Интервјуа

Функционалната писменост не значи само способност за читање

Ерозијата на општеството се отсликува и со ерозија на јазикот, вели комуникологот Сеад Џигал во интервју за БИРН

Неприкосновениот британски писател и автор на култните романи „1984“ и „Животинска фарма“, Ерик Артур Блер, познат под псевдонимот Џорџ Орвел, пред повеќе од седум децении го напиша помалку познатиот есеј „Политиката и англискиот јазик“.

Во него Орвел, меѓу другото, запиша дека јазикот и мислата се близнаци на човековата психа, па констатира дека, aко мислата го корумпира јазикот и јазикот може да ја корумпира мислата.

Падот на еден јазик, според неговиот есеј, пред сè, доаѓа од политички и од економски причини. Оттука, лошата употреба на јазикот ужива во комфорот на слабата писменост и таа не е само јазично-правописен проблем, туку многу подлабок.  

Што се крие под површината на тријадата јазик – општество – писменост и каква е состојбата кај нас? За ова БИРН разговараше со Сеад Џигал, филолог и комуниколог, познавач на популарната култура, новите медиуми и пропагандата.

Убавиот јазик остана само во книгите

Младиот човек може да види префинет јазик само во книгите | Фото: БИРН

Првата асоцијација кога ќе се спомне функционална писменост е способноста за читање, пишување и сметање. Но, тоа е далеку подлабоко прашање, вели Џигал. Подразбира „пошироко разбирање на различни видови информации и содржини и нивно користење за подобра комуникација“.

„Функционална писменост има, но таа не е доволна“, смета Џигал. Тој ја дефинира функционално-писмената личност како примател и корисник на информации за „правилно размислување и успешно вклучување во различни активности“.

„Јавните личности од сите сфери покажуваат низок степен на правописна и правоговорна писменост, граѓаните немаат доволно способности за аргументирано дебатирање“, вели тој и нагласува дека „без функционална писменост, нема функционално општество“.

Често користење пасивни форми за да се избегне преземањето одговорност

„Од страна на“, „има за цел“, „нашите пораки се јасни“, „ќе биде постапено“… Политичарите (секако и не само тие) речиси и да не користат да говорат активни реченични форми, туку користат пасивни реченици, избегнувајќи го директниот говор и со тоа – преземањето одговорност. Важно е граѓаните да ги знаат за да ги препознаат.

„Денес младиот човек речиси да нема каде да го слушне убавиот и префинет јазик, него го нема кај политичарите, го нема во медиумите, го нема во филмовите, го нема на интернет“, додава Џигал и констатира дека, за жал, таквиот јазик останува да се негува само во книгите и во литературата.

„Критички и писмено зрели личности се потребни за да се оформи критичка јавност, која, пак, треба да биде постојано активен фактор како се води и се развива општеството“, додава тој.

Се согласува со впечатокот дека јазичната култура и стандардите во јавната комуникација во минатото биле повисоки и се водела подобра грижа за јазикот.

„Културата на јавниот настап беше поинаква, се одржуваше праксата дека во јавната комуникација треба да се користи повисок стил“, вели Џигал.

Образованието се менува како што се менуваат власта и министрите

Копирањето туѓи образовни модели не гарантира успех | Фото: Архива на Сеад Џигал

„На современиот млад човек со паметен уред в рака не му треба енциклопедиско знаење, туку вештини што ќе може да ги користи во различни области“, потенцира Џигал, говорејќи за важноста на образованието во процесот на описменување.

Инсистира дека мора да се подобри квалитетот на учебниците, треба похрабро да се реформираат и осовременат наставните планови и подобро да се насочат кон функционална писменост, да се вклучат нови предмети, како медиумска и дигитална писменост, но и да има повеќе содржини од класичните науки, како етика и логика.

Важен фактор за подобра писменост, несомнено, е мотивираноста на учениците, која потфрла во обидот да стекне верба во општеството.

„Средината, за жал, ги учи дека знаењето и квалитетот кај нас не се наградуваат и не гарантираат успех во кариерата и во животот. Тој менталитет треба да го промениме со заеднички труд и со позитивни примери“, вели комуникологот во интервјуто за БИРН.

Но, она што е најголем проблем за реформирање во оваа сфера, според Џигал, се дисконтинуитетот и политизацијата, бидејќи, одредени реформи започнуваат и се прекинуваат со промена на власта, промена на министри или слично.

