Репортажи

ГТЦ – Од симбол на модерното до бетонски дух

Потчинетоста на дуќанџиите, превработеноста и недомаќинлакот главни проблеми на трговскиот

Од претпладне, па речиси до полноќ, ехото од песната „Македонско девојче“ на Јонче Христовски, со помош на провевот, ги полни коридорите на скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ).

Ја пее еден од редовните посетители, средовечен маж, кој седи на плочките на приземјето и очекува по некој денар од минувачите за популарниот рефрен. Песнава речиси е генерација со трговскиот, компонирана пет години пред да се удрат темелите на ова архитектонско дело, на Денот на македонското востание – 11 Октомври 1969 година.

Тимот архитекти предводен од Живко Поповски имал визија, отворените ходници да функционираат како улица што го поврзува плоштадот со остатокот од градот, создавајќи „жив организам“ од бетонските плочи.

Трговскиот ретко и дали воопшто бил на врвот на политичката агенда | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Меѓутоа, трговскиот низ годиниве сè повеќе е улица, а сè помалку оригинален простор што ги мами купувачите и ги собира младите зашто дуќаните и локалите се затвораат. Симболот на постземјотресно Скопје го губи сјајот со секое прокапување на таваните, ескалаторите што заглавуваат, искршените плочки и со реата на урина од ќошињата.

ГТЦ не пропаѓа поради „напливот“ на модерни затворени молови, како што некој би помислил, туку поради лошото управување со децении, кое се манифестира со договори што финансиски ги цедат приватните дуќанџии, превработеноста и недомаќинлакот на партиски делегираните директори низ годиниве.

Трговскиот ретко и дали воопшто бил на врвот на политичката агенда. А, однесувањето на новиот директор Никола Соколовски не ветува дека промената на раководството ќе резултира со заживување на зачмаениот простор, кој буквално замира во ноќните часови.

И покрај многубројните обиди БИРН да стапи во контакт со Соколовски, тој не се согласи на средба, ниту, пак, писмено одговори на нашите прашања за кондицијата на трговскиот.

Полужив трговски

Трговскиот ја нема магијата што ја паметат повозрасните | Фото: Книга „Градски трговски центар Скопје“ (1981)

ГТЦ, всушност, е првиот трговски центар во главниот град. Претходно, скопјани пазарувале во дуќанчиња расфрлани низ девастираниот град од земјотресот, на пазари или во стоковната куќа НАМА на плоштадот. Немале централно место што им нуди сè – храна, фризерници, кафулиња или автосервис.

Идејата за трговскиот била и своевиден трик на урбаната политика да ги извади скопјани од микросредините во населбите, кои по катастрофалната 1963 година ретко го посетувале центарот и сè поретко се среќавале.

Тито пред макетата на ГТЦ | Фото: Книга „Градски трговски центар Скопје“ (1981)

Трговскиот ја нема магијата што ја паметат повозрасните, кои во младоста јаделе во „Ванила“ и нешто подоцна во „Жито лукс“, купувале плочи во „Југотон“ или се забавувале до зори во „Чао“ и „Змија.“

Претежно преку ден, економски активни и живи се подрумскиот дел, каде што има маркети, целото приземје сосе кафулињата што гледаат на кејот и донекаде првиот кат, меѓутоа при кусата прошетка, сепак, избројавме повеќе од 40 затворени локали.

Вториот кат е полупразен.

Функционираат неколку канцеларии на фирми и три кафулиња што се обидуваат и навечер да ја оживеат атмосферата. Таму ретко се гледаат луѓе, а кога врне, подобро е и да не шетаат бидејќи кровот „прокиснува“ на одредени места. Од надворешните страни на катовите речиси и да нема дуќан што работи.

Навечер ГТЦ е непријатно празен.

Исцедени дуќанџии

Избројавме повеќе од 40 затворени локали | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Дуќанџиите се жалат дека бизнисот им оди тешко поради, како што велат тие, енормните трошоци што со години им ги наметнува раководството и дека нивните пари подоцна не се инвестираат за одржување.

Високите трошоци врз своја кожа ги почувствувало и семејството Ајдини.

Тоа поседува дуќан на вториот кат, кој не работи од пандемијата.

Но, и за перидот по затворањето, според договорот што го има со АД ГТЦ, морало месечно да плаќа по 20.000 денари за струја, вода и за одржување.

„Додека не работевме долговите се собрале и ГТЦ нè дадоа на извршител.“

„Сега должиме 20 милиони денари и дуќанот не можеме ниту да го отвориме, ниту да го продадеме. А, секој ден ми се јавуваат луѓе што сакаат да го изнајмат“, рече за БИРН, синот на сопственикот, Беким Ајдини.

