Истражувањa

Гинеколози ни за лек, решението на бавен колосек

Во време на драматичен пораст на стапката на смртност од рак на грлото на матката, како и морталитет кај бебињата и родилките, во пола од општините во земјава нема матични гинеколози

Демир Капија е една од 45-те општини каде што нема матичен гинеколог. Во здравствениот дом кој, всушност, наликува повеќе на локална скопска амбуланта со основни услови за работа ја затекнавме Блага Лазова. Оваа средовечна жена како одвај да чекаше да раскаже за „проблемот за кој никој досега не ја прашал“.

„Голема мака имам кога треба да одам на гинеколог. Патувам 30 километри до Кавадарци, таму плаќам преглед, а кога имам итен проблем морам и такси да платам, што ме чини 500 денари“ вели таа.

Голема мака имам кога треба да одам на гинеколог. Патувам 30 километри до Кавадарци, вели Блага Лазова која се пожали дека мора да патува до здравствениот дом во Демир Капија / Фото: Бојана Симоновиќ

Голема мака имам кога треба да одам на гинеколог. Патувам 30 километри до Кавадарци, вели Блага Лазова која се пожали дека мора да патува до здравствениот дом во Демир Капија / Фото: Бојана Симоновиќ

Слична е ситуацијата и во Дојран. Во разговорот со жените таму се стекнува впечаток дека се свесни за проблемот, но како да се помириле со него. Дваесет и деветгодишната самохрана мајка Славица само ни кажа дека за да оди на гинеколог патува до Гевгелија.

„Исклучиво со автобус, такси не можам да си дозволам“, ни рече.

„Снајди се, па живеј“, ни рече Лизбет Дураки од Шуто Оризари, уште една скопска општина без матичен гинеколог. За преглед оди во Чаир и плаќа за услугата.

Искуството на овие жени го потврдуваат и официјалните податоци. Од 80 општини во Македонија во повеќе од половината, точно во 45, нема ниту еден матичен гинеколог, а во 24 општини, иако има – сепак не се во доволен број. Со еден збор, заштитата на репродуктивното здравје на жената не постои  во 56 проценти од општините.

Недостаток од примарна заштита, која игра клучна улога во превенирање на болестите како што е ракот на грлото на матката, до неодамна не беше приоритет за Министерството за здравство.

На прашањето на БИРН што се презема за зголемување на бројот на матични гинеколози, Министерството одговара дека досега приоритет бил зголемувањето на бројот на лекарите во клиниките и болниците, а сега се преземаат мерки за зголемување на бројот на матични гинеколози.

Министерството за здравство во јули најави дека распишува нов, трет оглас за кофинансирани приватни специјализации преку кои ќе се обиде да обезбеди дополнителни 47 матични гинеколози за цела држава. Според нивните проценки, со овој оглас за 34% ќе се зголеми вкупниот број на матични гинеколози во целата држава.

На огласот на Министерството за здравство за 47 матични гинеколози се пријавиле 30 кандидати. Следува нов оглас за специјализанти за 15 општини за кои немало заинтересирани.

Министерството најавува дека на избраните кандидати ќе им покрие 90% од трошоците за специјализација , а по нејзиното завршување докторите имаат загарантиран договор со ФЗОМ и загарантиран приход во износ од 1.000 поени еквивалентно на 1.000 пациенти во времетраење од три години.Со тоа тие ќе се стимулираат да одат во општини со мал број пациенти кои се сметаат за неатрактивни во однос на поголемите градови.

На огласот, како што соопштија од Министерството,  се пријавиле 30 гинеколози иако беа објавени 47 позиции. Интерес немало за 15 општини и затоа во понеделник Министерството за здравство повторно ќе објави оглас за оштините каде што немало интерес.

Во Шуто Оризари каде што долги години има проблем да се вработи гинеколог се пријавиле двајца гинеколози, а гинеколог се пријавил и за општина Демир Капија која за 5 до 6 години колку што трае специјализацијата за прв пат треба да добије матичен гинеколог.

reptoduktivno-zdravje3

Пораст на заболени од рак и смртност на доенчиња

И додека Министерството распишува конкурси и се обидува проблемот да го реши, недостаток на заштита на репродуктивното здравје на жените има поразителни резултати.

