Интервјуа

Царовска: Нема да дозволам нечии џебови да се полнат, а системот да не функционира

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Со своите 33 години, Царовска е една од најмладите жени – министерки | Фото: З. Ричлиев

За себе вели дека не е политичар, туку социјален работник. Според разговорот што го води, така и настапува – го нема речникот на политичар, оној дипломатскиот, формалниот, кога одговараат долго, за да кажат многу малку.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, е една од ретките жени што седнува на челното столче на Mинистерството, кое беше мошне затворено за јавноста. Со своите 33 години, таа е и една од најмладите жени – министерки во историјата на Македонија, но нејзиното искуство во делот на социјалните права и социјалната заштита започнува уште пред 13 години, па оттаму влева надеж дека како човек што ги знае работите на теренот, подобро ќе се соочи со предизвиците кои произлегуваат од овој сектор – децата на улица, социјалните случаи, ранливите категории граѓани, правата на работниците, синдикалните права, регулирањето на работните односи.

Царовска гарантира дека одлуките нема да се носат на политичка основа, бидејќи, како што вели, нема политичка кариера којашто може да ја изгуби, но има кредибилитет и интегритет кои нема да дозволи да ги погази 

Во разговорот што го водевме, Царовска не настапуваше во улога на политичар. На моменти дури зборуваше во сегашно време за нејзината долгогодишна работа во невладината Х.Е.Р.А (Асоцијација за здравствена едукација и истражување), па потоа се исправаше.

„Точно, уште сум поврзана со Х.Е.Р.А. Многу ми беше тешко излегувањето оттаму. Кога дојдов во Министерството не можев да преболам дека морам да направам „cut“ (исечок) на еден дел од себе“.

Но, од позицијата министер таа се надева дека ќе може директно да одлучува за она за што претходно морала да тропа на многу врати за да може да избутка одреден проект или да најде решение за горливо прашање.

„Едно е кога гасиш пожар, друго е кога градиш систем“, се обидува Царовска да ја долови разликата од тоа како е кога работиш во невладин сектор, до тоа како е кога си на одговорна позиција во министерство.

Јас и администрацијата треба да бидеме слуги на граѓаните

Ручеци на министри нема да влегуваат како репрезентативни трошоци

Царовска најавува и уште една промена, која БИРН веќе ја отвори како проблем, а тоа се трошоците за репрезентативни услуги што ги користат министрите, нивните заменици, државните секретари и останатите службени лица кои на фактури и преку службени картички можат да плаќаат ресторански и угостителски услуги. БИРН веќе пишуваше дека токму во Министерството за труд и социјална политика од парите за репрезентација се купувало леб, јогурт, млеко, овошје. И покрај тоа што сумата за овие трошоци не беше висока, под сомнеж се стави начинот на кој се трошеле парите за репрезентација.
Новата министерка вели дека од Владата било побарано да се направи правилник кој точно ќе уредува што влегува во репрезентативни трошоци.
„Кога дојдов во Министерството, ми рекоа да ви дадеме картичка, јас реков дека не сакам. Ми рекоа имате лимит, а јас прашав за што е тој лимит, за што се троши. Ако е за делегација, ако е за средба со меѓународна заедница или нешто слично, во ред, тоа е за мене репрезентација. Но,  мојот ручек не е репрезентација. Ако сите други граѓани можат да си купат ручек и со минимална плата, и министерот ќе си купи ручек со својата плата. И затоа побаравме на ниво на Влада да се направи правилник. Кога ќе се уреди, ќе биде многу појасно кој како ги троши парите и дали е нешто прекршено.“

Царовска изгледа мошне сигурна во себе, зборува полна со енергија и не користи политички туку директни термини за да долови колку одредени работи во нејзиниот ресор не работат како што треба. Вели дека во Министерството се вработени 329 лица, и веднаш додава „што ќе ми се мене толку луѓе?“

„Побарав од Министерството за информатичко општество и администрација да направи функционална анализа на вработените, колку луѓе ми се потребни овде. Не ми требаат сите, но им требаат на центрите, им требаат на установите. Тие повторно ќе примаат плата од Министерството, но ќе работат во интерес на граѓаните. Јас ако сакам центрите да работат во две смени, ќе мора да направам прераспределба. Нема да ги отпуштам, но ќе ги ставам на позиции да им служат на граѓаните. Администрацијата е слуга и јас сум слуга на граѓаните.“

Она што најмногу ја шокирало кога ја презела позицијата министер биле високите хонорари што ги примале вработените во Министерството, преку учества во разни комисии и работни групи (комисија за лиценцирање, комисија за посвојување, работни групи формирани по закон и слично). Членовите на тие комисии, освен што земале плата од Министерството, како хонорар земале уште една плата, бидејќи членувале во комисии во текот на работното време. Дел од нив, надвор од платата, заработувале хонорар кој достигнувал и до 50 илјади денари. 

