Во Косово дојде до неочекуван пресврт на настаните, кога косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, во петокот одржа вонредна прес-конференција, на која објави дека поднесува оставка на својата функција, бидејќи не може, во исто време, да биде и премиер, и осомничен за воени злосторства.
„Честа на премиерот и на државата мора да се зачуваат и јас таа чест никогаш нема да ја извалкам. Одам во Хаг како Рамуш Харадинај”, рече тој, откако Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг, кое води истраги за злосторствата извршени за време и по војната во Косово, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година, го повика на сослушување.
Досега, специјализираниот обвинител, Џек Смит, и неговиот тим, сослушале десетици поранешни припадници на ОВК. Од сите сослушани, Харадинај е највисоко рангираната личност и единствениот кој поднесе оставка откако беше повикан во Хаг во својство на осомничен. Се очекува, Харадинај пред обвинителите да се појави оваа недела.
Поголемиот дел од косовската политичка елита, потегот на Харадинај го сметаат за храбар и благороден, но некои го сметаат за тактички потег, со цел зголемување на неговата популарност пред вонредните избори, кои најверојатно ќе се случат на есен.
Но, поканата за сослушување што му беше испратена на Харадинај, не е изненадување, бидејќи тој беше командант на ОВК во областите каде што се случија убиства, киднапирања и тортура на Срби, Роми и Албанци, кои биле сметани за политички непријатели. Неговото име се наоѓа во повеќето документи, извештаи и истраги, кои доведоа до формирањето на Специјализираните совети на Косово, кој ќе ги гони осомничените против кои Специјализираното обвинителство ќе поднесе обвиненија.
Харадинај изјави дека неговата војна е праведна и чесна. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) двапати го ослободуваше Харадинај од обвинувањата за воени злосторства, што за многу косовски Албанци е една од клучните причини зошто тој не треба да биде кривично гонет пред новиот специјален суд.
Случај на судско дежа ви
Двапати апсен по барање на Србија
Харадинај, и покрај тоа што двапати беше суден пред Хашкиот трибунал, двапати беше и апсен, додека патуваше надвор од Косово, по барање на Обвинителството за воени злосторства на Србија.
Првпат беше уапсен од страна на словенечката полиција во јуни 2015 година. Тој, по дипломатскиот притисок, наскоро беше пуштен, поради наводите дека српските обвинители не можат да бидат непристрасни и дека на нив се врши политички притисок.
Вториот пат, во јануари 2017 година, тој беше уапсен од француската погранична полиција. Харадинај остана во Франција до април, за кој период се разгледуваше барањето на Србија за негова екстрадиција.
Сепак, францускиот суд го одби барањето на Србија и го ослободи Харадинај, давајќи слично образложене како во словенечкиот случај.
Не е првпат Харадинај да одржи вонредна прес-конференција за да соопшти дека поднесува оставка како премиер, по повик да одговори на наводите за воени злосторства.
Во 2005 година, по само 100 дена на чело на владата, МКТЈ ја прекина политичката кариера на Харадинај. Имено, на 4 март 2005 година, Хашкиот трибунал поднесе обвинение против Харадинај и двајца негови поранешни соборци, Идриз Балај и Лаји Брахимај. Харадинај поднесе оставка и доброволно се предаде.
Во април 2008 година, МКТЈ го ослободи од обвиненијата за тортура, убиство, силување и депортација. Се врати во Косово, каде што беше дочекан како херој. „Рамуш, Рамуш, Рамуш!”, скандираа тогаш насобраните на аеродромот во Приштина.
Во воведот на својата пресуда, Советот на МКТЈ забележа дека иако добил докази од сослушувањето на близу сто сведоци, „советот се соочи со значителни тешкотии во прибавувањето на исказите на голем број од тие сведоци”.
Голем број сведоци го наведоа стравот како значајна причина за нивното непојавување пред судот, а пресудата остави силен впечаток дека судењето е одржано во атмосфера во која сведоците се чувствувале небезбедни.
Во јули 2010 година, Жалбениот совет на МКТЈ делумно ја поништи пресудата со која Харадинај беше ослободен и наложи делумно повторување на судењето, откако обвинителството го убеди судијата за жалбена постапка, дека немало доволно време да ги сослуша двата клучни сведоци.
