Истражувањa

Половина пари од општинските тендери кај само триесетина фирми

Најмногу пари потрошил Градот Скопје, а најмногу добила фирмата Бауер БГ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Општините и Градот Скопје во 2015 година на јавни набавки потрошиле 126 милиони евра. Од нив половина, односно 63,3 милиони евра се за тендери доделени на 34 фирми, а останатата половина ја делат дури 1.323 фирми. Доминацијата на мал број фирми на пазарот на јавни набавки ја открива базата на податоци за јавни набавки на општините, која ги опфаќа сите договори што во 2015 година ги склучиле 80 општини и Градот Скопје.

Во базата која дава преглед на тендерите поодделно за секоја општина може да се види дека во дури 60 општини една фирма добила 25% од вредноста на тендерите па нагоре. Во некои општини е забележана и класична доминација на една фирма, односно удел поголем и од 50%. Ваквата состојба може да биде оправдана за општините кои имаат многу мал број тендери, но секако укажува на дисторзии кај поголемите општини.

Градот Скопје потрошил колку 51 општина заедно

Неприкосновено на врвот според вредноста на потрошените пари за јавни набавки е Градот Скопје кој во 2015 година склучи договори во вредност 26 милиони евра односно 86% повеќе од 2014 година. Скопје потрошило пет и пол пати повеќе од Струмица која е на второ место, односно шест и пол пати повеќе од Битола која е на трето место. За големите разлики во потрошените пари за јавни набавки говори податокот дека кај дури 45 општини вредноста на јавните набавки е под еден милион евра. Оттука не изненадува што Скопје со своите 26 милиони евра вредни набавки потрошило колку 51 општина вкупно.

Доколку Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа се исклучи од споредбата, произлегува дека општините трошеле меѓу 4,6 милиони евра (општина Струмица) и 68 илјади евра (општина Зелениково). Вака големиот распон во годишните трошења за јавни набавки говори за големи разлики во парите со кои општините располагаат за реализацијата на нивните обврски во интерес на граѓаните (изградба на локални улици, комунална инфраструктура, локално осветлување, урбана опрема и сл.).

Во листата на десет општини кои потрошиле најмногу пари за јавни набавки по Струмица (4,6 милиони евра) се наоѓаат Битола ( 4 милиони евра), Гостивар (3,9 милиони евра), Гази Баба (3,7 милиони евра), Велес (3,3 милиони евра), Карпош (3,1 милион евра), Илинден (3,1 милион евра), Тетово (2,9 милиони евра), Кисела Вода (2,8 милиони евра) и Куманово (2,7 милиони евра).

За огромните разлики во парите што се трошат за јавни набавки секако говори споредбата на врвот и на дното од листата. Притоа, ако 35 општини имале можност на јавни набавки да потрошат од 1 милион евра до 4,6 милиони евра, некои од оние на дното немале ниту 100 илјади евра за цела година. Ова секако е загрижувачки, бидејќи се доведува во прашање со толку мал износ на пари што е тоа што можело да се направи во насока на подобрување на условите на живот на граѓаните во нивните општини. На дното од листата според вредноста на јавните набавки во 2015 година се наоѓаат Зелениково со само 68 илјади евра, Шуто Оризари со 74 илјади евра, Ранковце со 75 илјади евра и Конче со 98 илјади евра.

Шуто Оризари со 3 евра по жител, а Дебарца со 387 евра

Имајќи предвид дека е сосема логично поголемите општини во апсолутни износи да имаат поголеми буџети и оттука повеќе пари за јавни набавки, за разликите на локално ниво е особено релеватна споредба на вредноста на јавните набавки по жител.

Споредбата на 80 општини според вредноста на јавните набавки по жител упатува на огромни разлики меѓу граѓаните во Македонија. На врвот е општина Дебарца која во 2015 година на тендери потрошила 1,5 милион евра, односно 387 евра по жител. Висок износ на јавни набавки по жител над 150 евра е евидентиран и во Македонска Каменица (277 евра по жител), Карбинци (205 евра по жител), Илинден (186 евра по жител), Македонски Брод (179 евра по жител), Демир Капија (176 евра по жител) и Новаци (156 евра по жител).

Притоа, во само 15 општини јавните набавки по жител се над 100 евра. На дното од листата со помалку од 15 евра по жител се Зелениково (14 евра по жител), Кратово (13 евра по жител), Теарце (9 евра по жител), Врапчиште (9 евра по жител) и Шуто Оризари (3 евра по жител).

