Интервјуа

Гаврил Бубевски – во ново столче со старите случаи

Интервју со шефот на Скопското обвинителство

Како млад обвинител со шестгодишен обвинителски стаж, Гаврил Бубевски во 2015 година беше изборот на Катица Јанева во специјалното јавно обвинителство. Таму дојде од Скопското обвинителство, каде што гонел измами, даночни затајувања, убиства, разбојништва…

Во СЈО, четири години гонеше криминал што произлегува од „бомбите“. Работеше на неколку предмети: „Трансмет“, „Шамарите во Центар“, „Титаник 2“, „Моќник“, истрагите за „Актор“ и „Подарок“.

Беше меѓу последните „чувари“ на бомбите во зградата на Рузвелтова број 34.

Од јануари годинава, старо-ново работно место му е четвртиот кат во палатата „Петре Пирузе“, односно барокната ротонда на кејот на Вардар. Раководи со 49 обвинители во најголемото обвинителство во земјава – скопското.

Освен што го менаџира обвинителството, оди на судења. И тоа за два предмета на кои работел во СЈО. Во едниот од нив, „Титаник 2“, меѓу обвинетите е и Сашо Мијалков, за кого наближува застарување на делото.

Нè пречека со два закони на маса што се „алфа и омега“ во кривичното право, Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка.

Го сакам ова обвинителство

Нема амбиција да ги замени Јовески или Русковска | Фото: Р. Атанасовски

„Не би сакал да се жалам“.

Ова ни го кажа во првите минути од средбата, кога го прашавме како повеќе од половина година се снаоѓа како шеф на Обвинителството, за кое, неговиот претходник Сашо Рајчев говореше дека едвај ги премостува финансиските дупки и има поразителни бројки во кадар. Бубевски, се чини, претпочита да ги гледа предностите наместо слабостите.

„ОЈО Скопје може да покрие сè што има како надлежност и во роковите што се поставени во законите и во однос на капацитетот и квалитетот на она што може да го сработи ова обвинителство“.

Сепак, признава дека нема доволен број обвинители според систематизацијата. Но, постигнуваат и со постојните.

„Се разбира дека со подобрување на систематизацијата и овие стандарди би се подобриле“.

Себеси се опишува „само како раководител кој го врзува тимот“ и нагласува дека во Обвинителството „има обвинители што се многу поквалитетни по право и од мене“.

Најмногу работат на имотни и сообраќајни деликти.

Нема амбиција да седне на шефовското столче во државното обвинителство, или во Обвинителството за гонење организиран криминал.

„Мислам дека во ОЈО Скопје можам најмногу да придонесам. Овде има најголем капацитет и квалитет на јавнообвинителска структура. Го сакам ова обвинителство. Од тука може да тргне сè“, вели Бубевски.

Уверува дека токму Скопското обвинителство може да биде добар „расадник“ на кадри што ќе гонат организиран криминал и корупција.

Не гледа судир на интерес со Муареми за кривичната за Русковска

Бубевски тврди дека не може да му нареди на обвинител како да постапува | Фото: Р. Атанасовски

Најновите случувања поврзани со кривичната пријава за обвинителката Вилма Русковска за претресот во Финансиската полиција, во фокусот го ставаат токму Скопското обвинителство, бидејќи ексдиректорот Арафат Муареми пријавата ја поднесе до нив.

Бубевски резервирано одговора. „Не можам многу да зборувам во врска со сево ова. Во моментов се прибира материјал од сите институции што биле вклучени и потоа ќе се одлучи“.

Тврди дека за предметот постапуваат како и со секоја друга кривична пријава.

„Овој предмет не е обременет од некакви посебни мерки за да има некаков приоритет во постапувањето, меѓутоа кај нас, најголемиот број од обвинителите си ја работат работата според роковите во ЗКП“.

Со други зборови, рокот налага три месеци од поднесувањето на кривичната пријава да се донесе одлука дали ќе се отвори истрага. Од тоа време преостануваат уште два месеца.

