Истражувањa

Случај „Автоперална“ или „Среден прст за ГТЦ“

Бизнисот со миење автомобили во ГТЦ се врзува за семејството на Амди Бајрам, пратеникот што не се срами да покаже среден прст

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пералницата за возила во подрумот на скопски ГТЦ е место што предизвикува многу контроверзии. Бизнисот со миење автомобили, во времето кога државниот трговски центар беше под контрола на партијата на Амди Бајрам, во два наврата го добиле фирми коишто истражувањето на БИРН ги поврза со неговиот син, Габриел.

Притоа, фирмата којашто до лани ја водела пералницата сѐ уште му должи на ГТЦ околу 16.000 евра за кирија.

Но, тоа не е сѐ.

Во истата пералница пред три години полицијата нашла украдени камера и два лаптопа и за овој случај Габриел Бајрам бил осуден на парична казна од околу 1.200 евра. Иако полицијата се сомневала дека помладиот Бајрам, меѓу другото, ја поттикнал и кражбата, сепак, на крајот е осуден само за прикривање на украдените предмети во пералницата.

„Убаво распрашај се кој сум јас“, револтирано ни порача синот на Амди Бајрам, Габриел, се закани со тужба и дрско го заврши телефонскиот разговор, само затоа што го прашавме за неговата врска со пералницата.

„Кој си ти, па пред тебе да одговарам?“, неколку пати повтори тој во текот на разговорот.

Не плаќале кирија на државниот трговски

Кој ќе го плати долгот кон ГТЦ од 16.000 евра? | Фото: БИРН

Пред три години ГТЦ за прв пат доби своја автопералница.

Тогашниот директор на трговскиот, Аго Абазовски од партијата на Амди Бајрам, склучил договор со фирмата „Автоперална ГТЦ“ и на неопределено време ѝ отстапил 152 квадрата од гаражата.

Увидот во документите покажува дека „Автоперална ГТЦ “ е формирана само 15 дена пред да се потпише договорот со трговскиот центар. За свое седиште фирмата, уште пред да го склучи договорот, ја навела адресата во ГТЦ, за која допрва требалo да конкурира. Основач е 29-годишно момче од Шуто Оризари, но во документите од Централниот регистар како контакт е оставен бројот на мобилниот телефон на Габриел Бајрам.

„Не знам зошто мојот телефон е таму, секој може да го стави. На пример, твојот телефон може да го ставам кај некоја фирма што дава секс-масажи, па сите да ти се јавуваат“, беше неговиот коментар.

Тој тврдеше дека нема никаква врска со пералницата и дека не го познава момчето што официјално се води како сопственик. Во текот на разговорот постојано повторуваше „не знам што сакате од мене“.

Понатаму, истражувањето на БИРН открива дека „Автоперална ГТЦ“ речиси и да не ја плаќала месечната кирија од 411 евра во периодот од март 2015 до мај 2017 и денес на државниот трговски центар му должи нешто повеќе од 16.000 евра.

Кога во 2016 долгот за кирија достигнал 5.500 евра, тогашниот директор на ГТЦ, Аго Абазовски ја тужел компанијата и врз основа на добиениот спор побарал извршител да ги наплати парите.

Меѓутоа, брзо потоа се случил пресврт и Абазовски го повлекол барањето за извршување со образложение дека се договорил фирмата да го плати долгот.

Тоа воопшто не се случило, фирмата не ги платила парите и директорот Абазовски дури по цела година, а неколку недели пред формирање на новата Влада, повторно побарал извршителот да ги наплати парите. Арно ама, овојпат било доцна, сметката на фирмата веќе била блокирана.

Во целиот овој период „Автоперална ГТЦ“ продолжила да не плаќа кирија, па така долгот сосе каматите пораснал до 16.000 евра.

„Што му фали на синот?“

Амди Бајрам е недостапен за коментар | Фото: Роберт Атанасовски

БИРН за овој случај го контактираше поранешниот директор на ГТЦ, Аго Абазовски.