„Со ова се нарушува процесот на пренесување на знаењето и искуствата од генерација на генерација, па нема акумулирање на колективно искуство и подобрување на институционалниот капацитет. Копирање туѓи модели и стратегии во образованието не гарантираат успех“, потенцира Џигал.

Тој ги наведува најневралгичните точки на слабиот образовен систем и констатира дека тие се најголемите демотиватори: „Корупцијата, непотизмот и негативната селекција на кадрите во образованието го земаат својот данок и го поткопуваат образовниот процес“.

Се користи архетипoт на Итар Пејо за да се надмудри системот

Oпостојува потребата да се пронајдат дупките во системот | Фото: БИРН

На прашањето дали системот генерира мрзеливо или недоволно критичко граѓанство со вакво ниво на писменост, Џигал вели дека граѓаните не се толку мрзеливи, колку што се немотивирани да ја подобрат и практикуваат својата критичка свест.

„Низ колективното искуство опстојува локалниот архетип на Итар Пејо, да се надитри системот, да се најдат дупки во правилата и законите, да се снајдеш во животот за да преживееш“, вели Џигал.

Но, додава, оваа зачмаеност е како ѓаволски круг: „Системот генерира недоверба во самиот систем. Дури и тие што го раководат системот, често не веруваат во системот и сметаат дека тој не важи за нив, а тие се над него“.

Говорејќи за, како што ја нарече, штетната „култура на мимикрија“, го цитира концептот на чешкиот писател Чеслав Милош, кој во делото „Заробениот ум“ го нарекува „кетман“.

„Тоа е појава кога навидум веруваме во системот, но малку правиме за него или го правиме спротивното. Штетната умствена матрица на неверување во ништо, освен во својата гола егзистенција и личен просперитет мора да се надмине за да се постигне колективен напредок“, додава Џигал.

Денес секој од нас е уредник

Технологијата во рацете на злонамерникот е оружје | Фото: Архива на Сеад Џигал

„Најдобро стоиме со традиционалната, но послабо во поглед на медиумската и на дигиталната писменост“, вели Џигал, одговарајќи на прашањето каква е состојбата со овие три вида писменост кај нас.

Постои перцепција во јавноста дека медиумската писменост е многу полоша отколку што таа објективно е, поради онлајн-просторот, каде што циркулираат дезинформации, нетолеранција, говор на омраза, теории на заговор, псевдонаука…

Џигал смета дека социјалните мрежи, порталите и сличните платформи се претворени во „јавна арена за борба на интереси, во кои поради нерегулираноста нема одговорност и речиси сè е дозволено“.

Тој го аспектира и она што сите го засведочуваме, а тоа е дека го вадат најлошото од нас, па дури и тие што имаат солидна медиумска писменост стануваат „соучесници во таа борба и ја засилуваат поларизацијата“.

„Во рацете на добронамерен човек, технологијата е алатка, а во рацете на злонамерникот таа станува оружје“, заклучува тој и потенцира дека дигиталната писменост подразбира дополнителни вештини како да се користи новата технологија.

„Инфодемијата, лажните вести и дезинформациите, кои многу се засилија во последните неколку години, сите нè уверија колку се важни медиумската и дигиталната писменост. Медиумите, не само што се плурализираа, туку и се децентрализираа, а нивните заштитни филтри ослабеа“, потенцира Џигал.

Според него, јасно е дека „денес секој од нас е уредник на сопствената информативна програма, сами бараме и избираме информации, а за тоа ни требаат подобри вештини и знаење за да бидеме, не само добри во тоа, туку и да се заштитиме“.

Јазична инфлација и зборови испразнети од значење

Наместо „преобликувачко првенство“, се користи „реформски приоритет“ | Фото: БИРН

Џигал се сложува со максимата на многуцитираниот Џорџ Орвел дека ако еродира општеството, еродира и јазикот.

Јазиците на помалите култури, вклучително и на македонскиот јазик, се под силен притисок да се слеат со глобалниот комуникациски код, резонира Џигал и додава дека тоа не е повеќе случај само со англискиот јазик, туку е и „еден нов вид јазична структура што ја наметнува технологијата, едноставно, еднозначно, кусо, директно, визуелно, нема идиоми, важни се виралните мимови или мемиња“.

„Стилистиката губи на значење, метафоричноста се одбегнува, важна е комуникациската ефикасност“, вели тој.

