувале во Нови Пазар на натпревар во март и август 2016 година, тие скандирале парола повикувајќи на „нова Сребреница“ и извикувале „Убиј! Заколи! Пазарец да не постои“.
Иако навивачите ги придружувала полиција, таа решила да не интервенира, се наведува во извештајот.
Во Србија, според Законот за забрана на дискриминацијата, поттикнувањето на дискриминација, омраза или насилство е незаконско „на собири и места достапни за јавноста“.
Според Републичкото биро за статистика, меѓу 2016 и 2018 година, биле поднесени обвиненија за поттикнување национална, расна и верска омраза и нетолеранција против 128 лица. Донесени се вкупно 63 пресуди, а 16 лица добиле казна затвор.
Во истиот период, против десет лица е поднесена пријава за „расна и друга дискриминација“, и биле изречени три пресуди.
Сепак, не е познато дали некој од овие прекршоци е извршен на фудбалски натпревари.
Ѓорѓевиќ посочува дека националистичките извици станале нормална работа.
„Имаме нешто што јас го нарекувам ‘прифатлив национализам’, каде што некои работи на стадионот буквално поминуваат покрај вас и никој веќе не ги забележува; ќе слушнете дека имало фантастична атмосфера на натпреварот без никакви инциденти, а тој (говорот на омраза) не се зема предвид“, објаснува тој.
Сè додека српските власти не ги санкционираат навивачите за навредливите скандирања, тие нема да имаат причина да престанат со тоа, додава Ѓорѓевиќ.
„Значи, еве во што е работата – ако не ги гоните (луѓе што скандираат) ‘убиј, заколи’, тогаш зошто сте изненадени?“, прашува тој.
„Секако дека ќе се чуе и секако дека ќе се пее, затоа што никој не кажал дека тоа не смее да се прави. Никој не кажал дека тоа е проблем“, заклучува Ѓорѓевиќ.