Анализи

Парцела на која принципите доаѓаат да умрат

Историјата на една градежна маркичка во Карпош

Триесет години од независноста сведочевме за разни непринципиелни политички коалиции, мотивирани исклучиво од лукративни побуди на поединци. Такви епизоди има многу, а последна што исплива во јавноста е урбанистичката приказна што се одигрува во скопската Општина Карпош.

Историјата на градежната маркичка, веднаш зад бензинската „Макпетрол“, крај Партизанска, детално ги бележи бизнис-интересите што политичките елити, без разлика која од нив е на власт, ги тераа и ги тераат последнава деценија.

И оваа сторија, како и сите такви политички игранки, изобилува со иронија.

Па, така, политичарите што овозможиле во ДУП-от да се впише 28-катница (Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ) денес се поборници или за „пониска зградичка“ или, пак, за зеленило, а нивните противници (СДСМ), кои како долгогодишна опозиција градеа имиџ на борци против бетонирањето на Скопје, сега не гласаа за суспензија на висококатницата.

Од познатите ликови, покрај ВМРО-ДПМНЕ и Јакимовски, тука ги имаме и неизбежните Сашо Мијалков и Орце Камчев, СДСМ, пријател на семејството Заеви, а одредена улога има и Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

„На ти го, дај ми го“

Парцелата е во близина на бензинската „Макпетрол“ и клиниката „Жан Митрев“ | Фото: БИРН/В.А.

Неслучајно приказната почнува во политички бурната 2013 година.

На локалните избори, градоначалникот Јакимовски ја изневери матичната СДСМ, која планираше бојкот, за повторно да се кандидира. Тој победи и по жестокиот „развод“ од Бранко Црвенковски премина на спротивната страна.

Влезе во неформална, а подоцна и во формална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Од „бомбите“ на Зоран Заев дознавме дека Јакимовски уште пред изборите барал услуги од поранешниот шеф на тајната полиција, Мијалков. Асистенцијата се чини била добра „инвестиција“ на тогашниот директор на УБК, чии пријатели, а потоа и тој самиот влегува со сопственост на атрактивното земјиште.

Кусо време по разговорот што го слушнавме во бомбите, во ноември 2013 година, Општина Карпош, под раководство на Јакимовски, зад бензинската „Макпетрол“, на 3.500 квадрати впишала маркичка за зграда висока 28 ката или вкупно 88 метри.

Година и нешто подоцна, календарски во 2015, локацијата ја купиле тогашните пријатели и бизнис-партнери на Мијалков.

Камчев зел две третини од тоа земјиште, а Дејан Панделески остатокот.

Дејан е синот на Цветан Панделески, кој им „правеше друштво“ на Камчев и на Мијалков во обвинението за случајот „Империја“.

Следната 2016 година и Сашо Мијалков дошол на сцена, односно неговата семејна фирма го откупила земјиштето. И таква е состојбата на терен сѐ до промената на власта.

Она што се случило во октомври 2017, кога СДСМ растури на локалните избори, добивајќи ги речиси сите општини вклучително и Карпош, може да се класифицира под фолдерот „прилично интересно“. Земјиштето од Мијалков повторно го презеле Камчев и Панделески, меѓутоа овојпат како директор на фирмата зад парцелата се јавил тогаш релативно анонимниот бизнисмен од Битола, Стојан Чифлигароски.

Чифлигароски е човек што не го крие пријaтелството со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев.

БИРН, пред три години истражуваше како по доаѓањето на СДСМ на власт, Чифлигароски се етаблираше во клубот бизнисмени што профитираат од РЕК Битола. Кога се актуализираше аферата „Рекет“, на Јутјуб се појави и снимка на која се слуша како Камчев преку Чифлигароски бара средба со Вице Заев.

Следната есен, 2018 година на политичката сцена вриеше.

Се подготвуваа уставни промени околу кои, тоа подоцна го дознавме, асистирал и Мијалков, убедувајќи ги пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат.

Арно ама, Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за потребите на истрагата Империја „замрзна“ голем дел од имотот на тројката Камчев, Мијалков и Панделески. Во таа акција, „под мраз“ отиде и парцелата во Карпош, а Камчев и Мијалков заминаа во притвор.

Следните четири години нема поголеми промени околу ова земјиште, освен што во 2020 година, Камчев вратил „свој“ човек да го управува.

По мразот – суспензија

Градежната маркичка

Статус кво ситуацијата траеше до пролетва. Камчев, во април се спогоди со обвинителството околу „Империја“, плати пет милиони евра казна и судот следниот месец го одмрзна неговиот имот заедно со градежната парцела во Карпош.

И во тој момент почна нова епизода околу оваа фамозна маркичка.

Прво порталот на „Фокус“ објави дека Камчев договорил продажба на  земјиштето на бизнисменот Кочо Стојчески и на „Гранит“ за сума од 13 милиони евра, пет во кеш и осум милиони во станови.

Сепак, Стојчевски, во разговорот со БИРН, летово откри дека со партнерот дигнале раце од инвестицијата зашто се вмешал градоначалникот Јакимовски.

Самсоненко гради во комшии

Во непосредна близина на парцелата, камиони деновиве расчистуваат друга градежна маркичка од дури 9.500 квадрати. Таа се води на заедничка фирма на Сергеј Самсоненко и на фамилијата на Камчев. На тоа место урбанистичкиот план предвидел болница

Иако под негова палка е донесен ДУП-от во 2013 година, Јакимовски сега е против да се гради објект висок 88 метри. Промената на ставот тој ја образложува како своја корекција откако „го чул ставот на граѓаните“.

Сега Јакимовски е да се гради помал објект, меѓутоа несудениот инвеститор Кочо Стојчески низ медиумите изјавуваше дека насетува игра во корист на друг инвеститор.

А, другиот инвеститор е познатиот градежник Фатмир Етеми. Етеми за БИРН сега потврдува дека е заинтересиран за тоа земјиште, меѓутоа сѐ уште го нема купено.

Како стојат работите, и тој не би се усреќил со оваа парцела.

Откако Јакимовски ја растури дружбата со ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството во Општина Карпош, предводено од партијата на Христијан Мицкоски, го суспендираше урбанистичкиот план и парцелата.

Сега идниот инвеститор, кој и да е тој, не може да добие градежна дозвола.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Велјановски ја најави оваа одлука, образложувајќи дека таа е согласно заложбите на партијата за хумано урбано живеење во Општина Карпош и борбата против урбаната мафија.

Советничката група на СДСМ, пак, реши да не присуствува на оваа седница.

Амплитудите во ставовите на сите актери од приказната се пример што покажува дека политичките елити немаат апсолутно никаков проблем да ги сменат ставот и заложбите за 180 степени само за да им се поклопат со нивниот моментален интерес.

Затоа еднаш се залагаат за зеленило, а другпат за зграда.

Впрочем, оваа парцела, денес обрасната со високи треви, е само уште една точка на која принципите доаѓаат да умрат.