Статистичките податоци се неумоливи – во Македонија расте бројот на жени заболени од рак на грлото на матката, а расте и морталитетот кај доенчињата.

Статистиките на невладиниот сектор изнесени на прес конференција од страна на граѓанските организации: Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ, НВО КХАМ и Ромскиот ресурсен центар – РРЦ покажуваат дека стапката на смртност од рак на грлото на матката во Македонија бележи пораст од 1,5 случаи на 100.000 жени во 2011 година на 4,1 случаи во 2014 година.

За споредба, стапката на смртност од овој карцином во земјите на Европската унија каде што има добро организирани скрининзи на рано откривање  е  1,2 случаи на 100.000 жени.

Иако во земјава нема официјален регистар на болни од карцином, невладините алармираат за зголемување и на карциномот на дојката кај жените.

Според Меѓународната агенција за истражување на ракот ГЛОБОКАН, во 2012 година во Македонија се откриени 1.152 нови случаја на рак на дојка, а 431 се починати во текот на една година.

Доктор Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ: Не се спроведува Стратегијата за активна здравствена заштита на мајки и на деца

Доктор Борјан Павловски од ЕСЕ: Не се спроведува Стратегијата за активна здравствена заштита на мајки и на деца

Здружението за борба против рак „Борка“ велеше дека има до 650 до 700 новозаболени жени годишно пред да станат достапни истражувањата од Глобокан. Доктор Мирјана Бабамова, координатор на здружението „Борка“ вели дека тие не можат да имаат прецизни статистики, бидејќи официјален регистар не постои, а кај нив не се јавуваат сите жени кои заболеле.

Што се однесува пак, до стапката на новороденечка смртност, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, таа е во пораст. Смртноста на новороденчињата во 2011 била 172, за во 2015 да биде 198.

Станува збор за период во кој од страна на Министерството за здравство била спроведувана стратегијата за активна здравствена заштита на мајки и на деца. Во стратегијата стои дека таа промовира мултидисциплинарен и интегриран пристап на грижа. На пример, таа предвидува пет посети на патронажната служба за време на бременоста и пет посети по породувањето.

Но, стварноста е поинаква, вели за БИРН доктор Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

„Пред породувањето нема воопшто, а потоа максимум две посети“, вели тој нагласувајќи го проблемот со сиромашните ромски семејства кај кои посетите „и не сакаат да влезат“ заради условите во кои живеат.

Особено се алармантни податоците кои доаѓаат од општините каде што нема матичен гинеколог.

Невладините алармираат, гинеколозите се иселуваат

Според податоците од Фондот за здравствено осигурување во Македонија, 138 матични гинеколози имаат склучено договор со нив. Тие велат дека на матичните гинеколози им исплаќаат просечна месечна капитација од 200.000 денари. Станува збор за сума одредена од институциите, а тоа е 50 денари што матичниот гинеколог ги добива за секој пациент месечно. Матичните гинеколози покрај капитацијата, добиваат и дополнителни средства од Програмата за малигни заболувања за скрининг со ПАП-тест за жени на определена возраст.

За таа цел, на годишно ниво, Министерството за здравство издвојува 9.650.000 денари, од кои само за матичните гинеколози се наменети 7 милиони денари (секој гинеколог добива по 30 денари за испратена покана за преглед, и по 200 денари за секоја прегледана жена со земен ПАП-тест).

13 невладини организации и преку петиција се обидуваат да ја покренат свеста за сериозноста на проблемот со недостаток на гинеколози и да предизвикаат промена. Тие на интернет-страницата www.change.org собираат потписи под наслов – Жените имаат право на бесплатна, достапна и квалитетна гинеколошка здравствена заштита!

Според податоците од Министерството за здравство почнувајќи од 2012 година до јуни 2016 година, за скрининг за карцином на грлото на матката се поканети 190.000 жени, а на преглед се јавиле 54% од нив.

