Анализи

Година кога се „ДУП“-на балонот на урбанистичките политики

Нови ДУП-ови, нови граѓански здруженија, и се така во круг

Најважната информација во врска со урбанистичкото планирање и развој на Скопје во 2022 година не дојде од местата од каде што сме навикнале да доаѓаат таквите содржини – од општините, градската управа, општинските совети, планерските куќи, градежните компании итн. Дојде од Државниот завод за статистика, како податок дека 42.679 станови во Скопје зјаат празни.

Тоа е резултатот од речиси дведецениското интензивно градење со максимално искористување на секоја педа градски простор, секогаш покриено со соодветни документи, како деталните урбанистички планови и градежните линии вцртани во нив. Статистичарите пресметале дека бројот на жители на главниот град се зголемил за 3,9 отсто, на домаќинства за 16,8 отсто, а на станови за над 30 отсто.

Ако земеме предвид дека една просечна десеткатница со правоаголна форма, како што најчесто се градат во Скопје во последниве години (архитектите-критичари често ги нарекуваат „наполитанки“ или „кутии за чевли“), има околу 100 стана, бројката од над 42 илјади празни станови значи дека вишок се 420 такви згради.

Статистичките податоци покажаа дека насекаде низ Македонија постои проблемот со неискористен станбен простор. Вкупно во државава има над 300 илјади празни станови. Но, додека низ другите региони причините може да се бараат во иселувањето и напуштањето на старите домови, во Скопје тоа не е случај. Фактот дека бројот на станови се зголемил многу повеќе од бројот на домаќинства и на жители, укажува на тоа дека интензивното градење немаше многу врска со решавањето на домувањето, туку главно со максималното искористување на потенцијалите на високопрофитната градежна индустрија.

Во прилог на ова оди и податокот дека од 42-те илјади празни станови во Скопје, 30 илјади се во четирите општини што најчесто се поврзуваат со градежна експанзија што го игнорира јавниот интерес во корист на профитот – Центар, Карпош, Кисела Вода и Аеродром. Димензиите на оваа празнотија може да се измерат ако, колку за споредба, се земе податокот дека четирите кули на Џеваир, највисоките згради во градот, имаат вкупно околу 1.400 станбени единици. Бројката од 30 илјади неискористени станови е приближно еднаква на 80 облакодери со тие димензии.

И по многу неуспеси, опстојува ентузијазмот за борба

Расадникот во Кисела Вода, борба меѓу зградите и природата | Фото: БИРН

Податоците служат за да ја отсликаат реалноста, а политиките се тие што треба да ја сменат. Како влијаеја овие податоци врз политиките на урбанистички развој и планирање на просторот? Речиси никако. Продолжија да се реализираат плановите како што биле нацртани и да се издаваат градежни дозволи по нив. Дури и кога станува збор за последните парчиња зеленило во некои блокови, како што беше малиот парк зад хотелот „Јадран“ во строгиот центар, каде што неодамна почна да гради инвеститор од Лихтенштајн.

Сите скопски општини, во 2022 година влегоа со нови градоначалници, кои, за разлика од своите претходници, не дојдоа на функција со ветувања за мораториуми на градењето и за ревизија на ДУП-овите. Таа политика и онака беше неуспешна, откако претходните локални власти уште веднаш заклучија дека залудно ја ветувале бидејќи „им биле врзани рацете“, со исклучок на Општина Центар, каде што имаше реални обиди да се смени нешто, но беа запрени со одлуки од други институции.

Без мораториум и без никакви други иницијативи за ревидирање или за суспензија на ДУП-овите, годината во Центар почна со силна симболика – со реализација на она што беше најголема урбанистичка тема во претходните две-три години, висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“. Градилиштето се огради уште пред Нова година, а копањето на темелите почна некаде во јануари. Овој градежен проект остана како симбол дека граѓанските иницијативи и јавните кампањи не се доволни за да се спречи бетонизирањето заштитено со сопственички права и со закони што овозможуваат окрупнување парцели и други поволности за градежните инвеститори.

А граѓанските здруженија продолжија да се борат, исто како во претходните години. По примерот на „Одбрана на Дебар маало“, „Зелено Тафталиџе“, „Сакаме Аеродром да дише“ и многу други, во март лани се појави „Борба за Влае“. Причината, како и обично – нов предложен ДУП, со кој се предвидуваат висококатници на јавни и на приватни површини, што може значително да ги промени и изгледот и условите за живот во населбата. Општина Карпош го објави ДУП-от во март, а оттогаш граѓаните се организираат, одржуваат јавни манифестации за да соберат повеќе поддршка, пополнуваат анкетни листови и петиции и го чекаат исходот од нивната борба.

Слична состојба има и во населбата Жданец, под Водно, каде што во март, исто така, се одржа жестока јавна презентација на ДУП-от за тоа место, каде што граѓаните реагираа дека над нивните куќи се планира изградба на „бетонски чудовишта“, односно нови станбени згради.