Сепак, исходот повторно беше во корист на Харадинај и другите двајца команданти на ОВК, и тие, во ноември 2012 година, беа ослободени.
„Сведоците се плашат да зборуваат”
Според поранешнaта обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, „ истрагите што се воделе против борците на ОВК, биле најфрустрирачки од сите истраги што ги водел МКТЈ”.
Обвинението против Харадинај, дошло во последен момент за обвинителите на МКТЈ – нивниот мандат за поднесување на обвиненија се приближувал кон крајот, а собраните докази не ги исполнувале стандардите на судот, особено откако бројни сведоци ги повлекле своите искази. На крајот, Харадинај и другите двајца команданти беа обвинети само за злосторства, што, наводно, ги извршиле од 1 март до 30 септември 1998 година.
Во обвинението стоеше дека, по 24 март 1998 година, силите на ОВК под команда и контрола на Рамуш Харадинај, организирале воена кампања, за да ја преземат контролата врз областа помеѓу Глоѓане и Дечани, особено селата Дубрава, Рзниќ, Ратиш и Дашиновац, со цел да се избркаат Србите кои живееле во овие села.
Во обвинението се наведува дека силите на ОВК под команда и контрола на Харадинај, вклучувајќи ги и „Црните орли”, кои биле под директна команда на Идриз Балај, ги малтретирале, тепале и на други начини ги бркале цивилите, Срби, и косовски Роми/Египќани од овие села, а многубројни српски цивили и косовски Роми/Египќани кои останале или одбиле да ги напуштат своите домови биле убиени, по што продолжиле слични напади врз српските цивили, косовски Албанци, Роми/Египќани и други.
Според обвинението, во средината на мај 1998 година бил формиран импровизиран центар за притвор во местото Јабланица. За време на притворот, затворениците добивале многу малку храна или вода, редовно биле тепани и подложени на други форми на физичко малтретирање, а им била ускратувана и лекарска помош за здобиените повреди. Голем број затвореници во затворот во Јабланица починале поради повредите или биле погубени по наредба на обвинетите.
Сепак, доказите презентирани од обвинителството не ги убедија судиите.
Поголемиот дел од наводите што Дел Понте не ги внесе во обвинителниот акт беа објавени во нејзината книга „ Госпоѓа обвинителка”, објавена во 2009 година, во која пишува дека „сведоците толку се плашеле и толку биле заплашувани, што дури им било страв да зборуваат за присуството на ОВК во некои области, а не пак да споменат некакви вистински злосторства”.
Покрај заплашувањето на сведоците, Дел Понте вели дека поранешните врховни команданти на Косово биле одговорни за повоеното насилство и дека киднапирањата се случувале под нивна контрола. Таа како доказ наведува извештаи на Мисијата на ООН во Косово – УНМИК, сведоци, дипломати и новинари.
Таа открива дека тимовите на МКТЈ и на ООН, отпатувале во Албанија каде што се случиле киднапирањата и измачувањата, и собрале докази кои судот подоцна, откако истрагата бил отфрлена, ги уништил.
Откако беше објавена нејзината книга, Советот на Европа формираше тим предводен од специјалниот известувач, Дик Марти, кој во 2011 година објави извештај во кој наведе дека доказите сè повеќе укажуваат на тоа дека групи, вклучувајќи и високи герилци на ОВК, биле дел од криминални мрежи, детално опишувајќи ги повредите на човековите права од страна на елементи поврзани со ОВК, како и „врската” помеѓу елементите на ОВК и организираниот криминал.
По ова, ЕУ формираше работна група која спроведе тригодишна истрага за наводите во извештајот на Марти, која подготви свој извештај во кој се наведува дека постојат докази за процесирање на неименувани високи официјални претставници на ОВК за злосторства против човештвото, вклучувајќи и киднапирања и убиства, извршени по конфликтот во 1999 година.
Овие наоди обезбедија основа за истраги и потенцијално гонење пред Специјализираните совети на Косово. Според шпекулациите, Харадинај може да биде еден од поранешните припадници на ОВК, кои ќе бидат обвинети.