Скринингот е со интервал од 3 години, што значи секоја жена од 24 до 60-годишна возраст на секои 3 години може да направи по еден бесплатен ПАП-тест. Првата година беа опфатени жени на возраст од 24 до 35 години, втората година од 36 до 47 години, а третата од 48 до 60 години, и потоа овие возрасни групи се повторуваат на секои три години.

Но, гинеколозите не се задоволни. Тие велат дека висината и начинот на кој се распоредува капитацијата се навредувачки и дестимулирачки. Имено, за разлика од 50 денари кои ги добива матичен гинеколог за секој пациент, матичен лекар за секој пациент постар од 65 години или педијатар за секое дете до три години добиваат капитација во висина од 200 денари.

„Ние сме специјалисти,  не сме општи лекари, јас да сум сакал да останам општ лекар тоа и ќе бев,  сум се мачел 5 години за да бидам ова што сум денеска , но не да работам под овие услови“, изјави за БИРН доктор Душко Филиповски – претседател на Здружението на матични гинеколози.

Доктор Душко Филиповски - претседател на Здружението на матични гинеколози: „Државата го понижува гинеколошкото здравје на жената“

Доктор Душко Филиповски – претседател на Здружението на матични гинеколози: „Државата го понижува гинеколошкото здравје на жената“

„Државата го понижува гинеколошкото здравје на жената, освен што нас нѐ понижува како гинеколози. Па затоа поради лошите услови за работа голем број гинеколози одат да работат во странство“, вели тој.

Филиповски мерката за кофинансирани специјализации на Министерството за здравство ја оценува како добра, но задоцнета.

„Ова е прво репланирање на матични гинеколози во Македонија, иако ние години наназад зборуваме дека ќе дојдеме на ова дереџе да нема матични гинеколози во одредени општини, а дека ние што сме останати – сме преобременети со работа. За овие гинеколози да почнат да работат им треба 5 години, а за тие 5 години што ќе се случува и колкумина ќе одат во пензија немам увид, ама знам дека се многумина, зашто ние повеќето сме над 50, 60 години“, вели Душко Филиповски.

Повеќе реклами за здравствени политики, отколку политики

Обична пресметка на буџетот што би бил издвоен за дополнителните 47 матични гинеколози покажува дека тие би го обремениле буџетот на здравство за 28 милиони денари на годишно ниво, односно 84 милиони за три години.

Имено, илјада поени како еквивалент на илјада пациенти значи капитација од по 50 денари за пациент или 50 илјади денари месечно за еден гинеколог. На годишно ниво тоа се 600 илјади денари за еден гинеколог, односно 28 милиони за 47 гинеколози.

Оваа сума, всушност е малку поголема  од сумата што Министерството и Владата ја потрошија во изборната, 2011 година – за реклами.  Тогаш за информирање на населението за „реформи во здравството“ и „можностите за подобра здравствена заштита, за новонабавената медицинска опрема, процесот на реконструкција, реновирање и изградба на болниците и јавните здравствени установи, како и новиот концепт за протоколите и движењето на пациентите во системот на јавното здравство“ се потрошени повеќе од 26 милиони денари.

Додека пак, само во 2013 Владата за кампања за промоција на „владини политики во здравствениот систем“ издвои над 50 милиони денари. Со други зборови, само за реклами, Министерството и Владата во две години, кои патем беа изборни, троши сума која е малку пониска  од решението за кое самото Министерство вели дека е системско и единствено кое може да го реши проблемот на недоволна грижа за репродуктивното здравје на жените во повеќето општини.

Само во 2013  Владата за  кампања за промоција на „владини политики во здравствениот систем“ издвои над 50 милиони денари.

Додека се одвојуваат големи средства за рекламирање се кратат буџети од Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца која има за цел да го унапреди репродуктивното здравје на жената и децата. Истата изборна 2011 година, буџетот на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца е скратен за половина.

20milioni

10milioni

Во 2011 по изборите се преполови буџетот на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца

Во јануари 2011 пред изборите, буџетот на Програмата е одреден на 20 милиони денари, но во септември, истата година, е скратен на десет милиони. Од тогаш до денес, буџетот на Програмата се движи околу таа сума.  Во 2016 е минимално намален и сега изнесува девет и пол милиони денари.