Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за конференцијата на БИРН, рече дека слободата на медиумите на Балканот „останува точка на особена загриженост“ за Европската комисија – особено прашањето на владиното мешање и заканитe против независноста на јавните радиодифузни сервиси
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за конференцијата на БИРН, изјави дека состојбата со слободата на медиумите на Балканот предизвикува голема загриженост која бара итно внимание.
Хан рече дека слободата на медиумите на Балканот „останува точка на особена загриженост“ за Европската комисија – особено прашањето на владиното мешање и закани против независноста на јавните радиодифузни сервиси.
„Се соочуваме со важни предизвици кои мора итно да бидат адресирани“, рече Хан во своето видео обраќање на регионалната конференција за медиуми на БИРН во Сараево.
„Покрај владиното мешање, повеќе напори мора да се посветат и на политичката и финансиска независност на регулаторните тела, како и на поефективно функционирање на саморегулацијата“, рече Хан.
Европскиот комесар рече дека ќе продолжи да ги притиска владите во регионот да остваруваат прогрес.
„Постои потреба да се справиме и со неформалниот економски притисок врз медиумите. Ова вклучува транспарентност на сопствеништвото врз медиумите и спречување на прекумерната медиумска концентрација. Не помалку важна е и транспарентноста при владиното рекламирање“, рече Хан.
Еврокомесарот потсети дека слободата на изразување и слободата на медиумите се во центарот на евроинтеграцискиот процес.
„Слободата на говорот, како и информирани и професионални медиуми се неопходни за едно демократско општество. Тие се неопходни за граѓаните да можат да одлучуваат за иднината на земјата“, рече Хан.
„Без нив, јавноста не може да ги процени различните опции, ниту да донесе заклучоци за лидерите. Без нив, се остава простор за растење на опасни предрасуди и погрешни перцепциии кои можат да ги поткопаат шансите за мир и стабилност“, рече тој.
Регионалната медиумска конференција со наслов „Предизвици за медиумската слобода“, се одржува како дел од прославата на десетгодишнината на БИРН.
„Се чувствувам лично обврзан да му честитам и заблагодарам на БИРН за скапоцениот придонес и работа за слободата на говорот и медиумите на Балканот“, рече Хан.
„Вие ги знаете далеку подобро од мене, силата на слободниот говор и на медиумите, како и сложените закани со кои тие се соочуваат во вашите земји. Во таа смисла, поддршката на професионалното новинарство и новинарскиот тренинг е клучна. Со својата цел да изгради и зацврсти посветен и тесно поврзан тим на новинари насекаде низ Балканот, БИРН е силен партнер во регионот кој нуди импресивна разновидност на сервиси“, рече Хан.
Раководниот тим на БИРН, како и медиумски експерти, се собраа во босанскиот главен град за да дискутираат за клучните предизвици кои се однесуваат на овој сектор.
На конференцијата беше усвоена и листа со препораки до владите на Балканот чија цел е унапредување на положбата на медиумите во регионот.
Препораките се резултат на заедничкиот труд на повеќе од 30 медиумски професионалци и експерти кои се собраа во Сараево еден ден порано, на регионалната работилница за слобода на говорот. Тие дискутираа прашања поврзани со работничките права, државното финансирање на медиумите и јавните сервиси, медиумскиот пазар, транспарентноста на медиумското сопствеништво, како и претставувањето на ранливите и маргинализирани групи.
Експертите се собраа во Сараево како дел од Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан, заеднички проект на фондациите ЕРСТЕ и „Фридрих Еберт“ и на институтот „Карл Раинер“, во блиска соработка со Австриското федерално министерство за Европа, интеграција и надворешни работи.
Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан нуди уникатна можност претставниците на граѓанското општество од Југоисточна Европа да ги искажат своите мислења и да формулираат конкретни барања до високите претставници на Европската унија, нејзините земји членки и до владите на земјите од Западен Балкан.
Препораките кои ќе бидат презентирани во Сараево ќе станат дел од поширокиот пакет на препораки од страна на граѓанските организации на Самитот за Западен Балкан во Виена, кој ќе се одржи во август.
Самитот е продолжение на таканаречениот „Берлински процес“, кој беше инициран во август 2014 година од страна на германската канцеларка, Ангела Меркел, со цел да ја покаже понатамошната политичка посветеност кон идното проширување на Европската унија во Западен Балкан.