Анализи

Анкета на ИРИ: Безнадежноста урива рекорди

Сиромашни и нееднакви, се доживуваат граѓаните според новото истражување на јавното мислење

Македонските граѓани ниту се задоволни од тоа како живеат, ниту очекуваат дека тоа ќе се смени на подобро. Напротив, поголемиот дел сметаат дека работите само ќе се влошуваат. Ова го покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Интернационалниот републикански институт – ИРИ во октомври годинава, врз репрезентативен примерок од 1.207 испитаници.

Трендовите на намалени очекувања и на црни прогнози може да се видат, не само од последната анкета, туку и од споредбените резултати за 12 години наназад.

На пример, од 2010 досега, никогаш немало повеќе луѓе што одговориле дека државава се движи во погрешна насока, ниту помалку што одговориле дека таа оди во вистинската насока. Дури 58 отсто рекле дека земјата оди кон полошо, што е речиси двојно повеќе од лани (30 отсто). Тоа е на исто ниво со април 2016, време кога имаше политичка криза.

Перцепциите за тоа каде се движи државата од 2010 до денес | Графика: ИРИ

Работите одат напред според само 13 отсто испитаници, што е апсолутно најниско ниво досега. Пред четири и пол години, во јули 2018, оптимистички настроени биле 37 отсто, што било еден од најдобрите резултати дотогаш. Но, во меѓувреме, најголемиот дел од тој оптимизам се стопил.

Три четвртини од испитаниците рекле дека владата на премиерот Димитар Ковачевски воопшто не ги решава или генерално не ги решава нивните проблеми.

Полоша перцепција, но и полоша реалност

Поголемиот број испитаници пријавиле дека животот им се влошува | Фото: БИРН

Освен за перцепциите, граѓаните биле прашувани и за тоа како го живеат својот живот. Над половина рекле дека личниот квалитет на животот им се влошил во однос на лани, што е, исто така, рекорден резултат по ова прашање. Околу 40 отсто одговориле дека квалитетот им останал ист, а само 6 отсто дека им се подобрил.

Кога станува збор за економската состојба во семејството, само 1 отсто рекле дека им е многу подобра од лани, а 9 отсто дека им е релативно подобра. Над 40 отсто рекле дека им е полоша или многу полоша.

Месечните приходи целосно им ги задоволуваат потребите на само 4 отсто граѓани, според одговорите на испитаниците. Речиси една третина рекле дека тие приходи ни од далеку не им се доволни.

Еден од куриозитетите што го открија резултатите од анкетата е дека опаѓа атрактивноста на вработувањето во јавниот сектор, особено ако се споредат 2017 и 2022 година. Двојно пораснал бројот (од 17 на 32 отсто) на оние што рекле дека „дефинитивно“ или „веројатно“ приватниот сектор е подобро место за работа. Бројот на оние што одговориле дека јавниот сектор е „дефинитивно“ подобар паднал од 46 на 33 отсто.

Урната довербата и во системот, и во власта, и во опозицијата

Речиси три четвртини одговориле и дека владата воопшто не работи или делумно не работи законски | Фото: БИРН

Довербата е мала во речиси сите институции и сектори во земјава. Само банките и образовните установи надминуваат 50 отсто кога ќе им се соберат вкупната и делумната доверба заедно. На банкарскиот сектор целосно му веруваат 13 отсто, а делумно 43, а образовниот има целосна доверба од 11 отсто, а делумна од 44.

На дното се парламентот, судството и политичките партии, кои имаат целосна доверба од само четири отсто испитаници, како и обвинителството со три отсто.

Рекордно ниска е и перцепцијата за еднаквоста пред законите. Само пет отсто целосно се согласиле со ставот дека Уставот и законите се еднакви за сите, а 35 отсто рекле дека воопшто не се согласуваат со тоа.

Довербата и недовербата во различни институции | Графика: ИРИ

Довербата во демократијата како најдобар систем на владеење останува иста во однос на лани – 51 отсто, додека 41 отсто рекле дека другите системи може да бидат барем еднакво добри или подобри. Во 2020 година, процентот на тие што сметале дека демократијата е подобра бил повисок – 61 отсто.

Генерациската споредба, пак, покажува дека младите до 35 години имаат повеќе доверба во недемократски системи, во споредба со повозрасните граѓани од над 56 години.

Со ставот дека владата е отворена и одговорна пред граѓаните, целосно или делумно се согласува само една третина од испитаниците, а другите го сметаат спротивното. Речиси три четвртини одговориле и дека владата воопшто не работи или делумно не работи законски. Но, само пет проценти рекле дека опозицијата целосно би се придржувала до законите ако дојде на власт.

Падот на СДСМ го става ВМРО-ДПМНЕ во голема предност

Предноста на опозицијата пред власта е осум процентни поени | Фото: БИРН

Околу 70 отсто рекле сигурно или веројатно ќе гласаат на следните избори – помладите помалку, повозрасните повеќе.

