Анализи

Годината низ наша Призма

Трошењето јавни пари, правосудството, градежништвото и медиумите доминираат како теми во 2022

Годината стартуваше со очекување дека ќе биде подобра од претходните две зашто пандемијата веќе беше во залез, меѓутоа светот ја обиколи веста за рускиот напад врз Украина од кој последици сѐ уште се чувствуваат и во Македонија.

Конфликтот ја донесе енергетската криза, време во кое повеќе од сè е потребно одговорно искористување на државните ресурси. Доверба во правдата во Македонија и  натаму не се случи, судејќи според последната анкета на Американскиот републикански институт – ИРИ.

Ги следевме одлуките на судовите што ја шокираа јавноста, најголемиот дел од нив поврзани со случаите што ги водеше поранешното СЈО.

Олександар Онишченко

Продолживме да известуваме и за проблемите со деталните урбанистички планови и спорните градби, кои некои градови во државава ги претворија во невозможни места за живеење.

Сторијата на БИРН што доби најмногу внимание и имаше сериозен импакт е откритието за државјанството на контроверзниот украински олигарх Олександар Онишченко, кој е на американската црна листа.

По објавувањето на истражувањето, речиси цел месец медиумите, политичарите и јавноста се занимаваа со Онишченко, а притисокот ја принуди владата да се врати чекор назад и да му го одземе државјанството.

Суспендирани се вработени во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), меѓутоа сѐ уште не е утврдена конкретна одговорност – дали случајот со Украинецот е несовесна грешка или свесен превид.

Државните трошоци во време на енергетска криза

Јагленот за РЕК Битола сè уште многу зависи од приватниците | Фото: БИРН/В.А.

Во годината на една од најтешките енергетски кризи, БИРН продолжи да истражува како работат и како ги трошат парите државните енергетски компании Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и РЕК Битола.

Сериозно внимание предизвика текстот што откри дека две различни фирми на еден човек, формирани непосредно пред тендерот, добиле државен бизнис за набавка на јаглен вреден речиси 9,5 милиони евра.

Истражувањето поттикна сериозна дебата. Опозициските партии организираа прес-конференции и поставуваа пратенички прашања, имаше многубројни реакции на социјалните мрежи, меѓутоа, и покрај силниот притисок, ЕСМ не ги објави и не ни ги достави договорите со овие компании.

Продолживме да пишуваме и за скапата пракса на ЕСМ да изнајмува надворешна механизација.

Нотиравме дека, и покрај тоа што поминаа точно три години од помпезната најава дека ќе се отстрани скапата потреба приватници да копаат јаглен за ЕСМ и денес, не само што сме далеку од целта, туку компанијата сè повеќе и повеќе троши на надворешна механизација.

Сомнежите за злоупотреба на тендерите за надворешна механизација го потхрани сознанието дека од 2016  ЕСМ не го користи софистицираниот и скап систем што контролирал колку и дали работи изнајмената помошна механизација.

Тешка година за правдата

Многу дилеми околу изборот на Ислам Абази | Фото: БИРН/В.М.

Последната анкета на Интернационалниот републикански институт – ИРИ покажа дека од сите институции, судството и обвинителството се на дното според угледот што го имаат меѓу граѓаните. Во судството, целосна доверба имаат само четири отсто од испитаниците, а во обвинителството уште помала – три проценти.

За да се откријат дел од причините за овој исклучително низок скор, доволно е да се прочитаат текстовите на Призма посветени на темава.

Го анализиравме изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за организирам криминал, случај што предизвика големи реакции во јавноста и негативен коментар од американската амбасадорка Ангела Агелер.

Во анализата за наследникот на Вилма Русковска ги нотиравме сите контроверзии што се врзуваат за овој обвинител и за неговата инстант кариера поради кои јавноста смета дека е октроиран од ДУИ.

Ја следевме и драмата околу суспензијата на Русковска и нејзината медиумска „војна“ со веќе поранешниот шеф на Финансиската полиција, Арафат Муареми.

Во тие меѓусебни преписки се изгуби суштината на целиот конфликт, а тоа е она најважното – дали преку Финансиската полиција некој добил награда за противзаконски да влијае врз одредена постапка.