Во првите десет добитници доминираат градежни фирми

Новата „Градска куќа“ на град Скопје ја гради Бетон, фирма трета на листата фирми со најголема вредност на тендерите. Фото: БИРН

Новата „Градска куќа“ на град Скопје ја гради Бетон, фирма трета на листата фирми со најголема вредност на тендерите. Фото: БИРН

Во листата на 10 фирми кои од општините добиле тендери со најголема вредност дури 9 се градежни фирми. Повеќето од нив се наоѓаат на врвот поради вредносно големите договори со Градот Скопје. Првите 10 фирми вкупно добиле тендери во вредност од 36,8 милиони евра што е удел од 29% во вкупните јавни набавки на општините во 2015 година.

На врвот е фирмата Бауер БГ од Скопје која во текот на 2015 година склучила 25 договори за јавни набавки со општините во вкупна вредност од 6,5 милиони евра. Главен клиент на оваа фирма е Градот Скопје со кого има склучено 6 договори, но нивната вредност изнесува 66,6% од вкупните приходи од тендерите на Бауер БГ гледано од аспект на општините. Станува збор за договори за реконструкција и проширување на улици, реконструкција на фасади на станбени објекти и сл. Како што може да се види од графичкиот приказ во базата на податоци која овозможува преглед на јавните набавки на секоја поодделна фирма, Бауер БГ има договори за јавни набавки и со скопските општини, Кисела Вода (10,3%), Чаир (6,7%)и Гази Баба (5%). Договорите со останатите пет општини се помали и паѓаат под вредносниот удел од 5%.

Втора на листата фирми со најголема вредност на тендери на ниво на општините е Пелагонија Гостивар. Оваа фирма има склучено 23 тендери во вкупна вредност од 5,5 милиони евра, но и кај неа доминира Градот Скопје од кого има добиено 60,5% од вредноста на договорите. Со вредносен удел од 11,7% следуваат договорите со општина Гостивар, додека пак, уделите од останатите седум општини се движат од 0,7% до 7%.

Бетон Скопје има склучено само 5 договори за јавни набавки со локалните власти, но нивната големина (4,1 милион евра) сепак ги издига на третото место. Притоа четири договори се со Градот Скопје и еден со општина Илинден. Два договора со Градот Скопје се анекс договори за објектот Градска куќа и за катната гаража „Даме Груев“, додека останатите два се за одржување на фонтани и спомен обележја и осветлување на дел од улицата „Димитар Влахов“.

Четвртото место повторно ѝ припаѓа на градежна фирма – Урбан Инвест Грков Јован Кавадарци. Оваа фирма има склучено 41 договор во вкупна вредност од 3,8 милиони евра, но и кај неа повеќе од половина (55,9%) вредносно се со Градот Скопје. Удел од 10,7% оваа фирма има и со општина Битола, додека пак, договорите со уште 6 други општини ѝ се под 10%.
Големата петорка ја заокружува градежната фирма „Жикол“ од Струмица која има склучено 34 договори со општините во вредност од 3,7 милиони евра. И кај оваа фирма на прво место е Градот Скопје, но со значително помал удел од претходните, односно од 20,1%. „Жикол“ има склучени договори и со општина Радовиш со вредносен удел од 15,4%, потоа Боговиње со удел од 10,3%, како и со 15 други општини кои вредносно се под 10%.

Во листата на топ 10 фирми со најголема вредност на склучените договори за јавни набавки на општините се наоѓаат уште четири градежни фирми: Фабрика Карпош Скопје (3,4 милиони евра), Вардарградба-Скопје (2,1 милион евеа), ЛСГ Билдинг Солушн Скопје (1,9 милиони евра) и фирмата КОЛЕ-ТРАНС ИНЖЕНЕРИНГ Штип во вредност од околу 2,6 милиони евра, од кои речиси половина (47,3%) со општина Штип.

Во листата на првите 10 се наоѓа само една фирма која е надвор од градежниот бизнис, а тоа е дистрибутерот со нафтени деривати Пуцко Петрол Пласница. Како што може да се види од базата на податоци, оваа фирма има склучено 32 договора за јавни набавки со над 20 општини во вкупна вредност од 3 милиони евра.

Гледно вредносно, фирмата која во 2015 година склучила најголем број договори за јавни набавки со општините, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. Скопје (60 договори за јавни набавки) се наоѓа на дури 59 место. Имено, иако бројот на тендери склучен со над 20 општини е голем, нивната вкупна вредност изнесува само 470 илјади евра.

Базата на податоци за јавни набавки на општините на Републиката Македонија во 2015 година секако ја наметнува потреба од унапредување на системот на јавни набавки во насока на спречување на доминација на одредени фирми, но и за преиспитување на начинот на којшто се делат дотациите од централната до локалната власт во функција на намалување на разликите меѓу општините и обезбедување услови за порамномерен развој на локално ниво.