На прашањето „за кого би гласале ако изборите се одржат оваа недела“, 19 отсто одговориле дека би го избрале ВМРО-ДПМНЕ, а 11 отсто СДСМ.

Најпопуларен политичар на прво споменување е Никола Груевски со 7 отсто, пред Христијан Мицкоски и Али Ахмети со по 6 и Димитар Ковачевски со 5 отсто

Во однос на анкетата на ИРИ од пред една година, ВМРО-ДПМНЕ има пад од еден процентен поен, а СДСМ од пет. Освен Левица, која има раст на поддршката од 4 на 6 отсто, сите други партии се или на исто ниво (ДУИ 6 отсто, Беса 4 отсто), или имаат пад (Алијанса за Албанците од 6 на 5 отсто).

Најпопуларен политичар на прво споменување е Никола Груевски со 7 отсто, пред Христијан Мицкоски и Али Ахмети со по 6 и Димитар Ковачевски со 5 отсто. За претседателот Стево Пендаровски и за лидерот на Левица Димитар Апасиев се определиле по 3 отсто. Една година по повлекувањето од политиката, популарноста на Зоран Заев паднала од 9 на 2 отсто, со што тој се израмни со уште еден поранешен премиер и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

За ЕУ, но не со Бугарите во Уставот

Во однос на лани, поддршката за зачленувањето во ЕУ паднала за 11 процентни поени | Фото: БИРН

Слично како и во поранешните анкети, и во последната е доминантен бројот на граѓаните што сметаат дека најдобриот меѓународен економски сојуз за земјата е Европската Унија, наспроти Евроазиската економска унија или други асоцијации.

Сепак, во однос на лани, поддршката за зачленувањето во ЕУ паднала за 11 процентни поени. На прашањето дали земјата треба да се зачлени во Унијата, позитивно одговориле 73 отсто, а негативно 24 отсто. Пред една година „за“ биле 84 отсто, а „против“ 14 отсто.

Паѓаат и очекувањата за тоа кога земјата ќе се зачлени. Бројот на тие што рекле дека Македонија ќе стане членка на ЕУ за една до пет години се намалил за 10 процентни поени, а пораснал делот на испитаниците што рекле дека ќе требаат повеќе од десет години, како и на тие што одговориле дека тоа никогаш нема да се случи.

Иако поддршката за членство е сѐ уште висока, тоа не е случај со поддршката на актуелниот преговарачки процес за интеграција во ЕУ. Над половина од испитаниците биле против него и против внесувањето на Бугарите во Уставот, како услов за да се отворат поглавјата од преговорите. Околу една третина граѓани рекле дека се за процесот и за уставните измени, а другите не одговориле на тоа прашање.

Ако се одржеше референдумот што го иницираше ВМРО-ДПМНЕ за поништување на ратификацијата на договорот за добрососедство со Бугарија, кој го одби претседателот на Собранието Талат Џафери, 41 отсто гласачи ќе му дале поддршка, покажуваат резултатите од анкетата. Против поништувањето ќе гласале 16 отсто, 24 рекле дека немало да излезат, 3 отсто дека ќе го поништеле ливчето, а 17 отсто одбиле да одговорат.

Наспроти ставовите во врска со Европската Унија, расте поддршката за вклученоста на земјата во иницијативата Отворен Балкан. Над половина испитаници целосно го поддржуваат тоа, а уште една третина делумно. Само пет проценти рекле дека се целосно против тоа што земјата е дел од Отворен Балкан.

На прашањето која држава или меѓународна институција најмногу ѝ помага на Македонија да ги оствари своите национални интереси, на прво место била Турција со 22 отсто и раст од 8 отсто во однос на претходната анкета. Наспроти тоа, паднала довербата и во ЕУ, и во САД, и во Русија.

Сѐ помалку се следат политички вести

Полека слабее моќта на телевизијата | Фото: БИРН

Анкетите на ИРИ содржат и дел за тоа колку луѓето ги следат вестите и како ги добиваат информациите врз кои ги градат своите ставови за политичките процеси.

Од овие резултати може да се види дека бројот на тие што ги следат сите политички вести за четири години се намалил од 22 на 11 отсто, а на оние што воопшто не следат такви вести пораснал од 22 на 29 отсто. Делот на испитаниците што рекле дека „претежно“ или „делумно“ следат политички вести не се променил многу.

Над 40 проценти од испитаниците до 35 години воопшто не гледале вести.

Бројот на луѓето што рекле дека телевизијата им е најчест извор за политички вести е 71 отсто, што е најнизок резултат во последните четири години. Овој процент досега најчесто беше над 80. Но, опаднало користењето и на другите значителни извори, како интернетот, семејството и пријателите. Следењето на радиото и на весниците, иако има мал раст, не надминува шест отсто.

Од тие што гледаат телевизија, на 27 отсто Сител им е прв избор, а на 15 отсто Канал 5, Алсат и МТВ на 9, односно на 8 отсто, ТВ Алфа шест, Телма на пет, ТВ 24 како прв избор го наведуваат 3 отсто од испитаниците.