Анализи

И гулаш од срна на менито на поранешни владини функционери

Божиновски за една година потрошил 6 илјади евра за репрезентација

Да се разгледуваат трошоците што ги правеле дел поранешни министри во текот на минатата година за ресторански и угостителски услуги, е исто како да се гледа готвач со кулинарски специјалитети што многумина не можат да си ги дозволат.

Од засега добиените податоци од повеќе државни институции (министерствата за информатичко општество и администрација, надворешни работи, култура, труд и социјална политика и транспорт), несомнено може да се заклучи дека најголемиот луксуз кога станува збор за храната си го дозволувал поранешниот генерален секретар во Владата, Кирил Божиновски.

Тој во 2016 година, преку фактури и преку службената картичка, потрошил над 6 илјади евра за ручеци и вечери. Според сметките, не може да се види колку луѓе јаделе и пиеле, но може да се заклучи дека станува збор за храна која се смета за ексклузивна и заради тоа ретко се наоѓа во нарачките на обичните граѓани кога седнуваат во ресторан.

Лигњи во сос од домати, шкампи во сос од бадем, октопод во маслиново масло, лосос жилиен, печено прасечко, вино од над 2.000 денари, орада на жар, крцкава патка, пржен сладолед, дива ципура, динстан дивеч и гулаш од срна биле дел од менито на Божиновски и на неговите гости во текот на 2016 година.

Од службената картичка Божиновски потрошил над 5 илјади евра, а преку фактури за угостителски услуги платил над илјада евра.

Колку за пример, во ресторанот „Јавор“ во Мрзенци во август минатата година, Божиновски потрошил 10.800 денари за риба – лаврак, а целиот цех изнесувал 15.720 денари. Трошоците за угостителски услуги најчесто ги правел во рестораните Воденица, Рустикана и Меана Б. Една од највисоките сметки  е направена во ресторанот Камник, кога биле платени над 16 илјади денари за различни специјалитети како цезар салата со фазан, специјалитет на куќата, динстан ловечки дивеч, гулаш од срна и сл.

Од галеријата што следува можат да се видат дел од фискалните сметки што БИРН ги доби преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а се однесуваат на репрезентативни трошоци на поранешниот генерален секретар на Владата.

Сметките за храна за некои се јавен, а за некои министерства личен податок

БИРН точно два месеца се обидува од сите министерства да добие одговори за потрошените средства од буџетот за репрезентација. Според досега пристигнатите одговори, може да се заклучи дека не постои унифицираност во делот дали информацијата е јавен, личен или класифициран податок. Па така, од Министерството за внатрешни работи првичниот одговор што го добивме е дека сметките за угостителски услуги се „личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци.“

Комисијата за пристап до информации ја прифати нашата жалба и го задолжи МВР да ни ги достави фактурите и фискалните сметки за угостителски услуги, кои сè уште ги чекаме.

Слична ситуација имавме и со Министерството за финансии, од каде што ни кажаа дека мора да се изврши контакт со Дирекцијата за заштита на лични податоци, бидејќи на некои фискални сметки и фактури стоеле имиња и презимиња на лицата кои ги подигнале, па откако се реши дилемата, ги доставија податоците. За разлика од нив, некои министерства како МИОА, Министерството за култура и за труд и социјала, без проблем ги доставија сметките. Во Министерството за одбрана пак, претходно овие податоци биле класифицирани како „интерни“. Новата министерка Радмила Шекеринска состави комисија која ги декласифицираше, па се чекаат одговори на нашите барања.

Дел од министерствата пак, како на пример Министерството за здравство, за животна средина и за образование и наука воопшто не нè удостоија со одговор, и покрај поднесените жалби. Министерството за локална самоуправа и за правда пак, ни достави само вкупна сума на направени трошоци за ресторански и угостителски услуги, но не и поединечните фактури и фискални сметки.

Владата ќе подготвува нов правилник за репрезентација

Неунифицираност во однос на трошоците, според она што досега го добивме како податок, постои и во делот за тоа што значат трошоци за репрезентација. Од Владата велат дека досега не постоел правилник за тоа што смее министерот да купува од службената картичка, а што може да плаќа преку фактура. Па така, ако во МНР се трошеле пари за службени ручеци и вечери со странски делегации или при службени средби, во Министерството за труд и социјална политика од буџетски пари се купувало јогурт, леб, млеко, банани, грозје и мандарини. Во Министерството за култура, пак, под превезот репрезентација, се купувале и цигари и мастики од бензиски пумпи.

Откако БИРН ја отвори темата за начинот на кој се трошеле буџетските пари за репрезентативни трошоци, наидовме на комплетно различни толкувања за тоа дали тие податоци се јавни, лични или класифицирани, како и на отсуство на регулација за тоа што значи репрезентација на едно министерство и колку високи суми биле трошени за луксузни ручеци и вечери

Во Законот за спречување на корупцијата се вели дека „избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени. Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење.“

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за БИРН рече дека прашањето за трошењето на буџетските пари за репрезентација било отворено во Владата и ќе се подготвува правилник за тоа што смеат, а што не смеат да купуваат државните функционери со службените картички.

„Кога дојдов во Министерството, ми рекоа да ви дадеме картичка, јас реков дека не сакам. Ми рекоа имате лимит, а јас прашав за што е тој лимит, за што се троши. Ако е за делегација, ако е за средба со меѓународна заедница или нешто слично, во ред, тоа за мене е репрезентација. Но,  мојот ручек не е репрезентација. Ако сите други граѓани можат да си купат ручек и со минимална плата, и министерот ќе си купи ручек со својата плата. И затоа побаравме на ниво на Влада да се направи правилник. Кога ќе се уреди, ќе биде многу појасно кој како ги троши парите и дали е нешто прекршено“, рече таа.