Анализи

Гласот на дијаспората 9 пати повреден од домашниот

Во Македонија просечно е потребно да се добијат 7.689 гласови за едно пратеничко место, додека народниот избраник од Австралија се смести во Собранието со само 881 глас. Излегува дека гласот на иселениците вреди речиси девет пати повеќе од оној во Македонија.

Власта не се откажува лесно од предноста во дијаспората / Фото: Роберт Атанасовски

Колегите од сатиричниот магазин „Коза ностра“ направија преседан минатата недела и за прв пат објавија вест што е вистината од точка до запирка. Тие преку сатирата и преку измислените информации ги потенцираат грешките и апсурдите во работата на властите, меѓутоа овој пат почувствувале дека не треба воопшто да интервенираат во изјавата на премиерот околу гласањето на дијаспората. Сама по себе била апсурдна, сама по себе била „Коза ностра“.

Никола Груевски изјави дека иселениците треба да добијат 20 пратеници, наспроти сегашните тројца.

Последниве два изборни циклуса од вкупно 123 пратеници, 120 се избираат од шесте изборни единици во Македонија, додека последните тројца доаѓаат од трите региони од целиот свет. По еден пратеник од Европа и Африка, двете Америки и од Австралија и Азија.

И додека Груевски излегува со максималистички барања, опозициската СДСМ се држи на ставот дека сите државјани, и оние надвор и овие во земјава, треба да гласаат во една изборна единица со што гласот на сите би имал еднаква вредност.

„Доколку, пак, остане постојното решение, со тројца пратеници од дијаспората, мора да се најде начин тие да бидат избирани со најмалку 80 отсто од гласовите потребни за да се стане пратеник во Македонија. Не може во земјава пратеник да се станува со околу 8.000 гласови, а во дијаспората само со 800“, велат за БИРН од СДСМ.

Според она што е објавено како неофицијална информација, на слична позиција за една изборна единица е и најголемата партија на Албанците, ДУИ.

Граѓанската асоцијација МОСТ, пак, смета дека на изборите во април 2016 дијаспората не треба да гласа, а дури потоа да се отвори широка дебата за ова прашање и да се најдат соодветни решенија.

Доколку на последните избори се избирале 20 наместо три пратеници, ВМРО-ДПМНЕ би освоиле вкупно 13, ДУИ 6, додека СДСМ само еден и оттука јасно е зошто владејачката партија го форсира ова решение.

Туѓманов метод

Фрањо Туѓман / Фото: Википедија

Дијаспората за прв пат гласаше на парламентарните избори во 2011 година, меѓутоа иселениците го добија гласачкото право нешто порано. Неколку месеци по изборите во 2008, на кои ВМРО-ДПМНЕ освои двотретинско мнозинство во Собранието, пратениците ги усвоија промените кои дозволија дијаспората да гласа.Светот го поделија на три изборни единици, за во секоја од нив да се избира по еден пратеник и тоа според мнозинскиот модел. За да биде избран кандидатот треба да освои најмногу гласови, под услов тоа да е повеќе од два отсто од вкупниот број на пријавени и регистрирани избирачи во изборната единица.

На сличен начин, поранешниот хрватски претседател и лидер на ХДЗ, Фрањо Туѓман ја зацврстил власта во зенитот на неговата моќ, кога во 1995 година дозволил дијаспората да гласа и да добие 12 пратеници. По неколку промени Хрватите денес исто како Македонците избираат по тројца пратеници од странство.

Дека ваквиот модел оди во прилог и на десничарската владејачка партија во Македонија покажуваат резултатите од последните избори во 2014. И во трите изборни единици ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе од половина од гласовите, додека СДСМ најдобро помина во Африка и во Европа каде доби само 6 проценти од гласовите.

Најголема разликата меѓу резултатите на двете партии е во Азија и Австралија, каде што владејачката освоила речиси 90 отсто од гласовите, додека партијата на Зоран Заев само 4,68 проценти.

