Регион

Генерал на ЈНА смета дека неговото судење во Хрватска е „неправедно”

Свен Милекиќ, Сплит

Борислав Ѓукиќ, сведочи пред Хашкиот трибунал. Фото: Ал Џезира

Поранешниот генерал на ЈНА, Борислав Ѓукиќ, вчера, пред Окружниот суд во Сплит, пред кој тој е обвинет за воени злосторства, упати протест, бидејќи судот не дозволи како сведоци на одбраната да бидат сослушани 23 сведоци, кои се наоѓаат во Србија.

Ѓукиќ, кој денес има 69 години, беше командант на 221 моторизирана бригада на 9 кнински корпус на ЈНА, а подоцна и генерал во војската на бунтовничките хрватски Срби. Тој е обвинет дека на 28 јануари 1993 година, ја минирал браната Перуќа, која се наоѓа во близина на хрватскот град Сињ.

Браната делумно била крената во воздух, но работниците од хидроцентралата успеале да го спречат нејзиното целосно уништување, што можело да доведе до загрозување на животите на повеќе од 50.000 жители на градовите Сињ, Триљ и Омиш.

„Ниту еден од 23 предложени сведоци не може да сведочи … не постои таков случај во меѓународната правда … Ако вака го водите судењето, тогаш можете веднаш и казната да ми ја изречете”, му рече Ѓукиќ на судијата.

Тој објасни дека сведоците можат да сведочат преку видео врска од Специјалниот суд во Белград, како што тоа го правеа „за Хаг” – алудирајќи на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) – но исто така и во други случаи пред судовите во Хрватска.

Судијата претседавач, Славко Лозина, одговори дека сведоците треба „директно да бидат сослушани”, на што Ѓукиќ возврати дека судиите можат да одат во Белград и таму да ги сослушаат сведоците.

Лозина додаде оти за такво нешто е „потребно многу време” и дека е „тешко да се соберат сите сведоци од цела Србија”, на што Ѓукиќ му одговори дека сите сведоци се од Белград и од неговата околина.

На крајот, Лозина рече дека советот може повторно да го разгледа барањето, ако бројот на сведоци биде намален на десет, кои „имаат директни сознанија за настанот, а не кои ќе сведочат за карактерот на обвинетиот”.

По сослушувањето, адвокатот на Ѓукиќ, Жељко Остоја, за БИРН изјави дека судијата му дозволил вкупно 15 сведоци.

Властите на Црна Гора, во јули 2015 година, врз основа на потерница од Интерпол, го уапсија Ѓукиќ во Тиват, а на Хрватска ѝ го екстрадираа во март.

Неговото судење пред Окружниот суд во Сплит започна во јули 2016 година. Тој се изјасни дека не е виновен по обвинението.

Јавното обвинителство во Сплит, во декември 1995 година, поднесе обвинение за обид за уривање на браната, а меѓу обвинетите беше и воениот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ.

МКТЈ во ноември минатата година го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница и за други злосторства.

На сослушувањето во понеделникот, одбраната ја оспори автентичноста на наводниот телефонски разговор меѓу Младиќ и Миле Новаковиќ, воен командант на бунтовничките хрватски Срби, кој заедно со Младиќ и Ѓукиќ, е обвинет во овој предмет.

Адвокатите на одбраната за БИРН изјавија дека „начинот на кој зборуваат (Младиќ и Новаковиќ)” и „специфичните зборови што ги користат”, ги доведуваат во прашање доказите. Аудио-снимката на овој телефонски разговор допрва треба да биде објавена во судницата.

Одбраната, исто така, тврди дека Ѓукиќ, во јануари 1993 година, немал активна позиција во ЈНА и дека бил во Книн, кој тогаш беше под српска контрола.

Судењето продолжува во април.