Одлуката на Апелацискиот суд да ја поништи 12-годишната затворска казна на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за случајот „Таргет/Тврдина“ исто така ја скандализираше јавноста.

Нашата анализа „Богатиот осуденик Мијалков и килавата правда“ ги предвиде овие случувања.

„ …судиите се на судска ферија. Кога ќе се вратат, во рацете имаат жежок костен – судбината на Мијалков со високите казни од 12 и 8 години затвор, за кои во правосудните кругови се шушка дека може да бидат укинати и судењата да почнат одново“, напишавме уште во август минатата година.

И во 2022 продолживме да го следиме случајот со запленетата марихуана, која во судскиот процес се „претвори“ во безопасен индустриски коноп.

МВР, во април 2020 триумфално објави дека е 1,2 тони марихуана, за Обвинителството подоцна да пресече дека е индустриски коноп.

Главното прашање што произлегува од овој случај е дали македонската полиција знае што е дрога.

Градежниците повторно на јуриш

ДУП-овите го возвраќаат ударот | Фото: БИРН

Урбанизмот отсекогаш бил фокус тема за БИРН. И 2022 се занимававме со главните актери и политики од оваа сфера.

Ги портретиравме двајцата најактивни градежници во главниот град Фатмир Етеми и Кочо Стојчески. Заедничко за двајцата е дека некогаш се занимавале со политика, а денес се успешни градежници и бизнис-ривали.

Посебен интерес предизвика и сторијата за адвокатот од Лихтенштајн што ќе гради петкатница врз последното паркче во строгиот центар на градот. Станува збор за регистрант, човек што главно формира и води туѓи фирми на сопственици што сакаат да бидат скриени.

Пишувавме и дека спорен ДУП за подножјето на Водно, кој во општинскиот совет беше изгласан без мнозинство, претвори тивко маало во вистински бетонски кањон.

Ја отворивме и подзаборавената тема за менаџирање на спортските објекти.

Во прв план тука е Олимпискиот базен.

Државата, не само што со години не заработува од концесијата на Олимписки базен, туку, поради специфичните договори, таа му должи милионски суми на закупецот, а услугите што ги нуди базенот, од година во година се полоши и полоши.

Една од најчитаните наши стории се занимава со екологијата.

Откривме податоци дека во Преспанско Езеро сега се слеваат двојно повеќе пестициди во двојно помалку вода, споредено со периодот од пред неколку децении. Практично, езерото во чија заштита се вложуваат милиони, има мали шанси против природата и човекот.

Медиумите под лупа

Финансирањето на медиумите во фокусот | Фото: БИРН/В.А.

Призма и во 2022 продолжи да ги следи новостите на медиумската сцена.

Почнавме со голем проект од оваа област, ја објавивме базата за медиуми. Во „Медиуми под лупа“ на едно место претставивме своевидна лична карта на 30-тина медиуми, кои, според рангирањата и според перцепцијата во јавноста, се меѓу најгледаните, најчитаните и најпосетуваните.

Бевме едни од ретките што известуваа за обидот на властите да го вратат државното финансирање на приватните медиуми.

Она што сега владата им предлага на пратениците не е само укинување на забраната за финансирање, туку таа оди чекор понатаму – планира да воведе задолжителни кампањи од јавен интерес, од кои најголем ќар ќе имаат петте национални телевизии.

Предлогот доаѓа по неколкугодишен суптилен притисок токму на моќните радиодифузери.

Истражувавме и колку соодветно партиите ги трошат парите наменети за изборно рекламирање во медиумите.

Откривме дека портали водени од човек близок до ДУИ го собрале кајмакот (повеќе од 70.000 евра) од државно платените изборни реклами во интернет-просторот на последните избори лани во октомври.

Со овој текст ги илустриравме ефектите од моделот воведен во 2018 година, државата во име на партиите да ги плаќа изборните реклами, што, според еснафот и критичарите, има сериозни недостатоци што ги поттикнуваат и ги негуваат клиентелизмот и корупцијата.