Тој вели дека не е точно оти не се плаќала киријата, нешто, сепак, било подмирено, меѓутоа на прашањето зошто не ја активирал клаузулата за раскинување на договорот кога веќе имало повеќе од две неплатени рати, тој одговори:

„Па, не им одеше најдобро и требаше да им се излезе ‘у сусрет’.“

Според него сосема е легално тоа што побарал извршителот да не ги наплаќа парите, фирмата му ветила дека ќе го стори тоа во рок од 30 дена. Меѓутоа, Абазовски не знае дека сега сметката е блокирана и вели дека, сепак, долгот може да се наплати од основачкиот влог.

Фирмата-должник е основана со непаричен влог од 5.000 евра.

„Па, 5.000 евра малку ли се?“, беше коментарот на Абазовски за долгот од 16.000 евра.

Иако ситуацијата со пералницата не се разрешила, во мај 2017 Абазовски склучил договор со нова фирма со слично име „Автоперална ГТЦ-Карвош“ и со сопственик кој повторно е во релација со семејството Бајрам.

Врската ја потврди и поранешниот директор Абазовски во разговорот со БИРН.

„Па, што му фали на него?“, беше одговорот на нашето директно прашање дали знае дека бизнисот со пералницата во ГТЦ се врзува со Габриел Бајрам.

„Сѐ си е легално, се јавила фирма и си добила. Тоа правниот сектор го правеше“, коментираше екс-директорот на ГТЦ.

ГТЦ и Абазовски со новата фирма потпишале речиси идентичен договор, додуша овој пат наместо 411 се пазариле за кирија од 452 евра, меѓутоа овој пат во новиот договор со италик ја потенцирале клаузулата која вели дека спогодбата може да се прекине, ако не се платат две последователни рати.

Според нашите информации оваа фирма сега плаќа кирија.

Официјално сопственик на новата фирма е 36-годишната Ханумша Бајрам, која живее на адреса во скопски Бутел, каде што официјално се водат таткото и синот Амди и Габриел Бајрам.

Токму прашањето за совпаѓањето на адресата на оваа фирма со живеалиштето ни предизвика закани и нервоза во телефонскиот разговор со Габриел Бајрам.

Дополнително, при обидот да ја посетиме адресата нѐ пресретна маж кој откако го прашавме за името на улицата, но не му кажавме кого бараме ни се закани повеќе да „не нѐ види таму“.

Во пералницата најдени украдени предмети

Полициска белешка открива дека се криеле украдени лаптопи во пералницата | Фото: БИРН

Во септември 2015 година, момче од Гостивар насилно влегло во неколку скопски фирми и оттаму украло лаптопи, мобилен телефон и видеокамера, предмети кои подоцна полицијата ги нашла во пералницата во ГТЦ.

Момчето на полицајците им кажало дека автопералницата е во сопственост на Габриел Бајрам.

Иако полицијата се сомневала дека помладиот Бајрам го поттикнал момчето да краде, сепак Обвинителството му поднело кривична пријава само за прикривање на украдените предмети. Тоа дело и го признал и бил осуден да плати 73.800 денари во рок од шеесет дена.

Постариот Бајрам е еден од пратениците со најдолг стаж во Парламентот, прв пат влезе во Собранието во 1994 како дел од коалицијата на СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски. Подоцна ѝ се придружи на Владата на Љубчо Георгиевски, па беше во затвор поради аферата со штипската текстилна фабрика „Македонка“, а по излегувањето повторно се здружи со ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски.

Соработката со Груевски му траеше најдолго, речиси деценија и во тој период Амди Бајрам се „истакна“ со средниот прст кон опозициските демонстранти на фамозниот 24 декември 2012 и со митингашките пораки за Заев, кога му се закануваше со „кафез висок три метра“.

Во меѓувреме на неговите ромски балови редовен гостин беше поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Љубовта со ВМРО-ДПМНЕ официјално му заврши пред Нова година. Излезе од опозициската коалиција, а подоцна и гласаше за новиот Закон за употребата на јазиците, подготвен од владејачкото мнозинство предводено од Зоран Заев и од Али Ахмети.