„Неодамна, прелистувајќи некои свои белешки, се потсетив на една интересна синтагма на Мисирков, „обшча арнотија“. Колку вакви убави постари изрази се заборавени, а користиме некои нови преземени од други јазици? Не е толку проблем да се преземаат зборови од други јазици, колку што е проблем ако ги заборавате сопствените“.

Џигал го споделува впечатокот дека во јавниот говор, општите апстрактни фрази, кои се „технолошки вишок“, како да го проголтале чистиот, конкретен говор и дека постои своевидна „јазична инфлација“.

„Јазиците што ги користиме уште ни се во транзиција и под силно влијание на јазичната стилистика од минатиот век. Во претходниот систем беше култивиран култот на сложеното изразување, со долги и сложени реченици, разгранети синтагми, многу апстрактни термини“, што вели тој „било одлика на високиот интелектуален стил, кој повеќе вреди доколку што помалку луѓе можат да го разберат“, смета комуникологот.

Јазикот во јавната комуникација и денес често се користи за да се сигнализира класна припадност, отколку подобро да се искомуницира нешто.

„Ако сте експерт, мора да кажете дека ни е потребна стратегија, на пример, или ако сте политичар да кажете ‘реформски приоритет’ или ‘подобрување на капацитетот на институциите’. Кој од нив знае што точно значи тоа? Веројатно под подобрување на капацитетот мислат на партиски вработувања“, цинично заклучува.

Продолжува со појаснувањето дека клучното прашање е зошто, на пример, „реформски приоритет“ звучи многу подобро од неговиот превод, „преобликувачко првенство“?

Друг случај на кој се присети е изразот „сет мерки“, кој ги игнорира граматичките правила за тоа како се оформува именска група.

„Каква е таа нелагодност да се прават и користат преводи и адаптации поблиски до домашниот зборовен фонд? Тука е суштината на културниот парадокс на нашето јазично развивање. Не можат другите повеќе да нè ценат, ако самите си ги потценуваме сопствените јазици и култури“, вели Џигал.

Домашните политичари се јазично мрзеливи

Се користат псведоинтелектуализми и дијалектизми и не се почитува акцентот | Фото: БИРН

Користат дијалектизми и псевдоинтелектуализми, не употребуваат акцентски целости, го колоквијализираат политичкиот јазик. Ова е концизен опис на Џигал за начинот на кој домашните политичари се однесуваат кон јазикот.

Оттаму и оценката дека политичарите „слабо стојат со јазикот и даваат лош пример како тој треба да се користи“.

„Не можам да се сетам кога сум слушнал акцентска целост во јавната комуникација или во медиумите, освен можеби кога ќе се појави на нив некој битолчанец, прилепчанец или свештено лице“.

Џигал: Не можеме да извезуваме писменост

„За жал, не можеме да извезуваме писменост од овие краишта, како што било тоа во времето на сесловенските просветители, но, сепак, има основа за напредок“.

„Има и доста локал-патриотизам кај домашните политичари, кои во јавни настапи, не само што не се трудат да зборуваат на стандардниот јазик, туку  горделиво го користат својот дијалект. Тоа им е некаков комуникациски код, кој ја зајакнува врската со базата од каде што доаѓаат“, додава тој.

„Денес многу е популарен зборот „наративи“, а пред него се користеше „дискурс“, и најчесто се користат како псевдо-интелектуализми, а не за да кажат нешто конкретно“, потенцира Џигал.

Политичарот „сака да личи на обичниот човек, да допре до него со зборови кои тој ги разбира и во него граѓанинот да се препознае себеси“. Но, смета и дека има политичари што намерно го поедноставуваат јазикот, што е своевидно приклонување кон популистичките стилови како глобален тренд.

Ораторството, јавното дебатирање, јавниот настап, бараат мотивираност, посветеност и вежбање, а целосно се фрлени на периферијата.

„Во политичката комуникација има една фина доза и на актерство, не е само што ќе кажете, туку и како ќе го кажете тоа што сакате да го искомуницирате, да ги поврзете емоцијата и когницијата на слушателот. Се разбира, таа вештина треба да се негува и да се развива, треба да се посветите на неа“, вели Џигал.

„На политичарите што знаат да прават разлика помеѓу „поради“ и „заради“, и кои знаат на социјалните мрежи правилно да напишат „сѐ уште“, треба да им се даде награда, тие веќе се ендемски вид“, заклучува Џигал.