Анализи

Што (не) сакаше да „откопа“ полицијата во ГТЦ

Нерасчистените подрумски „тајни“ и постапувањето на полицијата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Една недела откако полицијата влезе во Градскиот трговски центар да проверува дали копачи на криптовалути „крадат“ струја, случајот е затворен. Сепак, за кратко време се создаде „згура“ од оправдано незатворени сомнежи.

Додека јавноста „принудно“ почнува полека да учи што се тоа криптовалути, а случајот избледува, „зјае“ дилемата дали полицијата предвреме се откажа од испитување на случајот.

Особено ако се земе предвид акцијата од викендот, кога двајца од секторот за информатика во Железници беа уапсени, откако претходно биле пријавени дека ја користеле канцеларијата како „рудник“ за криптовалути, а потрошувачката на струја скокнала.

Таков „скок“ во потрошувачката во ГТЦ не е забележан, ако се суди според изјавата на директорот Ѓоко Трајчевски, но тој, за БИРН, потврди дека фирмата на Габриел Бајрам не плаќа сметка за струја, од проста причина што во повеќето магацини нема броила, па нема ниту во просторијата што од април годинава ја закупила неговата „Клиник трејд“.

Семејството Бајрам демантираше дека некој од нив копал криптовалути, меѓутоа останува дилемата дали Габриел Бајрам го искористил фактот што во магацинот нема броило и „копал“ биткоини без да плаќа струја.

Ова, како и фактот што во август  годинава до МВР стигнала пријава за истиот простор и за истото дело и полицајците биле на истата локација и дошле до истиот заклучок како и пред една недела, нужно го отвора прашањето за постапката на полицијата во овој случај.

Заклучоците и талкачкиот фокус на потрагата

Градскиот трговски центар не пријавил кражба на струја | Фото: БИРН

Телефонот на дежурниот скопски обвинител попладнето на 16 ноември, кога медиумите на големо „со слика и тон“ информираа за пријавата за нелегален струен приклучок за копање криптовалути во подрумот на ГТЦ,  сигурно ѕвонел за друго, но не и за овој настан.

Службата за односи со јавност во Обвинителството за БИРН одговори дека никој до нив не пријавил ништо.

„До овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесена кривична пријава од оштетено физичко или правно лице, ниту известување за настанот за кој покажувате интерес“.

Ниту дежурниот обвинител, ниту неговиот заменик не биле прашани за насоки што да прават со пријавата што стигнала во 12.45 часот, дека во подрумските простории на ГТЦ, кои се на околу двесте метри од скопското обвинителство, „имало поставено машини за копање криптовалути“.

Тоа значи дека полицијата во вторникот, без насоки од јавен обвинител, по излегувањето на терен, самата проценила дека нема кривично дело.

МВР експресно соопшти дека пријавата е за лица што краделе струја за „да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со криптовалути“.

БИРН испрати неколку прашања до полицијата во обидот да дознаеме врз основа на што заклучиле полицајците дека немаат основи да побараат контакт со обвинител или да преземат дополнителни чекори.

Прашавме дали полицајците направиле попис на предметите и фото/видео документирање на просторот во конкретниот ден, потоа, кој ја дал насоката за да се повлечат полициските службеници од ГТЦ, дали воопшто МВР може да констатира постоење/непостоење кражба на струја…

Наместо конкретни одговори, добивме поопширно појаснување на Законот за кривичната постапка и на Правилникот според кој постапува полицијата.

Полицијата во одговорот објасни дека ЕВН и Градскиот трговски центар не пријавиле кражба на струја.

При откривањето на ова дело, најчесто се јавувале „појава на дефекти на места каде што се инсталираат компјутери за таа намена, а се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката“.

Освен тоа, посочија дека при кражба на струја имало „контроли на напојни точки каде што енормно е зголемена потрошувачката, а таа не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите“.

А сето тоа може да го констатира само дистрибутерот на електрична енергија.

Но, не само тоа. Појаснуваат и дека копањето криптовалути не е кривично дело, па „не постои основа за преземање дополнителни активности од страна на полицијата“.