Кога процентите ќе се претворат во вистински гласови на површината излегува главниот проблем околу учеството на дијаспората во изборите, односно вредноста на гласачкото ливче во странство, проблем на којшто укажувале и невладината МОСТ, мисијата ОБСЕ/ОДИХР, како и македонската опозиција.

Анализата на МОСТ покажува дека во Македонија на ланските избори просечно било потребно да се добијат 7.689 гласа за едно пратеничко место, додека пратеникот избран од Европа и Африка освоил 4.512 гласа, оној од Северна и Јужна Америка 1.170, а народниот избраник од Австралија се смести во законодавниот дом со само 881 глас зад своето име.

Оттука излегува дека гласот на иселениците во Австралија вреди речиси девет пати повеќе од оној во Македонија.

Резултатите од гласањето на ланските парламентарни избори во Австралија и Азија / Извор: ДИК

Граѓанската асоцијација МОСТ во своите Препораки за реформи на изборниот процес од август годинава предлага да се ревидира системот за гласање во странство, меѓу другото и поради нееднаквоста на гласот во Македонија и во дијаспората.

„Неизбалансираноста меѓу бројот на избирачите во изборните единици во земјата и во странство не обезбедуваат целосна еднаквост на гласот, како што е предвидено со членот 22 од Уставот и ставот 7.3 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год“, велат од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во нивниот финален извештај за ланските избори.

Дека еден пратенички мандат би требало да „тежи“ приближно еднакво во сите изборни единици укажува и Венецијанската комисија во својот Кодекс на добра пракса за изборни прашања од 2002 година.

Интересно е дека мандатот на актуелниот пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Австралија и Азија, Васко Наумовски, вреди речиси исто колку гласовите што ги доби партијата на Груевски во најмалата македонска општина Вевчани; Наумовски стана пратеник со 881, а вевчанци дадоа 877 гласа за владејачката партија.

Скапо и нефер е гласањето на дијаспората

За разлика од Македонија, во странство гласачите мора да се регистрираат пред гласањето во амбасадите, меѓутоа последните избори покажаа дека тоа го сториле само третина од евидентираните иселеници. Од над 83.000 граѓани пријавени во МВР како лица со привремена работа или престој во странство, само околу 24.000 се регистрирале за гласање парламентарните избори. Уште помалку пројавиле интерес за претседателските, околу 8.000 гласачи.

Слабиот одзив е резултат на тоа што Македонија нема амбасади и конзулати во сите земји каде што предвидела гласање на дијаспората. На пример, иселениците во Саудиска Арабија, Дубаи, Казакстан, Киргистан, Узбекистан и Азербејџан треба да гласаат во Истанбул, што преставува навистина голема географска пречка.

Поапсурден е примерот дека амбасадата во Виена покрај гласачите од Словачка ги покрива и оние од Јапонија.

МОСТ во своите препораки коментира дека гласањето на дијаспората било воведено без сериозна анализа и, според невладината, уште еден показател за тоа е фактот што постојаните мисии на државава во меѓународните организации во Стразбур и во Женева се предвидени во законот како гласачки места, иако немаат статус на дипломатско-конзулатски претставништва.

Дополнителен доказ дека дијаспората е вметната во изборите без добра подготовка е и тоа што на изборите во 2011, членовите на Избирачкиот одбор (ИО) што го спровеле гласањето во Пекинг немале време да се вратат и да гласаат. Па така, десет души од ИО го изгубиле гласот само за да гласаат осум од 10 македонски државјани кои се пријавиле за гласање во Кина.

Овој проблем е надминат во 2014, со тоа што членовите на ИО гласале неколку дена пред да заминат во Азија.

На тие избори пак, веб-порталот од Австралија „Фаланга“ во саботата, додека во Македонија сѐ уште траеше изборниот молк, објави резултати од гласањето на претседателските избори во Австралија. Невладината организација „Цивил“ реагираше дека станува збор за прекршување на изборниот молк.