И на други врати висат огромни катанци, а на излозите, на бел лист хартија со големи букви пишува: „Се продава.“ На некои дури и стои: „Се издава без кирија.“

Оваа пазарна нелогичност, ја објаснува Емил Јосковски, претседател на Здружението на приватни сопственици на дуќани во ГТЦ.

Многумина го даваат просторот без наемнина за некој само да ги подмирува обврските. ГТЦ им наплатува за одржување лифтови, ескалатори, инвестиции, комунални услуги, електрична и топлинска енергија, климатизација и за одржување.

Јосковски тврди дека под одржување се подразбираат и тековни инвестиции и одржување заеднички простории.

„Собираат пари за инвестиции, а големи инвестиции нема веќе 15 години“, вели Јосковски.

Бесплатно се издаваат затворени дуќани | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Мали поправки се направија пред шест години, кога тогашниот градоначалник Петре Шилегов, заедно со управата на ГТЦ и УНДП, една десеттина од вкупната површина на покривот ја направија зелена градина.

Засадија дрвца, поставија фонтани и монтажна бина, шаховско поле…

Денес просторот не изгледа ни приближно како пред шест години. Фонтаната не работи, зеленилото е запуштено, а шах не може да се игра зашто фигури нема. Клупите ги користат вработените од околината, кои ја поминуваат паузата таму.  Навечер, нив ги заменуваат младите.

Државата суверено го управува трговскиот од самото отворање во 1973 година, иако од пред две децении, околу 70 отсто од дуќаните се приватни.  Но, и денес државата поседува речиси 98 проценти од акциите.

Претставникот на приватниците, Емил Јосковски, кој и самиот е сопственик на дуќан од 41 квадрат, преку бројки ја илустрира нефер позицијата во која се наоѓаат дуќанџиите. Тие ништо не одлучуваат, иако поседуваат 479 дуќани, наспроти 116 државни, кои се државни.

„Логично е ние, сопствениците да имаме право на глас во управувањето на трговскиот заедно со одборот директори“, вели тој и додава дека управата со години е глува за нивните барања.

Историја на превработеност и недомаќинлак

Плочките на ГТЦ „преживеале“ негрижа и злоупотреби | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Луѓето на директорската позиција се менуваат со секоја нова централна власт и таа е една од фотелјите што се дел од партискиот постизборен плен.

 Оттаму не треба да чуди што превработеноста е проблем на ГТЦ и тоа го констатира самото акционерско друштво во својот последен извештај од 2023 година. Според тогашните податоци, трговскиот има 194 вработени, од кои 79 се во секторите обезбедување, противпожарна заштита и хигиена.

Дел од таванот на ГТЦ | Фото: БИРН/Емилија Петреска

И покрај нотираната свест за превработеност, ГТЦ не се откажува од лицата што секоја година ги ангажира преку агенции за привремени вработувања. Последниот договор со ваква агенција, склучен минатиот месец, обезбедува ангажман на 50 привремено вработени за следната година.

Претставникот на дуќанџиите, Јоскоски вели дека нивните пари, околу 140.000 евра месечно, одат токму за платите на вработените.

Мандатите на политички поставените директори низ годините ги обележаа недомаќинско работење и сомнежи за злоупотреба.

Десет години, трговскиот центар го управуваше Аго Абазовски, кадар именуван од владата по предлог на Сојузот на Ромите на поранешниот пратеник Амди Бајрам. Во негово време, бизнисот со миење автомобили во подземниот паркинг, го добивале фирми поврзани со синот на Бајрам, Габриел, а едната воопшто и не плаќала кирија.

Подоцна имаше и сомнение дека во подрумските простории, со кои управува Габриел, се копале криптовалути.

Дуќанџиите се жалат дека нивните пари подоцна не се инвестираат за одржување | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Со скандал заврши и седумгодишното управување на ГТЦ на Ѓоко Трајчевски, кому трговскиот му беше делегиран од владата на СДСМ и на ДУИ. Лани, полицијата му поднесе кривична пријава, сметајќи го за одговорен за наводно незаконски доделен тендер на второпласирана фирма со двојноповисока понуда.

Минатиот ноември, по промената на власта, ГТЦ доби нов одбор директори, во кој се назначени членови со различен професионален бекграунд – хотелски менаџер, сметководител, членови на општински совети и еден наставник. Меѓутоа, иако се поминати пет месеци од нивното именување, ретко кој од дуќанџиите ги запознал.

Комуникацијата со новиот директор, вели Јосковски, оди тешко.

Незадоволни од управата се и закупците на државните локали во ГТЦ.

„Со недели чекаме, ни рекоа ќе ни се јават за состанок и сè уште ги нема“, ни рече еден од изнајмувачите.

БИРН речиси четири недели чекаше одговори на десетте прашања што му ги постави на директорот, но тие не стигнаа иако имаше ветување дека ќе ги добиеме.