Не гледа судир на интереси затоа што подносител на пријавата е неговиот поранешен колега-истражител во СЈО, а потоа директор на Финансиската полиција.

„Јас лично не постапувам по кривични пријави, ниту можам да му наредам на некој обвинител како да постапува. Одлуката ја носи јавниот обвинител кој постапува во предметот“.

Од актуелните предмети на кои работат, Бубевски го прашавме за предметот со делчевските ниви, односно за препродавањето на нивите што ЕВН ги купила далеку поскапо од пазарната вредност за изградба на фотонапонски централи.

„Предметот е во фаза на економско-финансиско вештачење. Тоа е последното дејствие пред испитување на осомничените“.

Не станува збор за, како што рече, перење пари, туку за измама во службата, за кое постапиле по пријава од Финансиската полиција.

Во јавноста имаше реакции за тоа што во овој предмет притворите на осомничените, кои се политички функционери од опозицијата, првин им се заменети со куќни притвори, а потоа со уште поблаги мерки.

Тој вели: „Во ОЈО Скопје, барем јас од кога сум тука, се трудиме тие мерки да бидат колку што е можно пократки за да ја исполнат целта. Мерки што повеќе траат се многу ретки. Гледаме, или да ги замениме со гаранции, или со полесни мерки“.

„Актор“, „Подарок“, „фалш-сертификати“ за кандидати за судии и обвинители

Закочени се две истраги за милионски криминал: „Актор“ и „Подарок“

До овој ноември ќе се навршат точно четири години како Скопското обвинителство истражува дали од септември 2016 година, влезните и излезните повици на фиксната телефонска мрежа во Јавното обвинителство што биле снимани, биле изнесувани од институцијата.

„Од она што сум запознаен од јавниот обвинител што постапува во предметот, прибран е сиот материјал што треба да се прибере и очекувам одлука во скоро време“.

Тоа не е надворешно прислушување на телефонската централа, туку меѓусебното зборување на обвинителите. Одлука нема, иако од изјавите може да се насети дека таа би била – затворање на постапката.

„Тоа ќе ви го објаснам во следното интервју“, вели Бубевски.

Идентична судбина има и предистражната постапка отворена поодамна, поточно во 2017 година за предметот за фалсификуваните сертификати за познавање странски јазик за кандидатите за судии и јавни обвинители.

Сослушале 30 сведоци и обезбедиле документација, ама работата запнала со меѓународната правна помош, бидејќи обвинителството сè уште чека одговори од Албанија и од Обединето Кралство.

„Побараните информации се неопходни за да се утврди фактичката состојба во предметот, бидејќи тоа е единствениот начин да се провери дали лицата навистина полагале и добиле сертификат за познавање англиски јазик“.

Идентичен му беше одговорот и за истрагите на кои работеше самиот во СЈО: „Актор“ и „Подарок“. И таму сè запнало кај меѓународната правна помош.

Презентација на истрагата за случајот „Актор“ | Фото: БИРН

Со оглед на тоа дека во случајот „Актор“ за изградбата на делницата Демир Капија –  Смоквица, осомничените се претежно грчки државјани, можно е по поднесувањето обвинение за нив, предметот да биде префрлен во Грција.

Кај предметот „Подарок“ за гасоводот, проблемите се исти – немаат соработка со Руската федерација.

Станува збор за еден од највисоките суми за кои е оштетен буџетот на државата, за околу 33 милиони евра. Осомничени се ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески бидејќи за руска фирма прибавиле имотна корист откако склучиле спогодба за изградба на гасовод, со која би се регулирал рускиот долг од некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ, во делот на обврските кон Македонија.

Сеад Кочан нема ништо по конфискацијата

„Ниеден имот од тоа што е во пресудата не е на негово име, сè е на име на државата“.

Обвинителот Бубевски, кој своевремено го водеше предметот „Труст“ за набавката на механизација за ЕЛЕМ против Сеад Кочан, тврди дека е добро што се кренала  прашина околу случајот кој уште не е завршен со впаричување на имотот.