Харадинај, но и други косовски политичари и експерти често тврдат дека тој, доколку бил одговорен за воени злосторства, ќе бил осуден од страна на МКТЈ и го цитираат правилото non bis in idem – правен термин што значи дека судска постапка не може два пати да се покрене, за иста работа.
Сепак, опсегот на кривични дела за кои на Харадинај му беше судено пред Хашкиот трибунал е значително потесен од мандатот што сега го уживаат Специјализираните совети. Случајот пред МКТЈ беше фокусиран на период од шест месеци во 1998 година и на специфичен регион во западно Косово.
Гледајќи го законот и документите кои доведоа до формирање на Специјализираните совети на Косово, се гледа дека периодот на истрага на Специјализираното обвинителство е подолг, односно дека е две години, а опфаќа и пошироки размери на кампањата на насилство, киднапирање, тортура и убиство на Србите, Ромите и Албанците, дури и во повоените месеци.
Во пролетта 1998 година, ОВК имаше Главен штаб, но ниту еден врховен командант не беше идентификуван како лице што давало наредби. Секоја оперативна област на ОВК во Косово работела независно од претпоставениот команден орган.
Харадинај бил еден од најнезависните команданти на разни оперативни „зони” на ОВК. Тој ги извршувал своите воени операции во Глоѓан, каде што се наоѓал неговиот семеен имот, кој станал штаб на ОВК за оперативната зона Дукаѓин. До крајот на јуни 1998 година, тој ја проширил својата контрола на соседните општини Пеќ, Исток и Клина.
Хашките обвинители досега успеаја да ги сочуваат во тајност злосторствата за кои ќе бидат поднесени обвиненија. Од минатата година до денес, тие разговараа со повеќе од 35 поранешни припадници на ОВК. Повеќето од нив се спомнуваат, во врска со наводни прекршоци, во неколку документи на ООН, но и во независни извештаи, како на организации за човекови права, така и на меѓународни набљудувачи, дипломатски депеши и други извори кои Дик Марти ги користел додека го пишувал извештајот за Советот на Европа.
Според еден од овие документи, Меморандумот на УНМИК од 2003 година, кој бил испратен до МКТЈ, а кој подоцна довел до истрагата за Харадинај и за неговите соборци, Харадинај „им дал строга наредба на сите локални команданти, да го известат доколку уапсат Срби“.
Според меморандумот, неговите локални команданти работеле во областите околу Пеќ, Призрен, Сува река и Ораховац, а го воделе и логорот Тропоја во Албанија.
Во меморандумот на УНМИК, врз основа на разговори со инсајдери, се вели дека многу луѓе киднапирани од командантите на Харадинај, биле носени во логори во Албанија. Во овој документ се спомнува и Наим Малоку, сегашниот советник на Харадинај, кого хашките обвинители, исто така, го повикаа на разговор.
Потрагата по бројни жртви спомнати во меморандумот, и денес трае, а за исчезнати сѐ уште се сметаа 400 неалбанци. Потрага по нивните останки или можни масовни гробници во областа околу логорите на ОВК во Албанија никогаш не била спроведена, бидејќи мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, никогаш немала овластување да спроведе истражувања во таа област, за разлика од Специјализираните совети.
Судиите на ЕУЛЕКС во 2013 ги осудија поранешните припадници на ОВК, Сабит Геци, Риза Алија, Хаки Хајдари, Шабан Хоти и Сали Реџепи, за злоупотреба на цивилните затвореници во логорите на ОВК во Кукс и Чахан во Албанија.
Во согласност со законот со кој се формирани Специјализираните совети, обвинителството може да се потпре на судската пракса и доказите собрани од другите судови, против поранешни функционери на ОВК – вклучувајќи ги МКТЈ, ЕУЛЕКС и УНМИК, иако тие ќе мораат, таму каде што не успеале нивните претходници, да вложат многу повеќе напори, за да изградат успешни случаи.
Поканата за разговор што му е упатена на Харадинај, може да ја прекине неговата политичка кариера, но дали тој ќе се појави на суд како обвинет или како сведок, останува да се види.