„Така и сфатив зошто им било слатко да работат во администрација. Отсекогаш сум се прашувала како може млад човек да сака да работи во администрација. Постојат толку многу можности за да се развиваш, преку слобода на мисла, слобода на говор, пред да влезеш во администрација, но видов дека многу луѓе го сакаат тоа и сфатив зошто – навистина имало привилегии“, вели таа и додава:

„Сега носам нов правилник околу плаќањето. Членовите на комисиите кои работат во текот на работното време, ќе земаат по 500 денари месечно, колку да имаат за кафе. Нема да дозволам нечии џебови да се полнат, а ништо да не функционира. Ако сѐ функционира, ако застанеме на нозе и направиме функционален систем, потоа ќе нема проблем, сè што ќе доаѓа како анализи, креирање на политики ќе се плаќа, бидејќи стандардот на општеството ќе се подигне. А сега, кога сме на дното, јас да исплаќам пари за ова, па тоа се пари фрлени во дупка, бидејќи општеството нема поврат од нив“.

Ние не сме луѓе во односот со други луѓе и тоа мора да се смени

Кога влегов во Заводот во Демир Капија увидов дека ние не сме луѓе во односот со други луѓе | Фото: З. Ричлиев

Желбата да работи во делот на социјалната заштита, Царовска ја добила уште во четврта година средно образование, на часовите по билогија, кога учела за генетика. Професорката по биологија решила да ги однесе во Заводот за лица со интелектуална попреченост во Демир Капија за да „видат што значи погрешно спојување на гени“.

„Кога влегов во Заводот увидов дека ние не сме луѓе во односот со други луѓе, независно колку тие се во лоша состојба. Уште тогаш ја имав идејата дека ова едноставно мора да се смени.“

Тогаш Царовска решава да се запише на Факултетот за социјална работа и социјална политика, каде што почнува да волонтира на терен уште од втората година на студиите. Почнала да волонтира во организација за поддршка и социјален развој на лица со ментален хендикеп и работела со дечиња со попреченост. Се вклучила и во невладината „Меѓаши“ и Здружението на социјални работници и работела на СОС линија за помош од дрога и ХИВ/СИДА, а носела и група од Домот за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“ на дополнителна едукација. Потоа се вклучила во ХОПС како волонтер и работела со сексуални работнички. 

„Одев на терен пред МКЦ секоја втора вечер, делев кондоми, информативни материјали, закажував здравствени прегледи, а утредента со дел од сексуалните работнички одев во придружба со социјални работници – луѓе кои целосно ми го предадоа занаетот за тоа како се работи со клиенти кои се во даден ризик.“

Граѓаните немаат доверба во системот

„Ова е професија која бара луѓе, полна е со животни приказни, бара да се соочуваш. На почетокот кога работев со сексуални работнички кај мене имаше многу шокови, се соочуваш со реалниот живот. До ден денес се сеќавам на еден случај, до толку бев внесена дека морам да ѝ помогнам на жената, бидејќи беше претепана. Беше бремена, јас одев со неа на прегледи, а беше и хероински зависник. Нејзиниот макро ми дозволуваше да ја разбудам, да ја земам на гинеколог и да ја вратам. Кога ја видов претепана и кога ми призна, јас ѝ реков дека не ја враќам назад, дека ќе ѝ се најде адвокат и ќе извадиме медицинска документација. И ми рече дека ќе размисли. И кога се вратила дома, му кажала на својот макро. Тој тогаш ја загуби целата доверба што ја имаше во мене. Јас тогаш сфатив дека на некои луѓе можеш да им помогнеш, а на некои не, па затоа сега е клучно луѓето да ја вратат довербата во системот.“

Потоа ја почнува својата работа во Х.Е.Р.А, прво како социјален работник во Шутка, за брзо да напредува и да стане програмски координатор на целата програма за пристап.

„Така почнав да работам на унапредување на сервиси за семејно насилство, отворавме шелтер центар во Струмица, прв семеен центар во Скопје, ромски здравствени медијатори, родово одговорни програми.“

Во 2013 година, кога му кажува на извршниот директор на Х.Е.Р.А дека ќе се вклучи во комисијата како член на економско социјалниот совет во СДСМ, тој ѝ се налутил.

„Ми рече, имаш многу капацитет за да имаш потреба од партија. Но, јас се прашував, каде е вистинската промена? Работев на многу проекти, имам работено со многу донесувачи на одлуки, бидејќи јас за да ги протуркам моите проекти сум кажувала што треба да се смени. Ама ако сакам утре да бидам сигурна дека нештата ќе се сменат, или ќе ми дадат можност да го направам тоа или никој не може да го направи така како што јас сум замислила“, објаснува Царовска.

