Извештај

Просторот околу Кале останува сива зона

Освен приватни куќи, на местото е изграден и луксузен угостителски објект | Фото: БИРН

Општината Центар за првпат изработува детален урбанистички план (ДУП) за тврдината Кале и за околниот простор, што го опфаќа и  Музејот на современа уметност, се до француските воени гробишта. Во овој плански документ, кој што е ставен на јавна презентација, нема решение за објектите околу овие значајни културно-историски знаменитости, кои беа дивоизградени, но во меѓувреме добиле решенија за легализација.

Ова значи дека просторот околу тврдината и музејот, кој што е ставен под трет степен на заштита (контактна зона) според Законот за заштита на културното наследство, ќе остане „сива зона“ во која дивоградбите ниту може да добијат целосно потврден правен статус, ниту ќе може да се урнат. Со тоа просторот, предвиден за парковско зеленило, и натаму нема да може да се уреди според проектите што Град Скопје ги нарачуваше преку меѓународни и домашни конкурси.

БИРН веќе пишуваше дека поради недоволната грижа на надлежните институции за заштита на Калето, околу него се создаде зона во која градењето не е дозволено, но не е ни забрането.

Иако на овој простор воопшто не требало да има објекти, никој не водел ред за градењето бидејќи отсуствувале клучни документи со кои требало да се потврди заштитата.

Дупките во регулативата овозможиле многумина да направат цврсти градби врз поранешните бараки (времени објекти) што ги поседувале. Опортунистите изградиле и целосно нови објекти  врз државно земјиште. Потоа, поголем дел од луѓето го искористиле Законот за легализација на дивоградбите од 2011 година и во меѓувреме ги легализирале објектите.

Општината им ги прифатила барањата за легализација иако уште во Генералниот урбанистички план за Скопје од 2012 година целиот простор околу Калето и музејот бил обележан како заштитен и било предвидено таму да се направи парк. Сепак, без ДУП и без т.н. елаборат за ревалоризација, немало прецизно дефинирана заштита, па легализирањето било одобрено.

Освен приватни куќи, на овој простор се наоѓа и еден луксузен угостителски објект во сопственост на бизнисмен со потекло од делчевско, кој откупил неколку бараки, ги легализирал и на нивно место ја направил својата градба.

Нацрт-плановите се изложени во читалницата „Славко Јаневски“ во близина на средното училиште „Јосип Броз Тито“ и може да се видат секој работен ден од 8 до 16 часот се до 16 септември. Општинските службеници присутни во читалницата велат дека сопственици на легализирани објекти во овој заштитен појас доаѓале и се распрашувале дали нивната градба е впишана во ДУП-от (како конечна потврда на легализацијата), но тие не знаеле што да им одговорат и ги препраќале во општинскиот сектор за урбанизам.

Законот за легализација предвидува дека откако постапката за озаконување на еден објект ќе заврши, тој треба да се впише во урбанистичко-планската документација што локалната самоуправа ќе ја изработи за просторот каде што се наоѓа.

Во оваа фаза од донесувањето на ДУП-от, граѓаните што се засегнати од решенијата понудени во него може да поднесуваат забелешки. Потоа ќе се изработи конечна верзија која што ќе биде ставена на гласање пред Советот на општината.