Задоцнет план по легализирањето дивоградби

Неконтролираното градење околу Калето трае со децении | Фото: БИРН

Освен носењето детални урбанистички планови, и нивното неносење може да предизвика долгорочно непоправлива штета, а таков пример минатата година беше планот што Општина Центар го подготви за тврдината Кале и за нејзината околина. Без план и без јасно дефинирани правила на заштита на просторот околу овој споменик на културата со највисока категорија на заштита, со години атрактивниот простор го заземаа опортунистички инвеститори, кои таму на државно земјиште изградија, па легализираа куќи и други објекти, меѓу кои и хотел.

Во јули, општината го стави на јавна презентација планот што отвори многу повеќе прашања отколку што затвори. Со него се предвиде просторот меѓу Калето и Музејот на современа уметност да „остане“ зеленило, како што стои уште во Генералниот урбанистички план за Скопје од пред 10 години. Тоа зеленило е потребно како контактна зона, простор што според Законот за заштита на културното наследство треба да се ослободи околу историските знаменитости, за да не се наруши нивниот амбиент. Тоа што од зеленилото останале само легализирани дивоградби го отвора прашањето како општината ќе го спроведе овој план, бидејќи не може едноставно да урива легални објекти.

Ограничената моќ на највисокиот суд

Центарот на Скопје ги губи последните отворени простори | Фото: БИРН

Како што годината се приближуваше кон крајот, свој печат на темата за урбанизмот стави и Уставниот суд, кога во ноември ја прифати иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на ДУП-от за делови од населбите Капиштец и Долно Водно, поднесена од локални жители. Овој план, донесен во 2014 година, овозможи секоја куќарка во ова маало да стане висококатница. Инвеститорите со нетрпение ја дочекаа таа одлука и до денес просторот е речиси целосно трансформиран, а локалните жители останаа да се жалат дека условите за живот им се драстично влошени.

Судот сега треба да одлучи дали ДУП-от бил изгласан законски во Советот на Општина Центар, бидејќи бил усвоен со 11 гласа „за“ од 23 советници, односно не добил поддршка од апсолутното мнозинство. Но, ова е само мало парче што нема да ја смени големата слика, бидејќи од една страна оценувањето на ДУП-от доаѓа предоцна за голем број парцели, а од друга, ваквите „грешки во чекори“ се прават многу ретко и плановите тешко може да се оспорат на други места, каде што градењето е целосно законски покриено.

А дека и укинувањето на ДУП-овите со одлуки на Уставниот суд не ги решава проблемите со градењето покажува и примерот со тужбата од компанијата „Пуцко петрол“ против Општина Карпош, со која таа бара отштета од 15 милиони евра зашто го загубила правото да гради бензинска станица на булеварот 8-ми Септември. За да го избегне плаќањето, општината на вонредна седница ја врати градежната маркичка за бензинската пумпа.

До каде може да се оди спротивно од текот

Интензивното градење продолжува на многу локации | Фото: БИРН

Како два ретки примери што одеа спротивно од општите текови беа бришењето на неколку градежни маркички за згради во Општина Аеродром, како и меѓународниот конкурс за урбанистичко уредување на населбата Расадник што го распиша Општина Кисела Вода.

Околу две години, жителите на Расадник водат кампања за да се запре реализацијата на ДУП-от што го подготви претходната власт, со кој се предвидуваа стотина нови згради на тој простор. Претходниот градоначалник Филип Темелковски тврдеше дека можностите да подготви поинаков план му се ограничени, а новиот, Орце Георгиевски реши да го прифати предлогот на граѓаните и во јули го распиша конкурсот. Колку тој ќе донесе реални промени, ќе зависи од многу фактори, меѓу другото и од тоа дека во Расадник има голем број приватни парцели и бизнис-интереси.

Во Аеродром, ситуацијата е почиста. Градоначалникот Тимчо Муцунски, со поддршка на општинскиот совет, продолжи да брише маркички од државно земјиште што сѐ уште не е продадено. Лани избриша три, а претходната година уште две.

За тоа време, на приватните парцели во други делови од општината, но и од градот, продолжија да се градат нови објекти и да се заобиколува законската обврска за најмалку 20 отсто од градежната парцела да биде покриена со зеленило, со веќе познатиот метод – инвеститорите не одбиваат 20 отсто од целата парцела, туку од она што ќе им остане надвор од димензиите на зградата, па најчесто тоа завршува со садење неколку украсни дрвца по рабовите на паркинзите.

Повеќе примери минатата година покажаа дека во борбата меѓу јавниот и приватниот интерес, победникот е однапред познат, што ги намалува очекувањата за драстично различни урбанистички политики оваа година. Особено ако се знае дека има уште многу празни парцели што се одамна купени од инвеститорите, со одамна стекнати градежни права.