Така и согледала дека треба да се вклучи во политичка партија, прво како член на економско социјалниот совет, а потоа и како претседател на Комисијата за труд и социјална политика.

Сепак, и покрај влегувањето во политиката, социјалниот работник никогаш нема да излезе од Царовска, бидејќи таа оддава впечаток дека нема да го дозволи тоа. Само што сега, како министер, нема да има толкави можности да работи директно на терен и да се соочува секојдневно со животните приказни со кои досега се среќавала. Но, тој порив да се помага, тешко се избива од човечкиот карактер. Па така, од нејзиниот автомобил пред неколку дена на семафорите во Автокоманда го видела човекот кој долго време питачи, држејќи картонче пред себе. 

„Мене такви случаи ме потресуваат. Тој живее во едни бараки, не остварува никакви права и е во лоша здравствена состојба. Веднаш пратив тим да го види и да видиме што можеме да направиме. Чичино село, колку и да е лошо, не е полошо од тоа каде што сега живее. И храна ќе има, ќе си спие. И ме одби. Тоа докажува дека луѓето немаат доверба во системот, јас тоа можам да го заклучам. Мислат дека нешто ќе им направиме, ќе им одземеме. Ама таа доверба со време мора да се враќа, преку ноќ ништо не може“, вели Царовска.

Социјална заштита, наместо споменици

Социјалната заштита е приоритет и нема да имам притисок да ми ги грабаат парите и да ги вложуваат во споменици | Фото: З. Ричлиев

Децата на улица, чиј број се зголемува од година в година, запоставениот пензиски систем, висината на социјалната помош, опфатот на децата во градинките се само дел од проблемите кои приоритетно ќе се решаваат во Министерството на Царовска.

„Државниот инспекторатот за труд не си ја врши работата. Направив јавна расправа за разгледување на новата Стратегија за безбедност и здравје при работа и таму треба да се предвидат финансиски средства за да се унапредат некои работи. Инспекторатот за труд ќе мора да работи, со капацитетот што го има, но ќе мора да одговара на телефон и да излегува на терен и да не работи во интерес на никого, освен на работниците“, вели Царовска, додавајќи дека во делот на безбедност и здравје при работа се потребни големи промени со оглед на фактот што 24 работници се загинати на работното место во 2015 година, а во Македонија сè уште нема ниту регистар за високо ризични професии.

„Веќе е формирана работна група за да почне да работи на закон за работни односи, односно реконструкција, зашто мора да се донесе нов, бидејќи моменталниот е хаотичен. Минималната плата е нешто што прво ќе го донесеме во првите 100 дена.“

За неа е посебно важно синдикалното организирање, бидејќи, како што вели, дури и Македонија да има најдобар Инспекторат за труд, тој не може да стои пред врататат на секоја фирма и да чека дали ќе се прекрши право.

Инспекторатот за труд ќе мора да работи, со капацитетот што го има, но ќе мора да одговара на телефон и да излегува на терен и да не работи во интерес на никого, освен на работниците

„Сметам дека секоја фирма со над 20 луѓе мора да има синдикат за да мора да потпише колективен договор. Со закон за работни односи се уредуваат основните работнички права, додека сè останато се уредува со колективен договор. Кога ќе потпише, работодавецот со работниците влегува во процес на преговарање. Како Министерство имаме обврска да следиме како се спроведува колективното договарање. И кога ќе го натерате работодавачот да почне да преговара за правата на работниците, тогаш сте во многу подобра позиција. Да, тој секогаш може да најде блиски до себе во фирмите, па до сега зарем дел од репрезентативните синдикати не беа блиски до власта?“

Царовска гарантира дека одлуките нема да се носат на политичка основа, бидејќи, како што вели, нема политичка кариера којашто може да ја изгуби, но има кредибилитет и интегритет кои нема да дозволи да ги погази. 

„Ако некој согледа дека инспекторатот излегол на терен и не казнил некого зашто е близок до овој или оној, нека дојде кај мене. Јас  можам да се носам со тоа. Зошто ако некој прекршил работнички права, независно од која партија е, тој мора да е казнет. Ако на еден му попуштиме, како ќе го казнам следниот!? Или сите, или никој, нема опција делумно спроведување правда.“

На нашето прашање дали мисли дека ќе чувствува притисоци од Владата во однос на скратувањето на буџетот или пак, за евентуални партиски вработувања, таа одговара дека се чувствува безбедна во тој дел.

„Среќна сум што премиерот и министерот за финансии се на иста линија со мене дека социјалната заштита е приоритет на оваа влада и тука нема да имам притисок да ми ги грабаат или исклучуваат парите и да ги вложуваат во споменици.“