Вести

Груевски промовира здрава храна на сиромашен народ

Во земја во која половина милион граѓани се сиромашни, а за 57 отсто граѓани месото и рибата се луксуз, премиерот Груевски излегува со нова кампања од половина милион евра, за здрава храна 

Евростат: Македонија е трета најсиромашна земја во Европа | Фото: М. Јордановска

Токму на светскиот ден на борбата против сиромаштијата, премиерот Никола Груевски ја промовираше новата кампања за подигнување на јавната свест за корисноста од здравата исхрана и здравиот начин на живот.

Според податоците објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, за новата кампања ќе се потрошат половина милион евра. Кампањата ќе се емитува на телевизиите и радијата, ќе има реклами во весниците, по автобусите, а флаери ќе има дури и по влезовите и по лифтовите.

Груевски ја истакна важноста од внесувањето на овошје и зеленчук и додаде дека целозрнестите житарки како што се пченката, пченицата придонесуваат за поквалитетен и подолг живот. Од протеините, Груевски ги издвои рибата и пилешкото месо.

Меѓутоа, не треба да сте експерт нутриционист за да знаете дека здравата храна е многу подобра опција, но не треба да сте ниту економски експерт за да знаете дека таа е поскапа од она што се продава по локалните маркети. Македонските домаќинства се хранат со замрзнати пилешки копани од Америка и Бразил, со намерници од непроверено потекло некогаш и со поминат рок зад кои стои еден единствен заеднички именител – евтината цена.

Храната што се продава по македонските пазари се нуди на популацијата која и според последните податоци на Државниот завод за статистиката е намената за половина милион сиромашни граѓани. Македонија е трета најсиромашна земја во Европа според податоците на Евростат.

БИРН направи анализа која би била разликата во цените ако граѓаните го послушаат премиерот и се обидат да се хранат здраво. Со оглед на тоа што органската храна важи за најздрава, ги споредивме цените на обичните производи кои се продаваат во поголемиот број маркети, со оние од продавниците за здрава храна. И една ваква, релативно брза споредба врз основа на просечните цени по скопските маркети покажува дека разликата во цените е повеќекратна.

infografik 2

Колку за пример, ако граѓаните решат да не употребуваат сончогледово, туку само маслиново масло, ќе треба да платат 5 пати повеќе. Меленото месо е три пати поевтино ако се купи веќе сомелено, отколку ако се купи чисто телешко месо. Ако граѓаните решат да се откажат од обичните засладени сокови, ќе треба да плаќаат неколку пати повеќе. Јаткастите плодови спаѓаат во здрава храна, но колку еден просечен македонски граѓанин може да си дозволи 500-600 денари за килограм бадеми или лешници? Евидентна е разликата во цените ако се направи споредба меѓу обичните и интегралните тестенини, лебот, солта, џемовите, оризот, брашното…

Премиерот Груевски ја спомена рибата, но прашање е дали граѓаните можат да издвојат од џебот најмалку 500 денари за килограм свежа морска риба за која е сигурно дека е здрава, а не повеќекратно замрзнувана, одгледувана со антибиотици и стероиди?

Последните податоци на Државниот завод за статистика за стапката на сиромаштија во земјава недвосмислено говорат дека за 57 отсто од граѓаните на Македонија месото и рибата за кои лобира премиерот Груевски во денеска промовираната кампања се всушност луксуз.