Ова значи само едно – за полицијата од таа вечер нема повеќе работа во ГТЦ.

Во одговорот, кој помалку наликува на оправдување за постапките на МВР, пишува уште нешто, дека „сопственоста се гарантира со Уставот и законите и сопствениците имаат загарантирано право да располагаат со истата по своја волја“.

Повикај обвинител за сешто, но не и кога има „нешто“

Проблематична беше и автопералната на семејството Бајрам во ГТЦ | Фото: БИРН

БИРН разговараше со неколкумина обвинители и истражители за случајот. Сите се повикаа на Законот за кривична постапка, кој го регулира ова прашање.

Велат, нормално е што полицијата веднаш излегла на самото место и дека има право да процени дали за некој настан треба да го извести обвинителот за да добие насоки дали и како да постапува.

Но, имајќи ја предвид праксата, според која, слободната проценка на полицијата досега значела и повик до обвинителот што да се прави во случај со далеку побенигни случаи како за „украдени кокошки“, овде полицијата требало да побара консултација со јавен обвинител.

Ова особено ако се знае дека на првичните видеа што беа споделени во јавноста се гледа дека во подрумот има компјутерска опрема и ригови.

Непосредно откако полицијата замина од ГТЦ, во јавноста беа споделени други видеа, од кои се гледа дека компјутерската опрема се „багажира“ од магацинските простории на трговскиот центар.

„Тоа во правна смисла биле средства за извршување на кривичното дело“, вели обвинителка за БИРН и дополнува дека полицијата најмалку што можела да направи е да ги попише предметите, или да побара насока од обвинител да се запечати просторот и да се обезбедат дополнителни докази, кои натаму со стручно вештачење би потврдиле дали има основа за отворање истрага.

Историја на инциденти

БИРН пред три години пишуваше дека бизнисот со миење автомобили, во времето кога државниот трговски центар беше под контрола на партијата на Амди Бајрам, во два наврата го добиле фирми поврзани со неговиот син Габриел.

Дополнително, фирмата што во првиот период ја водела пералницата, не плаќала кирија на ГТЦ.

Во истата пералница, пред речиси шест години полицијата нашла украдени камера и два лаптопа и за овој случај Габриел Бајрам бил осуден на парична казна од околу 1.200 евра. Иако полицијата се сомневала дека помладиот Бајрам, меѓу другото, ја поттикнал и кражбата, сепак, на крајот е осуден само за прикривање на украдените предмети во пералницата.

И портпаролот на закупците на подрумот, Сеат Исмаил, на прес-конференција недвосмислено потврди дека во подрумот имало компјутерска опрема, но оти таа била уредно увезена со платена царина, нешто што во основа е нерелевантно за случајот.

Според праксата, кражба на струја пријавува дистрибутерот. Но, тоа не значи дека е исклучена можноста преку вештачење да се утврди дали некој можел да се приклучи на заедничко броило и на тој начин преку заедничката сметка да „влечел“ струја за џабе, за да заработи.

БИРН праша и еден од новинарите што биле на самото место попладнето уште пред да се дојде полицијата.

„Ѕидовите беа жешки“, ни рече. Имаше пет/шест полицајци дојдени со една марица“.

Според неговото тврдење, полицајците дошле околу 17 часот, а заминале по околу еден час од ГТЦ.

Новинарот ни раскажа и дека од она што го видел на самото место, полицијата воопшто не влегла во подрумските простории, туку само околу подрумот.

Се присети дека целиот простор околу подрумот бил со многу камери, што според него, „фрла сенка“ за потребата од толкав надзор во магацинскиот простор на трговскиот центар, кога толку камери нема во самиот трговски центар.

Според мислењата на обвинителите, сега е веќе предоцна да се бара што било во случајот, во услови кога и да се отиде на терен, веќе ништо не е исто.

Веројатно е дека подрумот е испразнет, а сомнежите се затворени, без воопшто да бидат докрај истражени.