Регион

Годишниот собир во Блајбург е откажан

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Годишниот собир во Блајбург, закажан за 16 мај, со кој се одбележува годишнината од смртта на припадниците на фашистичките хрватски сили и цивили, убиени од страна на партизаните во 1945 година, нема да се одржи.

Организаторот на настанот, Почесниот вод на Блајбург, соопшти оти се принудени да го откажат настанот, бидејќи Австрија ги ограничила јавните собири заради пандемијата на корона вирусот, но и затоа што владите на Словенија, Хрватска и на Босна и Херцеговина, ги ограничиле прекуграничните патувања.

„Во најкусо време ќе ја известиме хрватската јавност за алтернативната програма за одбележување на 75-годишнината од трагедијата во Блајбург … на која работиме со хрватскиот парламент, како спонзор на централното одбележување“, нагласи организаторот.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.

Во последниве години, симболите на усташкото движење станаа вообичаена појава на овој собир. Австриски и хрватски антифашистички активисти, минатата година протестираа за време на комеморацијата во Блајбург, нарекувајќи го „фашистички собир“.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Католичката црква на Корушка, минатата година го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.