Регион

Готовина и Маркач присуствуваа на воена вежба

Ана Владисављевиќ, Загреб

Министерот за одбрана Дамир Крстичевиќ и претседателката Колинда Грабар-Китаревиќ присуствуваа на воената вежба | Фото: Бета

Пензионираните генерали, Анте Готовина, и Младен Маркач, кои Хашкиот трибунал ги ослободи од обвиненијата за воени злосторства, присуствуваа на најголемата хрватска воена вежба по конфликтот 1991-1995 година.

Во Слуње, централна Хрватска, денеска заврши вежбата на хрватската војска (ХВ) „Велебит 18“, во присуство на генералите Анте Готовина и Младен Маркач, како и на хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ.

Крстичевиќ ги повика присутните, да ги поздрават Готовина и Маркач со аплауз.

Во своето обраќање, Крстиќевиќ рече: „Пред нас има уште многу предизвици. Сакаме да продолжиме активно да ја јакнеме хрватската војска“.

Во вежбата беа вклучени сите единици на ХВ, таа траеше 72 часа, а беше одржана во 11 центри за обука низ цела Хрватска.

Целта на вежбата беше „да се претстави целиот спектар на способност на хрватските вооружени сили“ и ова е најголемата вежба по војната, објави Министерството за одбрана. Во неа учествуваа вкупно 5.500 членови на ХВ.

Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, и премиерот, Андреј Пленковиќ, присуствуваа на вежбите во сабота и во недела, додека во понеделник присутни беа градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, и министерот на бранителите, Томо Медвед.

Во 2011 година, судскиот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), ги осуди Готовина и Маркач, за злосторства поврзани со операцијата „Бура”.

Судскиот совет утврди дека Готовина и Маркач учествувале во заеднички злосторнички потфат со цел отстранување на Србите од областа Краина, со сила или со закана за употреба на сила, предводен од поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман. Според судскиот совет, една од целите на операцијата „Бура” била да се намали или отстрани српското население во Краина.

Но, во 2012 година, Жалбениот совет на МКТЈ ги ослободи генералите. Тие се вратија дома, каде што беа пречекани како херои, во присуство на високи хрватски функционери и илјадници граѓани кои прославуваа по улиците низ цела земја.

Откако беше ослободен, Готовина се повлече од јавниот живот и му се посвети на својот приватен бизнис – одгледување на туна.

Сепак, во мај 2015 година, се согласи да биде член на Советот за татковинска безбедност, тело што го формира претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, чии членови се пензионирани воени лица и експерти за безбедност.

Во ноември минатата година, тој беше именуван за специјален советник за татковинска безбедност на министерот за одбрана, Дамир Крстичевиќ.