Застарувањето на делата – пораз за правдата

Наближувањето на застарувањето на делото за Сашо Мијалков во предметот „Титаник 2“ го гледа како пораз за правдата. Причината за тоа ја лоцира во поротничкиот систем воспоставен многу порано, кој произведувал „одговорна порота“. Сега вели „вредностите се сменети и сметам дека тој систем треба да се напушти или да се прилагоди“.

„Добро е да се утврдат сите слабости на системот и на институциите кои се вклучени во постапката за конфискација и впаричување на имотот, со цел да не доаѓаме до вакви ситуации во иднина. Иако мислам дека и во овој случај државата ќе успее во постапките“

Уверува дека тие како обвинители направиле сè за да го лоцираат незаконски стекнатиот имот и тука нивната обврска завршила.

Негира дека направиле обвинителски пропуст затоа што не побарале т.н. „претходни“ мерки за да се обезбеди имотот до правосилноста на пресудата.

Бубевски вели: „Тоа не е можно“.

Ставот на Врховниот суд дека посилно право на наплата имаат банките пред државата вели дека е во ред кога работата е правна, но овде, како што рече „работата не е правна и затоа не може да се употреби“.

Повисоки пропишани казни за да нема условни

Бубевски смета дека „Талир“ е поважен од давањето лажен исказ на Тодоровиќ и сопругата | Фото: Р. Атанасовски

Неодамна, жестоки реакции предизвика веста за спогодбата на обвинителството со ексградоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, и неговата сопруга за давање лажен исказ, со што добија условни казни. Бубевски смета дека најбитно е фалшливиот исказ да не може да се користи во постапката за предметот „Талир“.

„Давањето лажен исказ е во групата кривични дела против правосудството. Овде сторителот со давањето на тој исказ ја искривува фактичката состојба во одреден предмет. Интенцијата е таа фактичка состојба да се исправи зашто „Талир“ е многу побитен предмет од тој за давање лажен исказ“.

Смета дека обвинителката што го води случајот добро постапила, а „пас“ за спогодбата, дале тој и вишиот јавен обвинител.

„Ова е реткост за давање лажен исказ да се покрене постапка и очекувам таа санкција да ја оправда целта“.

Ако осудениот повторно даде лажен исказ, таа условна осуда ќе се отповика. Во овој случај тоа што обвинетите не биле претходно осудувани е олеснителна околност.

На критиките во јавноста дека е недозволиво да лажете пред судот и за тоа да добиете условна казна, тој вели: „Ако јавноста тоа го доживува на поинаков начин, тогаш треба да направиме измени во Кривичниот законик и тие казни да ги кренеме. Каде што има четири години, законодавецот смета дека може да се даде условна. Над пет години не може“.

Аболиција на нагаѓање

Иванов не знаел дека со аболициите ги довел лицата во неправедна положба | Фото: Р. Атанасовски

Наближува одлуката на судот во Стразбур за аболицијата на Ѓорге Иванов, кои се надеж на обвинетите и осудените и Дамоклов меч за правдата. Шефот на Скопското обвинителство е убеден дека дадените аболиции се незаконски. Очекува дека на таа линија ќе застане и Стразбур.

Ако судот пресече во корист на обвинетите и осудените, тогаш работата се менува.

„Ефектот на евентуална друга одлука би бил поништувања на одредени одлуки што се дадени, а кои се засегнати со аболицијата“.

Смета дека аболицијата во моментот кога била дадена не ги покрила сите кривични дела за сите лица.

„Аболицијата е дадена на нагаѓање, само со поднесена кривична пријава“.

Прашавме дали тоа значи дека ако државата го загуби спорот, едни ќе останат во затвор, а други може да излезат, тој вели, дека за жал, одлуката е за лица.

„Претседателот сметал дека одредено лице во конкретен случај не треба да одговара. Тој не знаел тогаш дека ги става во нерамноправна положба“.