Анализи

ГТЦ го нарачал, а „Дом дизајн“ го нацртал проектот за зелениот покрив

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Проектот предизвика главно негативни реакции | Фото: УНДП јавни набавки

Проектот за зелена градина на мал дел од покривот на Градскиот трговски центар во Скопје, кој предизвика главно негативни реакции во јавноста и кај стручната фела, е изработен од компанијата „Дом дизајн“, а нарачан од управата на ГТЦ. Ова го покажува тендерската документација што може да се најде на страницата за јавни набавки на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која заедно со Град Скопје е партнер на проектот.

Управата на ГТЦ била задолжена да обезбеди проект, УНДП да спроведе тендер, а Град Скопје да ја плати изработката на градината, која според медиумските извештаи од презентацијата што се одржа во вторникот на 19 февруари ќе чини меѓу 500 и 600 илјади евра за површина од 1.800 квадратни метри, или по околу 300 евра за квадрат. Станува збор за една десеттина од вкупната површина на ГТЦ, на аголот меѓу ЕЛЕМ и Стопанска банка, а покривот на преостанатите 13.000-14.000 квадрати засега ќе остане бетонски.

Изборот на изведувач се одвивал преку УНДП бидејќи проектот е дел од нивната иницијатива за справување со топлотните острови во Скопје – места со многу бетон и асфалт, каде што температурите се неколку степени повисоки од просечните во градот во ист момент. УНДП веќе изработи мапа на топлотните острови за целиот град, на која може да се види и ГТЦ. Иако тендерот бил распишан во октомври и рокот му бил продолжен до 14 декември минатата година, од канцеларијата на УНДП нѐ известија дека сѐ уште не е потпишан договор со изведувач.

Договорот за проектот необјавен

Покривот на ГТЦ и делот што ќе се озеленува | Фото: Google Maps

Според проектната документација по која се распишал тендерот, автор на проектот е Антон Кајтази, еден од сопствениците и управител на „Дом дизајн“. Тој приложил соодветна лиценца издадена од Комората на архитекти и инженери, како и лиценца за компанијата издадена во 2016 година од тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Од интернет-страницата на „Дом дизајн“ може да се види дека нивната основна дејност е агенција за недвижности, а проектирањето и изградбата се меѓу дополнителните услуги што ги нудат.

Наспроти ваквите интензивни зелени покриви, екстензивните се пет или повеќе пати поевтини. Кај нив има само плитко полнење со земја и се садат издржливи видови треви или ниски растенија, со минимална опрема, поради што трошоците за одржување се занемарливи.

Архитектонската фела порача дека, наместо да се оди со „наметнат“ и „таен проект“, треба да се распише конкурс за зелениот покрив на ГТЦ. Но, нема информација како и зошто акционерското друштво во државна сопственост Градски трговски центар ја одбрало токму оваа компанија за да го изработи проектот. Тој договор го нема на страницата на Бирото за јавни набавки, каде што името на „Дом дизајн“ може да се најде, сѐ на сѐ на четири договори, сите потпишани со локални самоуправи во 2018 година во вкупна вредност од околу 120 илјади евра. Најголемиот е за изработка на фасада на основно училиште во Општина Центар (115 илјади евра), а другите се за изработка на проект за осветлување три пасажи за Град Скопје, како и за проект за уредување на просторот околу водопадите на Беласица со амфитеатри, потпишан со општина Ново Село.

Колку трева, толку бекатон

Проектот подготвен од „Дом Дизајн“ | Фото: УНДП јавни набавки

Во проектот може да се види дека од површината од 1.800 квадратни метри што ги најави градоначалникот Петре Шилегов, 279 квадрати се одвојуваат за кафе-барот, и тоа 144 за внатрешниот дел и 135 за терасата. Детално е опишано како тој треба да се изгради. Надворешните ѕидови треба да се изѕидаат од сипорекс-блокови, што значи нема да биде монтажна градба.

На зелениот покрив ќе има речиси еднаква површина на трева (475 квадрати) и на бекатон плочки (458 квадрати). Шаховската табла ќе зафати 23 квадрати, а трите фонтани со гејзери околу 150 квадрати. Ќе бидат насадени 29 дрвја и поголем број грмушки и други растенија.

Ниту од Градот, ниту од ГТЦ не добивме одговор зошто се одлучиле да постават т.н. интензивен зелен покрив, со дрвја, други растенија и фонтани, поради кои е потребно длабоко полнење земја и инсталација на различна водоводна и електрична опрема, пумпи, светилки и друго, и чие одржување е скапо. Нема одговор ниту зошто е одлучено да има угостителски објект на покривот. Има само претпоставки дека од неговото издавање ќе се плаќа за одржувањето на градината и на целата вградена опрема.

Според понудите што различни компании ги имаат објавено на интернет и според академски есеи на оваа тема објавени од различни универзитети, наспроти ваквите интензивни зелени покриви, екстензивните се пет или повеќе пати поевтини. Кај нив има само плитко полнење со земја и се садат издржливи видови треви или ниски растенија, со минимална опрема, поради што трошоците за одржување се занемарливи.