Граѓанската асоцијација МОСТ предлага да се разгледаат алтернативни начини на гласање во странство, како гласањето по пошта или по електронски пат, зашто постојното решение е неефикасно и скапо.

Во Приштина победила ВМРО-ДПМНЕ
Интересно е дека на ланските парламентарни избори кои се одржаа во македонската амбасада во Приштина победи ВМРО-ДПМНЕ и тоа со двојно повеќе гласови од ДУИ. Партијата на Груевски имаше 81 глас, додека интегративците 46.

МОСТ, повикувајќи се на податоци од ланска седница на ДИК, објави дека за последните претседателски избори биле предвидени да се потрошат 245.430.000 денари или речиси четири милиони евра. Од ова сума, за превоз на избирачките одбори во амбасадите биле предвидени 50 милиони денари, а за објавување на повикот за гласање во странство – 20 милиони денари или вкупно 1,1 милион евра. Тоа значи дека повеќе од четвртина од парите за избори се трошат на процесот на гласање во странство.Околу трошоците за изборите интересно е да се потсети дека во една од „бомбите“ на опозицијата имаше информации за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ, надвор од законските трошоци за кампања, обезбедувала авионски превоз на гласачи од Италија и од Швајцарија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев објави аудио-снимка која според него е доказ дека за авионскиот превоз плаќала градежната фирма „Бетон“ и дека оваа донација не е пријавена. За овој случај Јавното обвинителство оформи предмет, кој треба да премине во рацете на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Пратениците од дијаспората не се прославија

Активноста на пратеникот од Европа и Африка во периодот од јули до декември 2013 година / Извор:Собрание на РМ

Со оглед дека новиот парламентарен состав почна целосно да функционира само пред еден месец, ја анализиравме активноста на пратениците од дијаспората во мандатот од 2011 до 2014.

Според податоците на Собранието во овие нецели три години пратеникот од Европа и Африка, Ристо Манчев, на пленарна седница само еднаш дискутирал и пет пати реплицирал.

Тој бил активен само во првото полугодие од неговиот мандат, а потоа воопшто не се појавил на собраниската говорница. Манчев и по 2014 е пратеник на европската дијаспора.

Неговиот колега од Австрија и од Азија, Милорад Додевски, во трите години како пратеник реплицирал само десет пати и тоа последен пат во периодот меѓу јули и декември 2012.

Далеку поактивен бил народниот избраник од Северна и Јужна Америка, Павле Саздов кој на говорница се појавил седум пати, а реплицирал околу 40 пати. Тој на ланските избори повторно беше избран за претставник на дијаспората од двете Америки.

Јавноста го запозна Саздов и како главен противник на Тито Петковски во комисиските расправи при крајот на 2011, преку кои лидерот на НСДП се обидуваше да влезе во полицијата и да дојде до доказите кои МВР ги набавила против Љубе Бошкоски со посебни истражни мерки. МВР тоа не го дозволи.

За улогата на Саздов во овој „успех“ на власта говори ексминистерката за внатрешни Гордана Јанкулоска во разговорот со нејзиниот колега Зоран Ставрески, кој Зоран Заев прв го објави како дел од „бомбите“.

Во снимениот разговор Јанкулоска го фали Саздов дека добро му се спротивставил на Петковски.

Пред да земел збор ѝ се јавувал и сѐ што таа ќе му рекла, пратеникот од дијаспората „право в чело“ му го кажувал на Тито Петковски. Тоа ѝсе допаѓало, бидејќи не мислел на политичката коректност и неговите изјави биле атрактивни за медиумите.

За време на интерпелацијата на Јанкулоска, во февруари 2012, пратеникот од дијаспората Павле Саздов се прослави со изјавата дека последната минута од неговата реплика ќе ја посвети на едноминутно молчење за политичката смрт на Тито Петковски.

Новиот пратеник од Австралија, Васко Наумовски летоска, пак, беше цел на медиумите откако учествувал во инцидент со сестрата на неговата сопруга. Весниците пишуваа дека имало и тепачка меѓу нив.