Анализи

Градежна милијарда уставни порти отвора

Комората нуди инвестиции, охриѓани го уриваат мораториумот во Скопје

Една недела пред Градежната комора да понуди спасоносна милијарда евра инвестиции во замена за отстранување на пречките за градење, како мораториумите во општините и други, Уставниот суд почнал да разгледува иницијатива поднесена од двајца охриѓани за да се укине одлуката за неградење во Општина Центар, покажува документ во кој БИРН имаше увид.

Градежниците го соопштија својот предлог на средба со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на 8 октомври, претставувајќи го како обид да помогнат во справувањето со тешките економски последици предизвикани од пандемијата со корона вирусот. Судот, пак, почнал да постапува по барањето на иницијаторите на 30 септември.

Ниту еден од подносителите не е познат во градежниот бизнис. За првиот нема никаква информација дека поседува или управува со некакво претпријатие, а вториот се занимава со трговија со пијалаци. Неуспешни беа обидите да стапиме во контакт со некој од нив за да ги објаснат мотивите зошто бараат укинување одлука во Општина Центар.

Ова е втор обид преку Уставниот суд да се отвори патот кон нова градежна офанзива во Центар, откако тој во март 2019 година донесе одлука да го запре мораториумот во оваа општина за да ја испита неговата законитост. Тогаш иницијативата ја поднесе токму Градежната комора што сега ја даде понудата за инвестирање, заедно со Стопанската комора на Северозападна Македонија. Но, општината, една недела подоцна донесе нова одлука за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, која сега двајцата жители на Охрид ја оспоруваат.

Претседателот на Градежната комора Ивица Јакимовски, за БИРН, вели дека тие во моментов ниту водат некакви постапки пред Уставниот суд, ниту размислуваат во таа насока, и дека наместо тоа, излегле со, како што рече, јасна понуда во интерес на целото општество.

„Оваа понуда не е во интерес само на инвеститорите, затоа што во рамките на градежниот сектор високоградба учествуваат дополнително уште 26 индустриски гранки“, рече Јакимовски.

Новата иницијатива, како што дознава БИРН, се надоврзува на старата. Во неа се споменува дека Уставниот суд веќе еднаш го запрел мораториумот, но општината не го испочитувала тоа и донела нова одлука. Таа се повикува на истите членови, ставови, алинеи и амандмани на Уставот, како и иницијативата од 2019 година, и на истите закони.

Во двете иницијативи, со речиси истите зборови, се укажува на правото на сопственост како уставно загарантирано право и на правото на градење што произлегува од него согласно важечки урбанистички документи. Се вели и дека со оваа одлука, Општина Центар ги доведува во нееднаква положба граѓаните што имаат имот на нејзината територија во однос на другите граѓани, бидејќи тие не можат да располагаат со својата сопственост.

Главната разлика меѓу нив е што во новата иницијатива се цитира и Законот за урбанистичко планирање донесен во февруари 2020 година, со кој се уредуваат начините како се суспендира урбанистички план.

Непристојна понуда?

Дотраените објекти се заменуваат со нови, но многу поголеми | Фото: БИРН

Понудата на градежниците, како и новата иницијатива за уривање на мораториумот, доаѓаат во време кога се појавуваат сѐ повеќе иницијативи за запирање или за намалување на градењето во најгусто изградените делови на главниот град. По граѓаните на Центар, кои го издејствуваа мораториумот, слични иницијативи водат и жители на Карпош, Аеродром и Кисела Вода, во врска со различни подрачја што се интересни за инвеститорите, како Расадник или фабриката Треска. Некои формираат здруженија, а други остануваат неформални, организирајќи се преку социјалните мрежи.

Дел од експертите и активистите сметаат дека градежниците се обидуваат да ја искористат кревката економска состојба наметната од пандемијата на ковид 19 за во јавноста, но и кај властите, да ги наметнат своите тези над ставовите дека каде што е преизградено, веќе не треба да се гради.

„Гледам најбескрупулозно користење на ситуацијата со економската криза. Притисокот да се гради над капацитетите на просторот постои пред пандемијата, а заложбите тоа да се стави под контрола се од пред повеќе години. Но, сега го користат моментот и се претставуваат како спасители. Ова е крајно неодговорно и навредливо“, вели професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, една од поборниците за ограничување на градењето за да се овозможат похумани животни услови.

Активистите од иницијативата „Расадник на можности – за похуман живот во Кисела Вода“, пак, велат дека градежните инвеститори би си ја вратиле инвестираната милијарда само од деталниот урбанистички план за Расадник против кој тие се борат, а секое друго градење би им било профит.

За десет години, во Македонија се изградиле речиси 60 илјади станови. Една третина во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода, а другите две третини во преостанатите 76 општини.

„Квадратурата за домување што ја предвидува овој план, која четирикратно ги надминува параметрите од Генералниот урбанистички план, изнесува 943.771 квадратен метар. Ако се одземе 15 отсто за комуникации и лифтовски јадра, остануваат 802.205 квадрати. По најмалку 1.000 евра од квадрат, тоа се 800 милиони евра. Уште 200 милиони од деловен простор, и ете ја милијардата“, објаснуваат за БИРН активистите на „Расадник на можности“.

