Истражувањa

Нов ден, нов бетон на Калето

Непознат инвеститор поставил темели за нова дивоградба во чувствителното подрачје

Ливчето од градежната инспекција, заглавено меѓу две тули за да не го дувне ветерот, е единствениот податок што може да се најде на новото градилиште во близина на скопската тврдина Кале, каде што непознат инвеститор на државно земјиште направил бетонска платформа од шеесетина квадрати и донел други градежни материјали за да изѕида објект. Во него е наведен датумот и времето кога градителот треба да се појави во Општина Центар и да донесе документи за градбата, ако ги има.

Ова е втора покана што ја оставиле општинските инспектори, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

„Досега двапати никој не се појави. Инспекцијата ќе остави и трета покана, а ако и тогаш не дојде инвеститор, ќе мора да почнеме постапка за уривање. За жал, тогаш тоа ќе биде на наша сметка, бидејќи не е познато кој гради“, додава градоначалникот.

Кај дивоградбите со познат инвеститор, трошоците за уривањето и за отстранувањето ги покрива тој. Но, овде општината нема начин да дознае кој гради, освен да остави покана и да се надева дека некој ќе се јави.

Нелегалното градење во околината на скопското Кале веќе наликува на трките за грабање земјиште од американските вестерн-филмови, во кои сѐ што треба за некој да стане сопственик е да си стави свое обележје на плацот на кој му фрлил мерак. Новата бетонска платформа, не само што се наоѓа на државно земјиште, туку е изградена на катастарската парцела со број 5071/1, огромна површина од над 180 илјади квадратни метри (18 хектари). Таа ја опфаќа и самата тврдина и поголемиот дел од просторот што, според важечкиот Генерален урбанистички план за Скопје, треба да биде заштитен како нејзина контактна зона.

Од местото, затскриено со дрвца и со возила, се гледа половина Скопје | Фото: БИРН

Со текот на времето и во отсуство на соодветна заштита и грижа, дел по дел се нагризува оваа парцела. На неа веќе постојат дваесетина приватни објекти, соодветно заведени во катастарот на недвижности. Според катастарските документи што ги добивме, главно станува збор за сопственици со адреси на улицата Самоилова, каде што се наоѓа Калето (со исклучок на двајца), а објектите се постари дивоградби што биле легализирани според законот донесен во 2011 година. Потоа некои биле реновирани или целосно реизградени, а еден служи и како угостителски објект.

Нелегалното градење во околината на скопското Кале веќе наликува на трките за грабање земјиште од американските вестерн-филмови, во кои сѐ што треба за некој да стане сопственик е да си стави свое обележје на плацот на кој му фрлил мерак

Случајно или не, новата платформа, покрај која веќе се наредени тулите и бетонот и се чекаат само работници за да изѕидаат објект, се појави откако излегоа најавите за донесување нов закон за легализирање дивоградби, од една страна со поголемо финансиско оптоварување за градителите (наместо со едно евро за квадрат како порано), но од друга со олеснителни околности во врска со градењето во заштитени подрачја.

Така овој јавен простор веднаш спроти турскиот конзулат, со панорамски поглед кон половина Скопје, на кој до неодамна немаше ништо, освен заборавена камионска приколка со ознаки од скопска транспортна компанија, прво се огради со зимзелени дрвца за да се попречи погледот, а потоа се бетонираше.

Поканата за разговор од општинската инспекција е оставена во градежниот материјал | Фото: БИРН

Според Општина Центар, нема никакви дилеми дека сегашната градба е спротивна на законите и дека единственото решение за неа е уривањето. Но, во изминативе неколку години, градењето околу Кале, дури и кога беше диво, не беше целосно нелегално. БИРН веќе пишуваше дека бавноста на институциите надлежни за заштита на културно-историското наследство и нивната заплетканост во бирократски процедури овозможи на овој чувствителен и историски важен простор за државата да се создаде сива зона, во која некои опортунистички инвеститори знаеја да се снајдат.

Генералниот урбанистички план предвидува целиот простор меѓу тврдината и Музејот на современа уметност, како и меѓу музејот и француските воени гробишта, да биде парк. Веќе имаше и конкурси, домашни и меѓународни, за да се дизајнира како тој би изгледал, каде би имало патеки, каде отворени простори за културни настани и друго.

Но, за да се реализира тоа, прво треба да се направи елаборат за ревалоризација на тврдината, документ со кој прецизно ќе се определат границите на заштитената и на контактната зона, како и правилата што смее и што не смее да се прави таму, за да не се нарушат вредностите на просторот. Тој документ и натаму е во постапка за донесување, иако поминаа речиси пет години откако завршија децениските археолошки истражувања на тврдината и се отвори просторот за нејзино уредување и туристичка презентација.

За просторот никогаш досега не се направил ниту детален урбанистички план. Сега се подготвува првиот. Ако тој ги следи одредбите од Генералниот план, а мора да ги следи, освен Калето и музејот, целиот преостанат простор треба да биде зеленило. Но, градбите се веќе тука и се легализирани, па ниту може да се урнат, ниту да бидат соодветно вклопени во урбанистичката документација.

Новиот градоначалник на Центар ветува поостра борба со дивоградбите | Фото: БИРН

По сето тоа, откако на дел од сопствениците им појде од рака да имаат легални објекти на овој подзаборавен, но атрактивен простор во центарот на главниот град, макар тие законски „виселе во воздух“ бидејќи се на државно земјиште, тоа охрабри и други да си ја пробаат среќата во оваа трка за парче земја околу Калето.

Следниот развој ќе зависи од тоа кој ќе биде поажурен – општинската инспекција или непознатиот градител. Историските сателитски снимки покажуваат дека во изминативе години биле доволни неколку месеци за да се изградат куќи на државното земјиште, ако ниеден инспектор не го сврти погледот нагоре кон ридот. Една таква дивоградба стои веќе две години, затскриена зад легализирани објекти, но од северната страна на Музејот на современа уметност, меѓу овој објект и француските гробишта. Таа се забележува само од небото, но новата платформа се гледа од улица.

Градоначалникот на Центар, Герасимовски вели дека е решен да ѝ стави крај на оваа појава. Побара јавноста повеќе да го пријавува нелегалното градење, за да може неговите служби да реагираат навреме. Јавноста не беше пасивна ниту досега. Вработените од Музејот на современа уметност, во изминативе пет години испраќале претставки до различни институции, секогаш кога ќе забележеле нови градежни активности во т.н. Кале маало. Ги алармирале градоначалниците на Центар и на Скопје, нивните градежни инспекции, Државниот градежен инспекторат и други, но или не добивале одговор, или добивале оправдување дека некоја од установите каде што се обратиле не била надлежна за проблемот.