Во одговорот на овие тврдења, претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски (сосопственик и директор на фирмата Голден Арт), го става фокусот на две нешта – сопственост и облагородување. Вели дека желбите и забелешките на одредени субјекти и здруженија не можат да го ограничат ниту правото на сопственост, ниту правото на изградба на објект со одредена вредност, предвиден со детален урбанистички план.

„Бараме да инвестираме на сопствени локации што постојат. Не бараме да инвестираме на државен имот, туку на имот што е во стопроцентна приватна сопственост“, нагласува Јакимовски.

Тој додава дека не му е јасно зошто има толкав отпор кон градењето во центарот и во зоните околу него, кога таму постојат руинирани локации, депонии, стари фабрики и различни објекти на кои им поминала вредноста.

„Ние како градежна комора нудиме обнова, а со тоа и ново руво на градот, да се понудат модерни станбени и деловни објекти, кои ќе бидат во функција на општеството, а и директно да се помогне на економијата“, вели Јакимовски.

Што кога ќе снема место за градење?

Се помалку празни места има во централното подрачје | Фото: БИРН

БИРН веќе анализираше колку локации сѐ уште се кријат низ ДУП-овите и го чекаат својот инвеститор во подрачјата од Скопје, каде што високоградбата беше најинтензивна во изминатата деценија.

Анализите што ги направија граѓанските движења како „Здравје пред профит во Центар“, „Расадник на можности“ и други покажуваат дека во централните подрачја веќе не може да се гради со исто темпо без да се деградираат условите за хумано и безбедно живеење.

Предупредуваат на недостиг од простор за образовни и здравствени услуги, зеленило и рекреативни зони, но и на неисполнување на стандардите за заштита и спасување ако се случат несреќи. И тие се повикуваат на Уставот и на заштитата на правото на здрава животна средина.

Еден ден секако и физички ќе се потрошат локациите за градба во централните зони. Дали тоа ќе значи дека градежните компании ќе стават клуч или ќе го откријат она што сега им го укажуваат активистите – дека може да градат, но на други места?

Здруженијата укажуваат дека на местата каде што е пресметано дека може да живеат 8.000 жители се планираат згради што може да сместат 29 илјади луѓе (Расадник), а во местата каде што се преоптоварени училиштата и градинките се предвидуваат нови згради и неколку илјади жители (Треска).

И покрај тоа, градењето продолжува најинтензивно во центарот на главниот град и во неговото непосредно опкружување, односно на местата што се лесно поврзани со него.

Според податоците од Државниот завод за статистика, од 2010 до 2019 година, во земјава се изградиле над 57 илјади станови. Од нив, 19 илјади, или една третина, се направени во општините Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода, а другите две третини се во преостанатите 76 општини.

Но, просторот е најограничен ресурс, не може да се создаде повеќе отколку што го има. Еден ден секако и физички ќе се потрошат локациите за градба во централните зони. Дали тоа ќе значи дека градежните компании ќе стават клуч, или ќе го откријат она што сега им го укажуваат активистите – дека може да градат, но на други места?

Професорката Пенчиќ вели дека постојано се прави замена на тези, па барањето контрола врз градењето за да се спречи понатамошно згуснување на Скопје се толкува како целосна забрана за градење. Според неа, градежната индустрија нема да пропадне и ќе може и натаму да инвестира и да вработува ако, наместо во Кисела Вода, Аеродром, Карпош и Центар, гради во периферните делови на Скопје и во другите 33 градови низ Македонија.

„За градење има каде, но прашање е зошто е атрактивно во центарот на Скопје“, вели Пенчиќ.

Претседателот на комората, Јакимовски вели дека за компаниите да вложат во недвижности некаде треба да се решат два услова – сопственоста и урбанистичките планови.

„Згради се градат и во Општина Илинден, Гази Баба, Хиподром, во периферните делови на Општина Ѓорче Петров. Имаме изградено згради и во Сопиште. Не може да ни се припише дека исклучиво финансираме градење во центарот“, вели Јакимовски.

Како што додава тој, градежните компании се свесни дека не може секој да си дозволи стан во централното подрачје, па и самите бараат алтернативи, но потребно е да има понуда. Поточно, потребно е општините да направат планови со кои ќе се создадат услови за современо живеење – училишта, трговски објекти и друго.

„Како ќе поминува времето, потребата за живеење на периферија ќе се зголемува, но само ако се подобруваат условите“, смета Јакимовски

За позначително ширење на градежните инвестиции од Скопје кон внатрешноста, пак, претседателот на комората е донекаде скептичен. Вели дека таму прво треба да се создадат економски услови, луѓето да имаат причина да останат наместо да се иселуваат, и да вложат во нови недвижности во родните места. Само тогаш градежната оператива може да види шанса за инвестирање.

Во меѓувреме, Скопје ќе остане мегдан каде што со прашањето дали и колку ќе се гради ќе се занимаваат, не само општините, фирмите и граѓаните, туку и највисоките судски и државни власти.